Со одобрение на авторот, „Нова Македонија“ ексклузивно, во десет продолженија, ги објавува извадоците од книгата „Луѓе, времиња“ во која долгогодишниот претседател на македонското собрание Стојан Андов ги открива своите впечатоци од средби со историските личности и настани во периодот од Втората светска војна до смртта на доживотниот претседател на некогашната СФРЈ, Јосип Броз-Тито. Од перспектива на младо момче од Кавадарци, студент и новинар во „Нова Македонија“, дипломиран економист и еден од највлијателните македонски политичари, кој своето животно и професионално искуство го стекнува во околности што сѐ уште ѝ се недоволно познати на пошироката јавност, со оваа книга Андов фрла нова светлина врз, како што вели и самиот, луѓето и времињата што се предмет на обработка. Книгата е дел од неговите политички мемоари, а деновиве, по повод неговиот 85-ти роденден, е објавена во издание на „Матица македонска“.

Стојан Андов – „Луѓе, времиња“ (7)

Претпладнето следниот ден во Амбасадата во Триполи по телефон ми се јави Џемал Биедиќ. По гласот, заклучив дека е многу нерасположен. Ме праша како одат работите. Му кажав за исходот од средбите со министерот Мабрук и го информирав дека наскоро очекувам да ме прими премиерот. Тогаш Биедиќ ми рече: „Слушај, Стојане, работите одат многу тешко. Орландиќ и Глигориевиќ се вратија од Москва и од Букурешт. Нашите пријатели рекле дека не се во состојба да ни помогнат. Сочно опцу. Се јави и Драгашевиќ од Алжир. Вуко Драгашевиќ се обидува да го постави нашето прашање на повисоко ниво, но не го примаат. Така и тој ќе се врати во Белград без завршена работа. Добар знак е што ќе те прими Џалуд. Притисни кај него.“
Џалуд беше млад, слабичок, но жилав човек. Во либиската војска имаше чин на мајор, но во Советот на командата на револуцијата беше втор човек, веднаш по Гадафи. Амбасадорот Рафајловски ми рече дека меѓу дипломатите во Триполи владее мислење оти Џалуд во Владата често одлучува сам, независно, а понекогаш дури и спротивно на ставот на некој од министрите. Вклучувајќи го тука и министерот Мабрук. Така, Рафајловски ми ги подгреваше надежите во средбата со Џалуд, но не излезе така.

Невообичаено за либиски услови, пред да тргнам кај Џалуд, во Амбасадата дојде министерот за сообраќај на Либија, Бен Амер. Тој веќе беше претседател на либискиот дел од Мешаниот комитет за соработка со Југославија. Откако го испивме кафето, Бен Амер стана и ми рече дека е време да појдеме кај Џалуд. Ме замоли да се возиме заедно во неговиот автомобил. Штом влеговме во автомобилот, Бен Амер веднаш ми рече: „Господине министре, за ова што го барате вие, позитивно може да одлучи само братот полковник.“
Ова беше јасна порака; значи, не можам да се надевам ниту од приемот кај Џалуд. А пораката можеше и друго да значи. Почнав да размислувам за тоа. Премиерот Џалуд беше многу љубезен, убаво зборуваше за односите меѓу двете земји, ме замоли многу да го поздравам Џемал Биедиќ, а што се однесува до нафтата, рече: „Известен сум за вашето барање, но, за жал, тука ништо не можеме, министерот Изедин Мабрук ви го соопшти нашиот став.“

Таква е објективната ситуација, сакаат да ни помогнат, ама, ете, не се во состојба. Морав да се послужам со трик. На Џалуд му заблагодарив за приемот и за убавите зборови и поздрави. Му реков дека имам една порака од претседателот на СФРЈ, Тито, која треба да му ја пренесам на господинот полковник. Џалуд веднаш ми рече да му ја дадам пораката. Му кажав дека пораката не е во писмена форма туку е усна, а тој рече да му ја кажам и тој ќе му ја пренесе на полковникот. Му реков дека немам право да го сторам тоа. Треба да му ја кажам на полковникот. Тогаш тој малку се поднасмевна. Му реков: „Затоа, ве молам да ми помогнете да бидам примен кај господинот полковник.“
Џалуд доста рамнодушно ми одговори: „Добро, ќе видиме, ќе се погрижиме.“ Попладнето во југословенската амбасада јавиле дека утредента во 12 часот ќе дошле по мене во Амбасадата и затоа молат во тоа време да бидам таму. Со амбасадорот заклучивме дека ќе ме прими Гадафи.
Утредента во утврденото време во Амбасадата дојде министерот Бен Амер, ама сега со џип. Во џипот беше уште само шоферот во униформа. Кога тргнавме, министерот Бен Амер рече: „Е, сега ќе појдеме кај братот полковник.“ Потоа со блага насмевка продолжи: „Јас не знам точно каде е тој, ама господинот знае.“ И нашиот возач беше полковник. Излеговме од Триполи, го минавме и Бен Гашир, населбата до аеродромот. Бен Гашир, инаку, е познат, бидејќи тоа всушност е топлиот пол на Земјината топка, како што Верхојанск во Сибир е студениот пол на Земјата. Имено, во Бен Гашир е измерена највисоката температура на Земјата од 58 степени под сенка. По половина час возење низ пустината, свртевме лево и стигнавме до коритото на една река од оние познати што ги има од пустината кон Средоземно Море.

Тие обично се суви, но еднаш во неколку години паѓаат обилни дождови, а тие се можни најчесто во март. Се случува водите да надојдат и да збришат сѐ пред себе. На рамнината покрај сувото речно корито видовме мала населба од дваесетина куќарки, јужно од неа беше населба од шатори. Обезбедувањето нѐ запре, излеговме од џипот и нѐ внесоа во некој од поголемите шатори. Кога внатре, покрај неколкуте истакнати луѓе од околината на Гадафи, го гледам и министерот за нафта Изедин Мабрук, значи итно се вратил од Италија. Еден од луѓето на Гадафи ни рече малку да почекаме, а братот полковник ќе дојде.
Го чекавме околу два часа, кога одеднаш влезе Гадафи со уште двајца во униформа. Гадафи беше во кафена бедуинска облека, ме претставија кој сум, а тој ме препозна, се поздравивме и ме покани да седнеме на импровизираниот миндерлак покриен со бедуински килими. Гадафи веднаш почна: „И така, господине министре, како е мојот пријател, господин Тито?“ Му одговорив дека Тито е добар со здравјето. Додадов дека него многу го цени, и тоа не само како лидер на арапскиот свет туку и како лидер на африканските народи во борбата за ослободување од колонијализмот. Претседателот Тито го изразува задоволството што ме примате.
„Господинот Тито е голем човек, голем водач. Хм…“, рече Гадафи. „А нафтата што сега итно ви треба, ќе ви ја дадеме. Колку нафта барате?“, праша. „Итно бараме триста илјади тони“, му одговорив. Единствената добра работа од енергичното одбивање од Мабрук беше тоа што тој не ми даде можност да кажам колку нафта бараме. Веројатно ќе барав само сто и педесет илјади тони. Кога разговарав со Мабрук уште не знаев дека моите колеги во Москва, Букурешт и во Алжир се одбиени од домаќините. Сега веќе знаев и реков триста илјади тони, а ако тоа е повеќе од нивните можности, Гадафи сам ќе одреди.

Морав да се послужам со трик. На Џалуд му заблагодарив за приемот и за убавите зборови и поздрави. Му реков дека имам една порака од претседателот на СФРЈ, Тито, која треба да му ја пренесам на господинот полковник

Тој се обрати кон либиските функционери: „Како можеме на нашите пријатели на најбрз начин да им дадеме триста илјади тони нафта?“ Еден од нив рече: „Пред неколку часа од пристаништето Брега, танкер со 150.000 тони нафта исплови за Шпанија.“ Гадафи рече: „Јавете им нека го свртат бродот кон Југославија. А од оние што сега се полнат, првиот брод што ќе биде наполнет со 150.000 тони, исто така да биде испратен за Југославија, а најбрзо во нашите пристаништа одвојте доволно танкери што ќе ги однесат уште преостанатите двесте илјади тони. Според тоа, Гадафи на побараните од мене 300.000 тони додаде уште 200.000 тони нафта за Југославија, веројатно претпоставувајќи дека кризата во снабдувањето околу Африка ќе потрае.
Министерот Мабрук рече: „Брате полковник, за цените не рековте, цените се менуваат многу брзо. А не ги знаеме ни фирмите што ќе бидат увозници на оваа нафта.“ Гадафи му одговори: „Нафтата има цена, да, на нашите пријатели за оваа нафта ќе им направиме нешто пониски цени од оние што им ги даваме на другите, а за другите работи вие знаете како ќе ги решите.“ Гадафи потоа ја напушти темата за нафта. Пак почна да ми зборува за Тито колку го цени, сѐ во таа смисла. Потоа стана ми ја подаде раката и излезе од шаторот.

Луѓето на Гадафи што ги најдовме во шаторот нѐ посоветуваа да почекаме уште дваесет минути, а потоа да заминеме. Бегло го забележав замисленото лице на министерот Мабрук. Но не му се обратив.
Кога од Триполи, од Амбасадата со шифрирана телеграма го известивме Биедиќ дека ќе добиеме за неколку дена најмалку 500.000 тони нафта од Либија, службите во Владата веднаш текстот на телеграмата го пренеле до медиумите и кога ноќта, таа вечер, стигнав во Белград, на аеродромот забележав многу новинари. Само требаше да ја потврдам веќе објавената вест. Џемал, кој инсистираше од аеродромот да појдам веднаш кај него во кабинетот, иако беше веќе доцна, со големо задоволство ме пречека, ми честита на успехот и со патетичен тон ми рече: „Е, Стојане, ова не ти го заборавам!“

(Утре: „Југославија по никоја цена нема да води преговори со ЕЗ…“)