Фото: Маја Јаневска-Илиева

Каков ќе биде статусот на македонскиот јазик и на македонскиот идентитет ако во блиска иднина нашата земја стане членка на Европската Унија? Оваа дилема со про и контраставови во стручната но и во пошироката јавност, особено доби интензитет и динамика неделава по последната изјава на премиерот Зоран Заев, кој на својата официјална фејсбук-страница напиша дека македонскиот јазик ќе биде официјален во унија од 500 милиони жители.

– Со зачленувањето во ЕУ, сите официјални комуникации меѓу Република Македонија и земјите-членки на Европската Унија ќе се водат и преведуваат и на македонски јазик, како официјален и признаен на територија на која живеат половина милијарда жители – пишува во објавата.

Премиерот го објави ова во пресрет на информативната кампања, која ќе ја води раководството на државата за референдумот поврзан со спогодбата со Грција и со зачленувањето во НАТО и во ЕУ.

Во меѓувреме, во фреквентна кореспонденција врзана за гореспоменатото се издвојуваат суштината и фактографијата за оваа проблематика. Низа дописи и обраќања акцентираат дека македонскиот јазик е официјално внесен во ОН уште во 1977 година, во периодот кога на власт во Грција беше владата на Константинос Караманлис, а сѐ она што сега се прокламира како придобивка од спогодбата со јужниот и од источниот сосед веќе и онака постоело, потврдено со меѓународното право со години, за време на постоењето, но и по времето на функционирањето на некогашната Југославија.

Тие велат дека ставовите што сега се форматираат и пакуваат како придобивки (со новопредложеното име Република Северна Македонија) и онака постоеле и сме ги имале кога сме биле република во состав на СФРЈ.
– Па оттука која би била логиката да се осамостоиш од Југославија, за години подоцна да спадне статусот на земјата дури и на пониско ниво. Во матичните изводи, но и во личните документи во Југославија и сега, секаде стои Република Македонија, македонски јазик единствено ситуацијата за ова прашање се влошува кога ќе стане збор за Северна Македонија – истакнуваат соговорниците. Натаму, познавачите на случувањата објаснуваат дека сите таканаречени придобивки што би ги имале во Европската Унија во делот на идентитетот и јазикот на народот се само една обична небулоза, бидејќи во практика истото тоа, па дури и подобро сме го имале во времето на Југославија, затоа што секаде сме биле Македонци.

Според нив, од друга страна, ако во светската практика се спореди употребата на македонскиот јазик на пример со англискиот, ќе се види дека англискиот јазик се говори официјално во САД, Британија, Канада, Австралија, но само во една земја има Англичани, а во сите други тоа се граѓани на државите што едноставно само го говорат јазикот.

Со други зборови, тезата на поддржувачите од „придобивките“ од спогодбата со Грција не држи, бидејќи јазикот како таков, па дури и да е македонски не го заштитува идентитетот на народот бидејќи во документите ќе пишува: „државјанство македонско – граѓанин на Република Северна Македонија“, а за националноста ќе стои терминот: „македонска / граѓанин на Република Северна Македонија“.
Во сублимиран заклучок експертите со кои се консултиравме советуваат дека треба многу добро и прецизно на јавноста да ѝ се презентираат фактите за време на информативната кампања што ќе се води во државата поради претстојниот референдумот поврзан за спогодбата со Грција и потенцијалното зачленување на земјата во НАТО и во ЕУ.

Универзитетскиот професор д-р Љупчо Ристовски – доктор на политички науки и доктор на теологија, кој е и претседател и коосновач на институтот за доблесна и вредносна политика „Интегра“, вели дека сѐ додека Бугарите и соседите не сфатат дека ние Македонците сме посебна нација, дека нашиот македонски јазик е посебен јазик, дека нашата историја е меморија за вековната борба нам, на Македонците за национална слобода и за сопствена држава, сѐ дотогаш драги мои, колку и да сме кооперативни и подготвени на компромис, нема ништо од нашето членство во ЕУ.
– Заканите од официјална Бугарија многу рано почнаа, само слеп не може да види што следува понатаму. Нова стратегија ќе да ни треба, драги мои… нов стратегиски исчекор, ама со овие на чело или со тие претходно никако… ново драги мои, само нова политичка карта ќе биде новото излезно решенија за нас Македонците и Македонија, решение со кое конечно и извесно ќе станеме свои на своето – истакнува професорот.

Според него, доколку Македонија некогаш стане членка на ЕУ, со тоа ќе се отворат границите, а во тој процес и дополнително и поблиску ќе се поврзат Македонците во земјата со сонародниците што живеат во Бугарија и во Грција, тоа е процес што никој нема да може да го запре, па затоа сега со ваквите договори со соседите се обидуваат да ги попречат тие случувања.
Професорот вели дека стамената влада ќе даде јасно и гласно до знаење дека соништата од минатото со призвук на големобугарските аспирации немаат место во ЕУ и во третата декада на 21 век.

– Ова е став што секој треба да си го прими како факт од кој нема бегање. Со Бугарија и со Бугарите сакаме и можеме да бидеме искрени пријатели само доколку тие сфатат и прифатат дека во втората декада на 21 век нема место за противење на национално самоопределување на еден народ – македонскиот, како посебен од сите други околни народи и посебно од бугарскиот. Македонскиот јазик постои во историски записи од почетоците на 16 век, на увид на јавноста е Македонскиот лексикон печатен во Париз уште во тоа време (16 век) со зборови што лексички се сосема различни од бугарскиот јазик. Ова се историски факти и заблудите на големобугарските идеи и нивното повампирување со политиките на Владата со постојана попустливост и поданички однос можат да се повлечат од сцената само доколку застане на власт нова стамена влада на национален спас. А тоа наскоро и ќе биде предмет на политичка одлука на нацијата. Прераното опонирање на идеите за македонизам во сржта на македонскиот устав и во срцето на македонскиот народ се знак за непријателски, а не пријателски позиции на бугарската официјална влада. Пријателот те прифаќа таков каков што ти си се определил да бидеш, идентитетот во етничка смисла е по крв, по род и по самосвест. И тука никој нема пристап. Кој се тие денес да ме определуваат како јас ќе се чувствувам во национален етнички контекст и каков јазик ќе говорам? Време е бугарската јавност да излезе од пубертет и заблудени соништа на минатото. Ние сме биле од дамнина посебни од нив, моите предци 6 генерации наназад оставиле писмен запис за моето потекло како Македонец, од турското па наваму ние освен за македонското во нас и не знаеме за ништо друго – вели Ристовски.
Претседателот, пак, на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров во своето последно обраќање до медиумите истакна дека не треба да се „одработи“ за бугарскиот и грчкиот идентитет на Македонија.

– Велат дека спогодбата со Грција ни го зајакнува идентитетот: во графата за националност ќе пишувало Мацедониан/ситизенс оф Републик оф Норт Мацедониа! Па и сега во ООН во графата националност ни стои само Македонец. Во сите биометриски лични исправи (лични карти, пасоши, возачки дозволи…) на сите независно од етничкото потекло, во графата националност ни пишува само Македонец! Со што ни е зајакнат идентитетот, со тоа што Грција се согласила да се викаме Северна Македонија и не признава постоење на македонски народ, дури ни македонско малцинство во Грција? Па, Грција 40 години не го признаваше Израел, Израел не исчезна од Земјината топка, од географскиот атлас на земјата! Досега 140 држави во светот нѐ признаваат под името Македонија! Ирелевантно е дали Грција ќе нѐ признае сега или некогаш како Македонија! Атина знае дека извршила окупација врз Македонија и геноцид врз македонскиот народ, светот знае дека Грција првпат во својата историја ја окупира Македонија во Балканските војни 1912-1913 година. Со што ни е зајакнат идентитетот со Грција? – вели Петров.

Политичкиот аналитичар, пак, Милан Стефаноски смета дека во сите политички и научни полемики сите дискусии треба да се водат аргументирано и со факти, а истото тоа важи и за актуелните случувања во пресрет на референдумот во земјава.
– Секогаш кога биле во прашање дискусиите за македонскиот национален континуитет, неговите негатори од соседството секогаш ја наметнувале тезата дека не постојат средновековни докази за постоењето на Македонците како нација или, пак, за постоењето на посебен македонски јазик, небаре тој настанал во поново време или, пак, е креација и вештачка творба. А сето на оваа тема не може да биде подалеку од вистината – вели аналитичарот.

Стефаноски објаснува дека негаторите на Македонците се плашат од нашето постоење, бидејќи интимно ја разбираат македонската историја и култура и токму поради тоа тие перфидно манипулираат со фактите обидувајќи се преку т.н. договори во името на подобра економска иднина на земјата да ги избришат идентитетот и јазикот на оваа земја.