Во полициската акција „Ќелија“ во 2015 година беа уапсени луѓе регрутирани за одење на боиштата во Сирија

Во исчекување Владата и официјално да се изјасни дали и како ќе го решава проблемот со уште десетици евентуални повратници од боиштата на Исламската држава, за што веќе на големо се дебатира во повеќето европски земји, високи соговорници од полицијата брифираат дека МВР редовно врши постојан оперативен увид врз активностите на веќе регистрираните повратници во земјава

По барањето од претседателот на САД, Доналд Трамп, европските држави да си ги примат назад своите државјани што се бореле на Блискиот Исток во домашната јавност, исто како и во европската, повторно стана актуелно прашањето поврзано со заканите по безбедноста, кои во Македонија ги носат повратниците од боиштата во Сирија и во Ирак. Имено, според полициски информации околу 150 македонски државјани учествувале во војните во Сирија и во Ирак како припадници на паравоени формации, а од нив досега во земјава се вратени околу 80 лица.
Во меѓувреме, нашата држава проблемот со повратниците од ИД го третира и во сеопфатни државни документи насловени „Националната стратегија за борба против тероризмот за 2018-2022 година“ и „Стратегија за спречување на насилен екстремизам“.

Во студиите во сублимиран заклучок се наведува дека, веќе извесен период, се намалува бројот на македонски државјани што заминуваат на боиштата на Блискиот Исток. Како една од главните причини за намалувањето се наведува тоа што заминувањето на фронтовите во други земји, од пред неколку години, стана кривично дело, кое се казнува со затвор до пет години, а истото тоа важи и за оние што ги помагаат и организираат овие дела. Втората причина е помалата мотивација на потенцијални борци поради константното слабеење на ИД и нејзината сѐ помала платежна моќ.

Но проблемот со постоењето на споменатите осумдесетина лица, како и евентуално враќање на уште толку, останува. Во исчекување Владата и официјално да се изјасни дали и како ќе го решава проблемот, за што веќе на големо се дебатира во повеќето европски земји, високи соговорници од полицијата брифираат дека МВР редовно врши постојан оперативен увид врз активностите на регистрираните повратници во земјата од кои голем дел веќе биле осудени и се наоѓаат во затвор за ова дело. Тие велат дека во јавноста нема простор за страв бидејќи институциите се активни на терен и имаат големо искуство во справувањето со оваа појава. Според истите извори, овие повратници дејствуваат осамено, а не во организирани групи. Тие, сепак, се сметаат за безбедносен ризик за државата, пред сѐ поради опасноста во иднина да извршат радикализирање на нови луѓе и да врбуваат нови борци за операциите на исламските екстремисти.

Со тоа е согласен и професорот Стефан Буџаковски, кој смета дека безбедносната закана од ваков тип луѓе, кои учествувале во преземање на какви било дејства како борци на ИД, има потенцијал не само во Македонија, туку и пошироко на Балканот.
Докторот по воено-политички науки Благоја Марковски, пак, посочувајќи дека некои од луѓето заминуваа на боиштата на Блискиот Исток за пари, а некои поради идеологија, поради што, според него, вторите се поопасни зашто се враќаат уште порадикализирани отколку што заминале. Поради сето тоа, тој смета дека казнувањето не е доволно за да се спречи понатамошна радикализација туку е потребна и ресоцијализација.

Уште подлабоко во проблемот навлегува Самет Шабани, истражувач на безбедносни политики во „Аналитика тинк тенк“, кој на свој блог пишува дека Македонија со години предвидува само „хемотерапија“ за спречување на општествениот рак т.н. ИД наместо да користи превентивни лекови.

Шабани вели дека најуспешно оваа појава може да се анулира ако верските заедници преземат поактивни чекори за превенирање бидејќи на тој начин може да се воспостават долгорочни мерки за спречување појава на каков било идеолошки вид насилен екстремизам во општеството. И аналитичарите во некои европски земји ги посочуваат исламските верски заедници како клучен фактор во спречување на радикализацијата, а за потсетување е и дека Исламската верска заедница (ИВЗ) во Македонија, пред неколку години, излезе со слично мислење при што од Владата бараше помош за реализирање на одредени проекти во таа насока.

Дали и во која насока ќе се преземаат активности доколку Македонија навистина се соочи со потребата од враќање на преостанатите борци на ИД и на нивните семејства, најверојатно, како што посочуваат упатените, ќе зависи од активностите што ќе ги преземат другите европски земји, пред сѐ оние што се членки на Европската Унија.