Угостителите велат дека за годинава сѐ уште нема ниту една закажана свадба, а последната свадба била во јануари минатата година. Организирањето ваков вид семејни веселби не е на дневен ред ниту пред Комисијата за заразни болести. Во меѓувреме младите се снаоѓаат на друг начин или ја чекаат имунизацијата

Многу парови со нетрпение ја очекуваа оваа година со надеж дека штом ќе стигнат вакцините можеби ќе започне и организирањето свадби. Сонот за свадбена веселба со веќе однапред подготвени сценарија на многу млади двојки беше уништен откако минатата година ковид-19 влезе и во нашава земја.

Оттогаш, речиси една година, се откажани и сите поголеми собири, меѓу кои и свадбените свечености.
Некои млади што веднаш сакаа да ги стават своите потписи за склучен брак поитаа во матично со маски на лицето и според сите протоколи со двајцата сведоци во просторијата го кажаа судбоносното „да“. Сега и тие и оние што годинава планираат свадба со нетрпение ја очекуваат веста кога ќе почнат да се организираат свадбените веселби и се во огромно исчекување да дознаат дали ќе биде сѐ по старо или повторно ќе има некакви протоколи. Свадбените веселби со нетрпение ги очекуваат и рестораните, кои без нив едвај преживуваат. Угостителите велат дека за годинава во многу од рестораните сѐ уште нема ниту една закажана свадба.
– Последната свадба ја имавме во јануари минатата година и, еве, повеќе од една година немаме свадби во нашиот ресторан. Откако влезе пандемијата во земјава, ни беа откажани педесетина свадби, а тоа значеше и огромна финансиска загуба за нас. Едвај преживуваме за да се исплатат плати, а знаете за секоја свадба се ангажираат и хонорарци, кои, за жал, мораше да бидат отпуштени, затоа што нивниот ангажман беше непотребен.

Нелогично е државата за едни да биде мајка за други маќеа, можело по четворица луѓе да седат на маса и во една кафеана да има стотина лица, а не можело да се организира свадба со сто гости во сала за свечености на површина од 850 квадратни метри, со колку што располагаме. Во неа во нормални услови има капацитет за 400 гости, а зошто не би можело на растојание да се распоредат стотина дојдени за свадба. Немаме никаква најава од кога ќе може да организираме свадби, но веќе сме пред колапс – нагласи Вукашин Дрекаловиќ, менаџер во „Амор“, ресторан за организирање свадбени веселби.
Од Управата за водење на матичните книги велат дека сѐ уште при склучување брак постапуваат во согласност со препораките на Владата за постапување во услови на пандемија.
– Во согласност со моменталната ситуација со пандемијата, управата нема добиено насоки со кои ќе се овозможи склучување брак, на кој ќе присуствуваат повеќе лица и во моментот сѐ уште важи правилото, во просторијата каде што се склучува бракот да бидат присутни само четири лица – децидни се од Управата за водење матични книги.
Свадбите сѐ уште не биле на дневен ред ниту пред Комисијата за заразни болести. Како што не информира доцент д-р Шабан Мемети, директор на Институтот за јавно здравје, во Комисијата за заразни болести, освен што се одлучило угостителите да работат до 21 часот, за друго воопшто и не се разговарало. Можеби ќе се размислува и разгледува откако ќе заврши имунизацијата.
Некои епидемиолози, пак, сметаат дека дури и да се вакцинираат сите, групирањето особено на свадби ќе треба да се избегнува.

– Јас не сум за традиционалните свадби и би ги забранил. Не треба да се опуштаме, имаме од 300 до 400 новозаразени секој ден, а оваа бројка на почетокот беше страшна. Сакаме да се однесуваме нормално да враќаме свадби, а состојбите се вонредни. Не е мал и бројот на починати, иако морталитетот паѓа, не паѓа бројот на новозаразени. Во Европа, од 45 држави, ние сме на 34-то место по новозаразени. Не знаеме што ќе се случува. Производителите на вакцина велат таа го покрива и британскиот сој, а веќе има дваесетина нови и затоа нема опуштање. Ако вакцините дојдат сега во февруари, во март да почнеме со вакцинирање и по четири недели втората вакцина ќе биде во април, дури во мај би имале, од првите што ќе се вакцинираат некој задоволителен имунитет. Потребни се од 15 до 20 дена да се постигне некаков имунитет. Ќе треба време сите да се вакцинираат, ќе останат џебови, децава се преносители, дали сите ќе се вакцинираат. Младите нека не чекаат свадби, можат да се регистрираат. Не треба да има групирање и метежите треба да се избегнат. Во подобри времиња може да се прослави во кафеана – вели епидемиолог Александар Стојанов.
За некои од младите, пак, свадбите се важни, но велат дека сепак за нив пандемијата донесе позитивни промени, бидејќи навистина нема потреба од старите традиционални свадби со 300 до 400 гости, зашто тоа е, според нив, премногу. Свадбата може да биде убава и со многу помалку гости.

– Бевме три пара, тројца другари еден по еден ги запросија своите девојки и договорија еден по еден да прават свадби и се врзавме со кумства. Но првите два пара ги направија свадбите, а кога дојде редот ние да закажеме свадба се случи пандемија. Решивме да почекаме, па да видиме што и како да испланираме. Потоа мои пријатели направија нетрадиционални свадби со малку луѓе и тоа ми се допадна. Всушност и покрај тоа што е пандемија, најубавиот и свечен чин си го одбележија на убав начин. Тоа нѐ наведе на заклучок дека всушност ковид-19 ги помести границите за правење свадби, нешто што можеби сега нѐ става во размислување дека свадбите ќе се прават малку поинаку. И сега размислуваме за тоа со колкав број луѓе да биде свадбената прослава и да се оттргнеме од сите тие помпезности и гламур. Ако сега поради пандемијава сите сме во финансиска криза, зошто тогаш да се потрошат толку пари за свадба и да се отплаќа сето тоа цел живот кога може да се направи свадба и со помалку гости и на еден фин начин. Но ние ќе почекаме најпрвин сите да се вакцинираат – вели Маја Серафимовска.