Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во студијата на фондацијата „Комонвелт“ се измерени пет категории – пристап до нега, превентивни услуги, време на чекање и одговори на илјадници пациенти и лекари на прашањата од анкетата, додека извештајот на СЗО, во кој е опфатена и Македонија, се однесува на јавното здравство и се посочува на долгите листи на чекање за посета на лекар

СПОРЕДБЕНА АНАЛИЗА НА ИСТРАЖУВАЊАТА НА ФОНДАЦИЈАТА „КОМОНВЕЛТ“ И НА СЗО

Соединетите Американски Држави заостануваат зад другите богати земји речиси по секоја здравствена мерка, при што Норвешка, Холандија и Австралија ги зазедоа првите три места во најновото истражување на американската фондација „Комонвелт“.
Во студијата се измерени пет категории – пристап до нега, превентивни услуги, време на чекање и одговори на илјадници пациенти и лекари на прашањата од анкетата.
САД потрошиле многу поголем дел од својот бруто-домашен производ за здравствена заштита, 16,8 проценти во споредба со просекот од 10 проценти во другите држави – Австралија, Канада, Франција, Германија, Холандија, Нов Зеланд, Норвешка, Шведска, Швајцарија и Обединетото Кралство.
Меѓу факторите што придонесуваат за ова е фактот дека 50 проценти од возрасните лица со помал приход во САД и 27 проценти од возрасните од САД со повисок приход велат дека трошоците ги спречуваат да ја добијат потребната здравствена заштита.
– Во ниту една друга земја, нееднаквоста во приходите не го ограничува толку длабоко пристапот до здравствената грижа – рече Дејвид Блументал, претседател на фондацијата „Комонвелт“.
Во Обединетото Кралство, само 12 проценти од граѓаните со помали приходи и 7 проценти со повисоки примања велат дека трошоците за здравство ги спречуваат да ја добијат потребната здравствена заштита.
Во Македонија, пред три години беше објавен извештај од Регионалната канцеларија на СЗО за Европа, за пристапот до здравствена заштита. Во него, долгите листи на чекање и времето на чекање за посета на лекар се спомнуваат
во анкетите опфатени во оваа анализа. Анкетираните сметаат дека временските рамки се несоодветни за ефективно задоволување на нивните потреби.

– Податоците покажуваат дека во руралните средини постои поголема концентрација на незадоволена потреба од лекарски преглед поради причини поврзани со здравствениот систем (премногу скапо, премногу далеку или долги списоци на чекање) во споредба со поголемите градови и со помалите градови и предградијата. Ова може да се очекува бидејќи има недостиг од приватни здравствени установи во руралните средини, а луѓето што живеат во овие области се особено погодени од ризик од сиромаштија или социјална исклученост – стои во заклучоците на извештајот.

Таму пишува и дека постои ограничена мрежа на локални даватели на здравствени и социјални услуги, така што навременото упатување на соодветно (ниво на) грижа за старите лица е тешко.
– Иако координацијата и континуитетот на грижата меѓу здравствените работници се овозможени преку системот за упатување и пристап до електронски здравствени евиденции во „Мој термин“, системите за здравствена и социјална заштита во земјата се мошне фрагментирани, а упатувањето меѓу нив е ограничено на неформални механизми, па ова доведува до неефективно задоволување на потребите на старите лица – стои во извештајот на СЗО, кој се однесува и на Македонија.