Фото: Дарко Андоновски

И покрај тоа што Македонија досега ретко се протнуваше во агендата на посети на овие звучни светски лидери, сега во краток временски интервал пред референдумот се очекува во земјата да пристигнат германската канцеларка Ангела Меркел, канадскиот премиер Џастин Трудо, австрискиот канцелар Себастијан Курц, новиот шпански премиер
Педро Санчес и други

Колку овие посети и странски гости може да влијаат врз изјаснувањето на граѓаните, или можен е дури и контраефект? Особено што се работи за референдумско изјаснување по чувствително прашање, како што е промена на името на државата

Со секој изминат ден до гласањето на референдумот закажан на 30 септември, кој, пак, се однесува и на спогодбата од Мала Преспа за промена на името на државата, некако се засилуваат пораките од меѓународната заедница упатени кон гласачите во Македонија. Иако кампањата за референдумот официјално сѐ уште не е почната, а поголемите политички субјекти сѐ уште немаат позасилени јавни настапи и активности, на социјалните мрежи, но и во медиумите, веќе се провлекуваат информации со кои се најавуваат и директни посети на видни политички имиња, значајни лидери и државници што планираат да ја посетат земјава спроти референдумот и да го поддржат договорот со Грција за, како што велат тие, да се отвори патот на земјава кон ЕУ и НАТО. И покрај тоа што Македонија досега ретко се протнуваше во агендата на посети токму на овие звучни светски лидери, се чини по малку неверојатно дека до крајот на следниот месец, според пишувањата во медиумите, се очекува во земјава да пристигнат германската канцеларка Ангела Меркел, канадскиот премиер Џастин Трудо, австрискиот канцелар Себастијан Курц, како и новиот шпански премиер Педро Санчес. Ваквата практика на доаѓање или повикување странски политичари на домашните митинзи за да се добие одредена странска поддршка за политиките што се водат од страна на партиите, без разлика дали таа е од позиција на власт или не, не е никаква новина на домашната политичка сцена. Но колку овие посети и странски гости може да влијаат врз граѓаните, или можен е дури и контраефект. Особено што се работи за референдумско изјаснување по чувствително прашање како што е промена на името на државата.

Според аналитичарите, ваквиот принцип на своевидно „менторство“ и барање мислења од странскиот фактор е вкоренет уште одамна на домашната политичка сцена, каде што многу често како посредници се вклучувани странски дипломати. Таков беше случајот со Охридскиот рамковен договор, но и преку последниот пример со договорот од Пржино, со кој се поставија правците преку кои ѝ се стави крај на политичката криза во земјава. Интересен момент во овој контекст беше и неодамнешната посета на британската премиерка Тереза Меј во Скопје, која исто така го привлече вниманието на македонската и британската јавност, но и пошироко во Европа. Иако дојде од позиција на премиер на земја што се подготвува за излегување од ЕУ, британската премиерка Меј ја нагласи безусловната поддршка на Обединетото Кралство за зачувување на европската безбедност и евроатлантската перспектива на Македонија.

Според познавачите на политичките состојби, ваквиот феномен не е никаква новина, бидејќи политичките партии во државите на Европа и регионот се поврзани во европските движења многу години и вообичаено е да си даваат поддршка според својата идеолошка основа, бидејќи веруваат дека соработката меѓу земјите ќе биде подобра ако избраните претставници се залагаат за исти вредности и за спроведување слични политики.

Фото: Игор Бансколиев

Но дали странската поддршка од сестринските партии и видните политичари може да има граници, може да влијае врз гласачите и каква е нивната улога на домашните митинзи? Како што објаснуваат соговорниците, политичките идеологии се остваруваат сосема различно во различни држави, во зависност од локалниот контекст. Затоа, додаваат тие, иако две партии или политичари од две земји може да бидат на истата страна од домашниот политички спектар, меѓу нив може да има многу големи разлики и во основната идеологија, но и во начинот на кој ги практикуваат своите политики. Професорот Лазар Лазаров смета дека и самите политичари-гости во тие случаи може да си ги загрозат своите кариери. Тој коментира дека ваквата практика кај домашните партии да повикуваат видни личности од европската, но и регионалната политичка сцена, може многу негативно да се одрази врз тие политичари, но и пред домашниот неодреден електорат.

– Моја претпоставка е дека гостите се добро платени за своите настапи, но иако мислат дека ќе добијат нешто, повеќе ќе загубат во своите општества. Нема никаков ефект од нивното учество во кампањата во Македонија, народот и самиот знае за кого треба да гласа, кој вреди и кој заслужува поддршка. Станува збор за една вообичаена активност на сестрински партии и политички чинители, да се поддржуваат едни со други во кампањите, но не по цена да се отстапи од основните принципи – истакнува Лазаров.
Слично размислува и политикологот Милан Стефановски.
Според него, гостувањето и улогата на странските политичари на домашните митинзи, особено сега пред одржувањето на референдумот, може само да придонесат да има контраефект кај народот.

– Во нормални услови тоа е сосема нормално, да се патува во кампањите за да се поддржат сестринските партии, политиките на одредени чинители, па и референдуми за некои прашања од локален проблем. Но кај нас ситуацијата воопшто не е нормална. Наметнат е еден договор, со кој, доколку пројде на референдум, ќе ни се обезличат името и нацијата. Не верувам дека со тоа може да се постигне некој позитивен ефект кај гласачите. Може да има само контраефект, бидејќи граѓаните читаат и разбираат и, според тоа, можат да препознаат кога нешто им се подметнува или кога им се потценува интелигенцијата – вели Стефановски.

Според него, македонските граѓани се чувствителни кога станува збор за прашањето на името, а референдумот го гледаат како наметнат проблем за кој сѐ уште не се подготвени да се изјаснат по цена за влез во ЕУ и во НАТО, односно за прашањето што ќе биде поставено пред нив. Во исто време и двајцата соговорници сметаат дека секој политичар треба да внимава и да ги проучи локалните услови пред да даде поддршка за некоја партија или влада, особено што ситуацијата речиси никаде не е црно-бела.