Според правните експерти, по однос на предметите и бројот на населението во земјата, Македонија котира многу високо меѓу државите за кои се водат предмети во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Тоа, пак, наведува на заклучок дека и самата правна легислатива на државата е проблематична и дека состојбите во македонското правосудство се лоши

Колку често Македонија е тужена пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) и каква поука може да се извлече од овие процеси, со оглед на фактот дека владеењето на правото е клучен критериум на нашиот пат кон европската интеграција.
Овие дилеми се актуелни во домашната јавност, откако неделава Европскиот суд за човекови права донесе пресуда против државата, во која се утврди дека начинот на кој полицијата собирала, обработувала и чувала ДНК-материјал не бил во согласност со членот 8 од правото на приватен и семеен живот од Европската конвенција за човекови слободи и права.

Во меѓувреме, според статистичките податоци од Бирото за застапување на Македонија пред Судот за човекови права во Стразбур, од 1995 година, кога Македонија стана член на Советот на Европа, а со тоа дел од Европската конвенција за човекови права, Судот за човекови права донел 153 пресуди против Македонија, а повеќето од нив или 108 се однесувале на прекршување на правото на судење во разумен рок.

Во последниот извештај на Бирото за застапување на Македонија во Стразбур е наведено дека дел од предметите што стигнале до судот се однесувале и на непристапноста на начелото на еднаквост во судската постапка, како и на отсуството на правна сигурност и конзистентна судска практика.

Во меѓувреме, познавачите на случувањата велат дека македонските граѓани најчесто поради системски судски грешки сѐ почесто се одлучуваат правдата да ја бараат тужејќи ја државата во Европскиот суд за човекови права.
Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, вели дека според застапеноста по однос на предметите и бројот на населението во земјата, Македонија котира многу високо меѓу државите за кои се водат предмети во Европскиот суд за човекови права.

Таа објаснува дека од година на година постои тренд на зголемување на бројот на предмети што се водат во Стразбур.

– Јас мислам дека сите во државата, знаејќи ги овие податоци, треба да се замислат зошто состојбите се такви и зошто имаме толкав број предмети пред Стразбур – вели Цаца Николовска.
Поранешната судијка вели дека овие состојби не зборуваат убаво за нас, за нашето право и за правната држава, односно сето тоа открива дека имаме голем број проблеми во судските постапки, кои се водат во домашните судови, но и во пресудите што произлегуваат од овие судења.

Цаца Николовска додава дека високиот број предмети наведуваат на друг заклучок, а тоа е дека и самата правна легислатива на државата е проблематична.
– Сето наложува обврска на државата да се обиде да ги среди проблемите во правосудството – резимира поранешната судијка во Стразбур.
Адвокатот Звонко Давидовиќ во врска со темата вели дека сите пресуди во Стразбур укажуваат на слабостите во македонското судство поради кое е цел на критика со години.

Според адвокатот, тоа е така бидејќи ниту „р“ од реформа не е направено во судството, иако ние го имавме и извештајот од Прибе, каде што точно беа лоцирани слабостите на судството.

Досега судот за човекови права донел 153 пресуди против Македонија

[email protected]