Фото: Маја Јаневска-Илиева

Каква е достапноста до интернет, колку и какви услуги можат граѓаните да завршат преку интернет? Колку луѓето се задоволни од дигитализацијата, колку ја ползуваат и колку им го олеснува секојдневниот живот? Ова се само дел од прашањата на кои одговори дава глобалното истражување на компанијата „Сурфшарк“, за да добие релевантен показател на т.н. дигитален квалитет на животот во државите во светот. Македонија во табелата е пред Србија, Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина

Истражување на глобално ниво

Каде се наоѓа Македонија на светската мапа за дигитален квалитет на животот, колку луѓето се задоволни од дигитализацијата во државата, каква е достапноста до интернет и колку од услугите можат граѓаните да ги завршат преку интернет. Ова се дел од прашањата на кои одговори дава глобалното истражување на компанијата „Сурфшарк“ за дигиталниот квалитет на животот, рангирајќи ги државите по неколку параметри.
Студијата се однесува на 85 земји во светот, односно на 6,3 милијарди жители, или 81 отсто од популацијата во светот.
Иако многумина во Македонија не се уверени дека државата има задоволителен дигитален капацитет, сепак ова истражување ја рангира Македонија некаде на средината на светската мапа, а подобра е и од неколку соседни држави.
Според експертите во областите на интернет-дигитализацијата, повеќе од јасно е дека пандемијата наметна целосно дигитално преструктурирање во земјава, со што сѐ повеќе јавноста, граѓаните, институциите и државата сфатија дека без онлајн кореспонденција, комуникација, одржување меѓусебни институционални, но и приватни канали на комуникација, општествениот живот ќе се закочи и ќе се блокира. Тоа важи во сите сегменти на општественото живеење, од законодавството до извршната власт, правосудството, банкарството, економијата, стопанството.

Дигитален животен квалитет пред Србија, Црна Гора, Албанија и Босна

Македонија е 46-та од 85 земји во светот по дигиталниот квалитет на животот, анализирано по сегменти земјава има највисока позиција (39-то место) за безбедност, а најниска (67-то) според достапноста на интернет.
Преку индексот Дигитален квалитет на животот (ДКЖ) се мерат квалитетот и достапноста на интернет, безбедноста, државните електронски услуги и електронската инфраструктура. Во анализата се користат податоци од Обединетите нации, Светската банка, Меѓународната телекомуникациска унија и слично.
Од земјите во регионот, највисоко е рангирана Словенија (23-то место). Потоа следуваат Бугарија (26-то место) и Хрватска (34-то место).
Македонија во табелата е пред Србија, која се наоѓа на 49-то место, Црна Гора на 51-то место, Албанија (55-то место) и Босна и Херцеговина (74-то место).
Скандинавските земји им нудат најдобри можност за дигитален живот на своите граѓани, а седум од 10 земји со највисок ДКЖ-индекс се од Европа. На првите пет позиции на листата од вкупно 85 земји во светот се најдоа: Данска, Шведска, Канада, Франција и Норвешка.

Македонија е објективно оценета

Македонските познавачи на интернет-просторот и дигитализацијата велат дека истражувањето, генерално, објективно ги отсликува реалноста и рангирањето на државата. Тие сметаат дека во Македонија има сериозен развој на дигитализацијата и интернет-комуникацијата, но и понатаму треба сериозно да се работи на тоа поле.
Проф. д-р Иван Чорбев, декан на Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство, вели дека ситуацијата со квалитет на дигиталниот живот кај нас е добра, но смета дека може да биде и подобро.
– Како држава, потребно е да имаме многу повеќе електронски сервиси во јавни институции. Интернетот е одличен во урбаните средини, но потребно е големо подобрување во овој дел и треба да се подобри во руралните. Во урбаните центри покриеноста и инфраструктурата се солидни, во селата треба да се подобрат. Моја оцена е дека сме некаде на средината, како што и кажува студијата. Може да се подобрат некои сервиси, на пример да има електронска нарачка на документи, пасоши, лични карти, сето тоа да оди електронски -посочува професорот Чорбев.
Во однос на тоа дека сме пред Србија, Црна Гора и Албанија, професорот вели дека не е сигурен дека сме подобри од Србија.
– Можеби порано бевме пред нив, но мислам дека во последниве години забрзано работат на подобрување на дигиталната благосостојба – заклучува тој.
Ванчо Орданоски, сопственик на бизнис во ИТ-секторот, посочува дека студијата е релевантна зашто имаме подобар интернет и подобра интернет-инфраструктура од земјите во регионот.
– Поквалитетен е нискиот хардвер-систем. Тој така е поставен уште пред многу години. Имавме донација на ‘рбетен интернет-систем низ државата. Тоа значи дека е добар главниот развод. Иако е постар, тој е подобар и од земјите како Грција и Бугарија. Затоа сметам дека сме на врвот во регионот по квалитетен интернет, што директно го одредува и квалитетот на дигиталниот живот на граѓаните во земјава – објаснува Орданоски.

Дигитализацијата мора да обединува

Бојан Кордалов, комуниколог и специјалист за односи со јавноста и нови медиуми, смета дека секогаш е позитивно кога има напредок и секако дека се важни позитивните резултати на различни меѓународни истражувања. Меѓутоа, според него, клучно е колку граѓаните се задоволни, колку веруваат и ги користат дигиталните услуги.
– Факт е дека корона-кризата ни покажа дека дигитализацијата и користењето дигитални канали за учење, работа, комуникација, поврзување со блиските и светот се голема придобивка за сите. Истовремено, некои од јавните институции во изминатите 365 дена собраа сили и овозможија некои од јавните услуги да бидат достапни и онлајн, што е особено важно во пандемија и во време кога е клучно да го зачуваме личното и здравјето на нашите најблиски – посочува тој.
Кордалов апелира дека е време да сфатиме дека како мала земја можеме да направиме многу позитивни промени и секое одолжување е на штета на секој од нас.
– Во исто време, апелирам да се разбере дека дигитализацијата мора да обединува, а не да двои, да дава можности, а не да ги раскарува луѓето. За таа цел мора да разбереме дека дигитализација е и избор за секого: таа нуди нова можност за сите што сакаат да ги користат услугите онлајн, но истовремено значи и неукинување на можноста за сите други што избираат тоа да го направат на шалтер во метеж, односно во подолгата хартиена процедура -заклучува Кордалов.

Силна дигитализација, силна економија

Според студијата, иако БДП по жител има силна корелација со дигиталниот квалитет на животот, има земји што имаат подобар дигитален квалитет на животот со понизок БДП по жител отколку што се очекуваше.
– Е-безбедноста, е-инфраструктурата и е-владата имаат позначајна корелација со дигиталниот квалитет на животот отколку БДП по жител. Ова го докажува потенцијалот за израмнување на дигиталната благосостојба со помали ресурси и пофокусирано стратегиско планирање.
Достапноста на интернет игра голема улога во обезбедувањето пристапност, но има значително помала корелација со ДКЖ отколку другите столбови. На пример, интернетот е помалку достапен во некои земји од Јужна или Источна Европа, но луѓето таму сè уште уживаат повисок од просечниот дигитален квалитет на живот. Интересно, достапноста не зависи ниту од квалитетот на поврзаноста, ниту од нивото на развој на е-инфраструктурата – пишува во студијата.

[email protected]