Наспроти апаратите за снимање телефонски разговори, кои имаат поширока комерцијална примена и се користат во разни институции во земјава, безбедносните и разузнавачките служби во светот користат многу посовремени и пософистицирани уреди за следење на комуникациите. Повеќето од нив не чинат повеќе од сто илјади долари

Актуелната афера со незаконското прислушување во објектите на неколку правосудни органи во земјава, но и сите досегашни случаи на незаконско следење на комуникациите, ја наметнаа дилемата за достапноста на уреди и системи што ја овозможуваат таквата активност, како и за можностите за превенција и откривање на истите тие, пред сѐ поради огромниот импакт-фактор што го има тоа врз целиот безбедносен систем во државата, но и поради опасноста од масовно навлегување во приватноста на граѓаните. Во претходното издание на весникот беа посочени апаратите за снимање телефонски разговори што имаат поширока комерцијална примена и се користат во разни институции. Безбедносните и разузнавачките служби во светот, пак, користат многу посовремени и пософистицирани уреди за следење на комуникациите за кои ќе стане збор токму во овој текст.

„Стингреј“ – најспорната алатка за шпионирање
„Стингреј“ е најпознатата и најспорната алатка за шпионирање во светот што ја користат владините агенции за следење на мобилните телефони. Станува збор за кутија во облик на преносен уред, што понекогаш и се нарекува „ИМСИ-ловец“, кој собира информации од телефоните преку испраќање сигнал, со што ги намамува уредите да се поврзат со него. Алатката „Стингреј“ може во даден радиус да собере информации од идентификациските кодови на стотици телефони, како што се меѓународниот мобилен претплатнички број (ИМСИ) и електронскиот сериски број (ЕСМ). Американската ФБИ ја користи оваа алатка за да ги следи лицата осомничени за злосторства, но наведува дека не ја користи за прислушување. Според податоците на Интернет, првпат овој уред бил употребен во 2001 година и на пазарот тој чини помеѓу 68.479 и 134.952 долари.

„Госамер“ и „Тригерфиш“ ги претвораат мобилните во мегафони
„Госамер“ е мал преносен уред што може да се користи за тајно собирање информации од мобилни телефони во дадена област. Тој испраќа тајни сигнали што телефоните ги прифаќаат и на нив ги испраќаат нивните посебни кодови, кои потоа можат да се искористат за да се идентификуваат корисниците или да се следат уредите што се од посебен интерес. Според информациите објавени на Бирото за патентирање и регистрирање на заштитните знаци во САД, овој уред на неговиот ЛЦД-екран над тастатурата има можност и за „прислушување на мобилниот телефон“. Евидентирано е дека првпат бил регистриран во октомври 2001 година, а неговата цена е 19.696 долари. Апаратот „Тригерфиш“, пак, е уред за прислушување, кој тајно ги пресретнува разговорите што се одвиваат преку мобилните телефони. „Тригерфиш“ може да се користи за лоцирање на повиците на мапа и притоа може да собере голем број информации за корисниците во одредена област и да им овозможи на властите истовремено да идентификуваат кодови од речиси 60.000 телефони. Неговата вредност на пазарот се проценува помеѓу 90.000 и 102.000 долари.

„Кингфиш“ и „Емберџек“ – миленици на тајните служби
Тајните служби имаат свои миленици тоа се апаратите „Кингфиш“ и „Емберџек“. Првиот е примопредавател за надзор што им овозможува на властите да црпат информации од мобилните телефони во дадена област. Со овој уред не може да се прислушува, туку тој може тајно да собира кодови за идентификација и да покаже кои броеви биле повикани преку телефонот. Евидентирано е дека првпат бил регистриран во август 2001 година, а неговата цена е 25.349 долари. Вториот уред носи име „Емберџек“ и тоа е антена со која можат да се следат и да се лоцираат мобилните телефони. Дизајнирана е да може да се користи, како „систем за наоѓање локација“, со чија помош се следи јачината на сигналот на бараниот телефон за да му се одреди точната локација на осомничениот. Во уредот има вградено магнети за да може да се прикачи на хауба од полициско возило и е специјално дизајниран за да не може лесно да се забележи. Уредот „Емберџек“ има кружна форма и е метален, доаѓа заедно со „опрема за прикачување“. Првата употреба е забележана во октомври 2002 година, а неговата цена е 35.015 долари.

„Харпун“ и „Хеилсторм“ – софистицирани направи за шпионирање
„Харпун“ и „Хеилсторм“ – софистицирани направи за шпионирање, кои можат да прислушуваат од поголема далечина. „Харпун“ има две рачки за носење и сребрен преден дел, на кој има низа влезови преку кои може да се прикачат други уреди за следење мобилни телефони. Тој е алатка што најчесто ја користи тајната полиција на САД наречена ДЕА и неговата прва јавна употреба е извршена во јуни 2008 година. Според информациите на Интернет, цената на апаратот се движи меѓу 16.000 и 19.000 долари. „Хеилсторм“, пак, е алатка произведена од корпорацијата „Харис“ и им е достапна на властите во САД и во Западна Европа. Сепак, во јавноста многу малку се знае за неа. Таа може да се купи како посебен уред или како надградба за апаратите „Стингреј“ или „Кингфиш“, што значи дека ја има истата функција како и овие уреди, но располага со нови и понапредни карактеристики. Во официјалните документи е наведено дека корпорацијата „Харис“ овој уред го продава по цена од 169.602 долари.

„Зебра“ – алатка од која стравуваат криминалците
Уредот „Зебра“ е многу моќна алатка за шпионирање. Таа може да снима, да складира и да анализира милијарда повици, но и да открие важни информации. Овој уред значително го подобри автоматизираното собирање информации од телефонските уреди. Неговата работа се базира врз основа на врзана анализа, која го идентификува главниот однос меѓу засегнатите страни. Нуди одличен увид во структурата и работата на здружените мрежи. Вграденото пребарување и внимателното селектирање на пресретнатите разговори нудат нови опции во разузнавањето. Една од пософистицираните опции е и идентификувањето непознати броеви, но и да открие дали лицата што се следат го смениле разговорот во нивниот мобилен телефон. Уредот располага со централна меморија, голем број порти, дополнителна меморија и центар за чување на податоците. Алатката лесно може да трасира голем број канали преку многу веб-страници. Апаратот чини над 100.000 долари, а негови корисници се и ДЕА, ФБИ и ЦИА. Уредот се произведува во американската компанија за производство на технологија за пасивно надгледување „ВАСТек“.