Црковната историја е полна со случаи на т.н. апелациско прибегнување (еклитон) кон Вселенската патријаршија за решавање спорови меѓу помесни цркви. Во историјата на Православната црква до денес не постои некој исклучок што покажува дека некогаш било поднесено барање кон друг претстојател, освен кон вселенскиот патријарх. Тоа значи дека самиот тој, од името на Вселенската патријаршија, има право да решава спорови што не можат меѓусебно да ги решат самите помесни цркви и кои не се решени многу години, како што е примерот со нашата Македонска православна црква-ОА. Ваквото апелациско право на Вселенската патријаршија во 451 година било усвоено на Четвртиот вселенски халкидонски собор, со каноните 9, 18 и познатиот канон 28, со кои тоа право и формално било утврдено!

Вселенската патријаршија е вистинската адреса од каде што сите цркви добиле томос
за автокефалност

Засилената на дипломатска активност на државниот врв, на претседателот Стево Пендаровски и на премиерот Зоран Заев, изразена преку писмата до вселенскиот патријарх Вартоломеј, е акција на која со висок степен на веројатност ѝ претходела координација со сите засегнати страни вклучени во спорот. Целта е да се поттикне и динамизира процесот за признавање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, кој Вселенската патријаршија го почна минатата година, но беше забавен по појавата на пандемијата со коронавирусот.
Вселенската патријаршија на својата интернет-страница, во билтенот за средбите на вселенскиот патријарх, објави дека Вартоломеј во Фанар се сретнал и со нашиот амбасадор во Анкара, Горан Ташковски. Средбата на амбасадорот Ташковски со вселенскиот патријарх Вартоломеј се случува во период кога се испратени двете писма до Вселенската патријаршија.
Во овие две писма, Пендаровски и Заев ги испраќаат суштинските барања до Вартоломеј, едното како причина поради која МПЦ-ОА треба да добие автокефалност, а второто е начинот на кој да се дојде до тоа, односно барање Вселенската патријаршија да го искористи своето апелациско право.
И верските аналитичари сметаат дека адресата и во двете писма е вистинската, а тоа е дека токму Вселенската патријаршија е таа што може за сево ова да одлучува.
Теолозите, пак, велат дека апелациското право за водење постапки пред Вселенската патријаршија значи право на Вселенската патријаршија да решава спорови што не можат да ги решат самите цркви или нивните епископи и спорови што не се решени многу години.

Историски докази за правото на апелација

Црквата преку вселенските собори и дала привилегија на Вселенската патријаршија да прифаќа еклитон (апелација), прибегнување и од други помесни цркви, посочуваат теолозите.
– Ниедно барање на еклитон – прибегнување не може да се упати кон другите патријарси. Ова се потврдува и од прашањето на рускиот клир кон другите патријарси во 1663 година, дали Вселенската патријаршија го има правото да суди случаи на други помесни цркви. Сите патријарси тогаш едногласно одговориле дека единствено Вселенската патријаршија го има ова право, и само таа. Освен тоа, и црковната историја е полна со случаи на апелациско прибегнување кон Вселенската патријаршија од други помесни цркви. Во историјата на Православната црква до денес не постои некој исклучок што покажува дека некогаш било поднесено барање кон друг претстојател, освен кон вселенскиот патријарх – велат теолозите на МПЦ-ОА.
Ваквото апелациско право на Константинополската патријаршија, според истражувањата на теолозите, било усвоено на Четвртиот вселенски халкидонски собор, со каноните 9, 18 и познатиот канон 28, со кои тоа право и формално било утврдено, со што на Црквата во Константинопол ѝ се дава „општоимпериско-вселенско“ значење, од каде што,пак, се влече и правото за доделување автокефалност кон другите цркви.
Теолозите велат дека оттогаш доделувањето автокефалност на една помесна црква припаг?а на јурисдикцијата и ингеренциите единствено на вселенскиот патријарх и на Цариградскиот синод.
– Така, Вселенската патријаршија е, всушност, мајка црква на сите „новооформени“ помесни православни цркви – истакнуваат теолозите.

Цркви што станале автокефални

Цркви на кои томос за автокефалност им дала Вселенската патријаршија се Руската православна црква, чиј томос е издаден на име Московска патријаршија, од страна на Вселенската патријаршија, во 1589 година, Српската православна црква, својот томос го добила во 1922 година, Романската православна црква, која томосот од Вселенската патријаршија го добила во 1925 година, првиот документ со кој се уредил автокефалниот статус на Грчката црква е томосот од 1850 година, Бугарската православна црква добива томос од вселенскиот патријарх на 22 февруари 1945 година, Грузиската православна црква, која добива томос од Вселенската патријаршија од 1990 година, Албанската православна црква во 1937 година, Чехословачката православна црква добива томос на Вселенската патријаршија во 1998 година, Полската православна црква, на која во 1925 година ѝ бил издаден томос за автокефалност, и Православната црква на Украина, како последна на која томос ѝ издала Вселенската патријаршија за автокефалност во 2019 година.
Другите патријаршии, како што се Ерусалимската, Антиохиската и Александриската се сметаат како древни црковни центри, кои се создадени во првите векови на христијанството и тие како и Вселенската патријаршија имаат постојан црковен континуитет и не се поврзани со ограничена јурисдикција во рамките на една државна граница.

[email protected]