„И по Тито – Тито“ во уметноста, науката и новинарството

Кој најмногу се спротивставувал на обидите за зачленување на СФРЈ во тогашната Европска економска заедница? Како политичкиот и партиски врв на тогашната држава ја доживувал смртта на Јосип Броз-Тито и перспективите потоа?
За овие и за многу други помалку познати историски детали, прочитајте во фељтонот што е наш уреднички избор од најновата книга „И по Тито – Тито“, на првиот претседател на македонското собрание и висок функционер во неколку влади на поранешната СФРЈ, Стојан Андов. Книгата „И по Тито – Тито“ е дел од политичките мемоари на Андов што ги издава „Матица македонска“.

ФЕЉТОН: СТОЈАН АНДОВ „И ПО ТИТО – ТИТО“ (7)

За обележување е фактот што го констатирале безбедносните служби, дека „младите новинари на ‘Студентски збор’“ сите овие дискусии и писма не ги криеле од никого, уверени дека во тоа нема ништо нелегално.
Во редакцијата на „Студентски збор“, според личните изјави собрани од СДБ, на младите новинари најмногу им пречел односот на директорот и главен уредник, а најголем дел од новинарите ја поддржувале иницијативата на Гоце Ристовски и се залагале за реаматеризација на весникот (во весникот да не работат професионално вработени пропаднати студенти, кои одамна немале ништо заедничко со процесот на студиите), исто онака како што тоа било во другите студентски гласила во СФР Југославија. Гоце Ристовски се залагал од студентските весници од Белград, Загреб, Љубљана, Марибор да ги пренесат ентузијазмот во работата и солидната концепција на весникот, а не нихилизмот и негативностите, како што им изјавил на службениците на СДБ.
Написот на С.Н. „Зошто се роди Четвртиот рајх“, според сопственото признание во иследувањето до СДБ, прво како уредник го добил Г. Ристовски, и веднаш го испланирал за печат со техничкиот уредник, а подоцна пред иследниците од СДБ тврдел дека во меѓусебни разговори написот го оцениле како негативен и тенденциозен и како таков го отфрлиле и го потиснале од свеста.
„Во досегашната наша активност сигурно е дека преземаме голема вина и ние новинарите, особено Д. Николов и јас, како најискусни и најавторитетни во Редакцијата на ‘Студентски збор’. Сигурно дека со својот пример и насоки на дејствување сме влијаеле и врз другите и на извесен начин сме ги индоктринирале, но не треба да се занемари и целокупната состојба во ‘Студентски збор’, активноста на младинските конференции од најниско до највисоко ниво (универзитетски и републички), како и активностите на ОО на СК во НИО ‘Студентски збор’ и на факултетите.

Сметам дека насоките на нашата активност не се наша трајна определба, искуството со писмото и потписите веќе ни помогна да ги согледаме нашите застранувања и не треба да се дозволи поради тоа да бидеме жигосани и отфрлени уште од самиот почеток на нашиот живот, односно ќе ни бидат потребни разбирање и шанса да ги исправиме направените грешки“, наводно изјавил Гоце Ристовски за време на мачните испитувања од СДБ.
„Во сево ова досега голем удел имаше состојбата во НИО ‘Студентски збор’, каде што постојано се кршат многу административни и самоуправни акти, се работи без никаква одговорност пред општеството, се игра комар или шах, не се доаѓа редовно на работа и слично. Многу одлуки, важни за сите нас, се донесуваат без кворум, без адекватен состав и сето тоа, исклучително од постојано вработените што не ја делат судбината и немаат увид во состојбите во студентските средини. Тоа кај нас помладите создава револт, напорите што ги преземаме секогаш се безуспешни и поради тоа кај нас се јавува и сомнение во можноста проблемите да се менуваат по самоуправен пат, односно се создаваат предуслови за појава на реакционерни елементи во нашето однесување, конформизам, опортунизам и кариеризам или неконтролирана реакција, која ќе ни штети и нам и на општеството“, изјавил, според достапните документи на СДБ, пред надлежниот службеник осомничениот како непријател на државата од прв степен Гоце Ристовски. Во службената белешка препратена до повисока инстанција во полицијата, инспекторот запишал: „Мислам дека Гоце Ристовски презентира повеќе интересни моменти од нивната досегашна активност, беше во извесна мера и самокритичен и свесен за сторените грешки и самиот се оцени како еден од поекстремните членови на оваа неформална групација. Може да се заклучи дека придонесот на Гоце Ристовски на планот на индоктринацијата на другите е рамен на оној на Димитар Николов, со таа разлика што не е утврдено дали Гоце контактирал со В. Десница и В. Мијановиќ, или за тоа за што бил ангажиран само Д. Николов.
Пречуканите стихови од фотокопијата на забранетата збирка на Г. Ѓого, ‘Волнени времиња’, засега ќе претставуваат единствена валидна документација што би можела да биде искористена против него, но тука би можеле да се приклучат и изјавите на дел од членовите на редакцијата за неговото дејствување на планот на нивната индоктринација.

Поради блискоста на Г. Ристовски и Д. Николов, нивните чести контакти и намерата на Николов секоја сабота и недела да престојува во собата на Ристовски, се налага потреба од примена на мерката ОТС ад хок во истата соба.“
Според извештаите, во тоа време било направено и „расчистување“ со лицето С. Н., автор на необјавениот памфлет „Зошто се роди Четвртиот рајх“, во кој тенденциозно, злонамерно и невистинито ја прикажува општествено-политичката состојба во земјата и еден од носителите на активноста во „Студентски збор“ од анархолибералистички позиции, како што стои во документите на СДБ.
Во понатамошниот текст на Извештајот од СДБ се вели: „На ден 28.2.1982 година, од 16 до 21 часот, во службените простории на РСВР – СРМ, Скопје, извршено е расчистување со С. Николоски, студент по новинарство, за да се добијат конкретни сознанија за уделот на Гоце Ристовски во активноста на неформалната групација што дејствувала од позиции на анархолиберализам во редакцијата на весникот.“
Еве што изјавил С. Николовски: „Влијанието на Г. Ристовски во Редакцијата особено дојде до израз на почетокот од 1981 год., по неговото наименување за уредник на актуелно-политичката рубрика, кога наименуваниот ‘атмосферата’ и размислувањата во Редакцијата почна да ги насочува во друг правец.

Имено, од тој период започна позасилено да се наметнува либерализација на односите во Редакцијата, актуализирање на разговорите и барања за нова концепција на весникот ‘Студентски збор’ и инцијатива за промена на целокупното раководство на НИО ‘Студентски збор’. Кога Ристовски зборуваше за нова концепција на весникот, мислеше тој да се менува, како по својот технички изглед, така и по својата содржина, користејќи ја како модел концепциската поставеност на студентските гласила ‘Студент’, ‘Студентски лист’, ‘Полет’ и други. Според Г. Ристовски, ‘Студентски збор’ со старата концепција е најслаб весник во земјата и затоа сите ние од Редакцијата треба да го користиме стилот на пишувањето на колегите од другите гласила во земјата, односно да пишуваме што е можно покритички теми и проблеми од сите аспекти на општествено-политичкиот живот во Републикава и пошироко.
Истовремено, истиот Ристовски подвлекуваше дека за квалитетот на нивното гласило доволно зборува и фактот што ‘Студентски збор’, и покрај триесет и петгодишното излегување, сѐ уште не е забрануван или повлекуван од печат. Во целост ме поддржа и се согласи со содржината на мојот необјавен напис ‘Зошто се роди Четвртиот рајх’ и инсистираше тој да се печати, заради што се закануваше и со повлекување на својот текст од подготвениот број на весникот само за да се отпечати мојот напис.
Гоце е и потписник на писмото во знак на поддршка на полската организација ‘Солидарност’, го поттикнуваше Димитар Николов да биде истраен во активноста за собирање потписи, му даваше безрезервна поддршка.
Сметам дека Гоце Ристовски, користејќи ги својот интелектуален потенцијал, искуството и авторитетот, всушност беше највлијателниот новинар во Редакцијата на ‘Студентски збор’ и еден од носителите на нашата анархолибералистичка активност, ако не и пресуден за сите новинари.“

(Утре: Одново во Белград)