Фото: Игор Бансколиев

Парламентот на Р Албанија е пред усвојување нов закон, што овозможува сите Албанци родени во други земји, а кои може да го докажат своето албанско потекло, да добијат албанско државјанство. Како ќе се одрази ваквата нова регулатива од соседна Албанија на етничките Албанци од регионот, а се разбира и во нашата држава, и има ли ова политичка заднина со регионални аспирации и тенденции?

Навидум техничката информација дека Советот на министри на Албанија (Владата) усвоил нов предлог-закон за државјанство, со кој ќе може секој чии предци имаат албанско потекло да стане албански државјанин, сепак предизвика нови анализи и процени како тоа ќе се одрази на регионалните геополитички процеси.

Услов е поднесувачот да приложи доказ за сродство до третo колено. Овој закон, кој наскоро треба да се најде пред парламентот, овозможува сите Албанци родени во други земји, а кои може да го докажат своето албанско потекло, да добијат албанско државјанство. Граѓаните на Косово досега беа исклучени од можноста да добијат албанско државјанство, со одлука од јули 2013 година, иако можеа да го докажат своето потекло. Сега и таа одлука со новиот предлог-закон се укинува. Следејќи ги импактот во јавноста и јавниот интерес во врска со оваа одлука, се консултиравме со повеќе аналитичари за нивно мислење, за краток осврт и проекција како ќе се одвиваат работите со етничките Албанци што живеат во нашата држава по оваа основа.

Аналитичарите од албанскиот кампус со кои се консултиравме не очекуваат дека новата одлука на Владата на Албанија позначително ќе се одрази како бран на барања за државјанства од соседната земја на македонските граѓани Албанци.
– Немам сознанија за некаква приближна бројка на Албанци од Македонија што побарале или добиле албански државјанства, но таквата можност постои веќе пет-шест години и досега немало некои реакции во македонската јавност поради тоа. Така што не очекувам дека и овој нов предлог-закон на албанската влада, кој се однесува пред сѐ за граѓаните на Косово, може да предизвика некои проблеми. Не верувам дека тоа ќе предизвика и некои регионални политички импликации – смета политичкиот аналитичар Насер Зибери.

Имено, според планот на Ахтисари за добивање независност на Косово, кој е преточен и во косовскиот устав, граѓаните на Косово не смеат да имаат албанско државјанство, токму за да се нагласи сувереноста на новата држава и да се покаже дека не постојат услови за обединување со Албанија. Врз основа на тој услов, од меѓународната заедница е дозволена независноста на Косово, која сепак до денес не е признаена целосно, а за која се водат и преговори со Србија во Брисел.

– Со отворањето на преговорите во Брисел, за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина, се смета дека договорот на Ахтисари е апсорбиран, а со тоа се отвораат нови реално политички можности за Косово. За новиот нацрт-закон на албанската влада, со која на косовските граѓани ќе им биде овозможено да добијат албанско државјанство, досега нема реакции ниту од Белград, па верувам дека и понатаму нема да се проблематизира – вели аналитичарот Зибери.

Иако со новиот предлог-закон за добивање албанско државјанство нема да има промени во однос на условите за македонските Албанци, кои и досега имаа можност да го добијат (односно не беа опфатени со рестриктивната мерка за граѓаните на Косово), сепак некои од аналитичарите на регионалните политички движења и процеси сметаат дека оваа одлука е уште еден чекор во спроведување на големоалбанската идеја.
– Албанија одамна им дава државјанство на сите Албанци што живеат надвор од земјата, вклучувајќи ги и Албанците од Македонија. Тоа е стратегија и сегмент со кој индиректно се реализира големоалбанскиот концепт. Со други зборови, тоа е подготвителна фаза. Тирана цело време е концентрирана на нејзината реализација и за таа цел презема разни чекори. На пример, уште одамна се подготвуваше и буквар на кој требаше да учат сите Албанчиња првоодделенци, каде и да живеат. Ниту ЕУ нема заеднички учебници, но Албанија очигледно беше пред неа во обединувањето на сите Албанци, каде и да се тие, во една држава. Тие политики се постојани и трајни и засега никој не ги оспорува – го скицира контекстот на новиот нацрт-закон во Албанија поранешниот македонски амбасадор Ристо Никовски.