Фото: Игор Бансколиев

Министерството за правда, во новиот нацрт-закон изработен по предлог од Владата, за СЈО предвидува нов формат, проширување на надлежностите, но наедно и продолжување на временската рамка за негово работење. Од друга страна, од Битола, од страна на Здружението на граѓани за почитување на прописите, во текот на вчерашниот ден е поднесена кривична пријава до основниот јавен обвинител за сите 11 обвинители од СЈО, поради поведување нови постапки и обвиненија по истекувањето на овластувањата

Во пресрет на трансформацијата на СЈО – и „про“ и „контра“ новиот формат

Формирано пред три години, на 15 септември 2015 година, како привремено решение за надминување на политичката криза, Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, или скратено СЈО, се чини дека ќе добие траен мандат. Барем тоа го предлага Министерството за правда во новиот нацрт-закон изработен по предлог од Владата, според кој на СЈО му се прошируваат надлежностите, а наедно и рокот на траење.

Досега СЈО беше надлежно само за кривични дела поврзани со содржината од прислушуваните разговори од 2008 до 2015 година. Новите измени предвидуваат СЈО да може да истражува и да постапува по кривични дела извршени од претседателот на Македонија, од поставените амбасадори и други претставници во странство и именувани лица од претседателот, избрани или именувани функционери во и од Собранието, во и од Владата, во судовите, Јавното обвинителство, Судскиот совет, Советот на јавните обвинители и избраните градоначалници на единиците на локалната самоуправа и градот Скопје.

СЈО ќе биде дел од Јавното обвинителство, со надлежност и за кривични дела извршени од одговорни лица во политички партии против изборите и гласањето, како и од областа на животната средина и природата, културното наследство и природните реткости, јавните финансии, платниот промет и стопанството, вооружените сили, службената должност, неовластеното оддавање информации и податоци за сведоците и други, ако овие дела се сторени во врска со постапки што ги води специјалното обвинителство. На некој начин, СЈО треба да се преобликува во највисоко обвинителство за функционери, но и понатаму му останува надлежноста за водење кривични дела што произлегуваат од прислушувањето. Според измените, предвидени во предлог-законот, јавниот обвинител на Република Македонија, ќе одлучува по барање за изземање на специјалниот јавен обвинител и доколку го изземе од постапување по конкретен предмет, определува конкретно јавно обвинителство што ќе постапува по тој предмет. Специјалниот јавен обвинител ќе се менува на 5 години по објавен оглас, а го избира Советот на јавни обвинители за време од пет години, од редот на избраните јавни обвинители со право на повторен избор, стои во новиот текст. Всушност, со овој закон се поведува постапка за интегрирање на СЈО во редовното Јавно обвинителство. Јавната расправа за судбината на СЈО ќе се случи на 17 декември, на која треба да присуствуваат и странски експерти.

Во меѓувреме, додека се очекува јавната расправа за решението за СЈО, Здружението на граѓани за почитување на прописите од Битола, во текот на вчерашниот ден поднесе кривична пријава до основниот јавен обвинител за сите 11 обвинители од СЈО поради поведување нови постапки и обвиненија по истекувањето на овластувањата.

– СЈО е формирано на 15 септември 2015 година, со ограничен мандат од 18 месеци. Во јуни 2017 година на СЈО му истече мандатот за поведување нови истражни постапки и поднесување обвиненија. Сметаме дека предметите: „Поштенска банка“, „Пропаганда“, „Дизајн“, „Хармонија“, „Базни станици“, „Пациент“, „Актор“, „Попис“, „Моќник“ и „Империја“ се незаконски отворени истражни постапки, по истекот на рокот, предвиден во членот 22 од Законот за јавно обвинителство за гонење кривични дела, поврзани и што произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Со тоа, обвинителите од СЈО се соизвршители на едно продолжено кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластување од членот 353, став 4, во врска со став 1 и 3, а во врска со членот 22 и 45 од Кривичниот законик. Очекуваме од ОЈО да поведе постапка по нашата пријава. Законот е јасен и едноставен, но законите и законитоста одамна не функционираат во државава – вели Васко Костески, претседател на Здружението на граѓани за почитување на прописите.

Покрај кривичната пријава против обвинителите на СЈО, ова здружение поднесе и предлог за поведување постапка до Советот на јавните обвинители на РМ против јавната обвинителка Вилма Рускоска, од Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, бидејќи во нејзиното неодамнешно гостување на една телевизија изјавила дека ја прекршила законската обврска за невршење партиски и политички активности, со тоа што признала дека била дел од Шарената револуција.
Засега не може да се утврди дали оваа кривична пријава против СЈО ќе има некаква улога во неговата законска трансформација, т.е. преминување во ОЈО, но правните експерти сметаат дека во расправата за предлог-законот, тој треба да се доработи за да биде прифатлив за пошироката јавност.

– Релативно неочекувано се појави верзија, која по мои сознанија е изработена од самото СЈО, барем така е презентирана, а која е прифатена во дискусија во Министерството за правда. Во суштина како концепт овој предлог оди со решение што јас начелно го поддржувам и се залагам подолго време во смисла дека на Македонија ѝ е потребно обвинителство, кое сѐ уште ќе ја задржи автономијата од Републичкото, затоа што политичката елита сѐ уште влијае врз редовното и тоа нема скоро да се промени – изјави Гордан Калајџиев, професор по кривично право на Правниот факултет при УКИМ, веднаш по објавувањето во јавноста дека е изработен предлог-законот за СЈО.

Калајџиев вели дека сериозните правни прашања треба стручно да бидат разгледани пред да се преточат во законски решенија.

– Мислам дека проблемот бара добра расправа и доработка на некои решенија со сите отворени многу сериозни правни проблеми, од кои претпоставувам со роковите и судбината на тековните истраги, судбината на прислушуваните разговори во смисла дека органот заслужува поддршка, но и треба внимателно да се постави во правниот систем да не биде некој нов аждер, некој израз на нови злоупотреби – вели Калајџиев.