Фото: Маја Јаневска-Илиева

Иако реформата на изборниот модел и воведувањето една изборна единица и отворени листи изминатиот период се најавуваа како едно од најважните прашања за вистинска изворна демократизација на државата и враќање на моќта на одлучување кај граѓаните, прашањето како да падна во сенка на политичките кампањи што се во тек, но исто така се чекаат и денот и датумот кога политичките лидери евентуално пак ќе се сретнат и ќе разговараат на оваа тема

Карванот на партиите, и без одреден датум за изборите, врви, политичарите се сретнуваат со граѓаните и организираат митинзи, а во исто време во јавноста се добива впечаток како да исчезна од приоритет прашањето за реформа на изборниот систем.
Ова суштествено прашање за реформа на изборниот модел, кое се наметна како една од најважните реформи за да се доближи партиите поблиску до граѓаните и да се постигне вистинска изворна демократизација во државата, како да падна во сенка на кампањата што е во тек.
Имено, кога во јавноста првично се пласира идејата за потреба за оваа реформа, политичките блокови на клучните партии зазедоа позиции што ним им одговараат. Опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ бара мнозински модел со 120 избирачки единици, а СДСМ, пак, сака една изборна единица, но би прифатила и отворени листи.

Премиерот и прв човек на СДСМ, Зоран Заев, неодамна изјави дека ветиле демократски модел во кој граѓанскиот глас ќе биде подоминантен и потсети дека традиционално измените во Изборниот законик се носеле со консензус. Христијан Мицкоски, пак, од ВМРО-ДПМНЕ рече дека ако навистина сакаат граѓаните да го дадат својот глас онака како што треба и тој глас да биде вреднуван, предлага 120 изборни единици.

Од друга страна, разлики на овие теми постојат и во албанскиот политички блок. ДУИ останува на ставот за шест изборни единици, како што е сега, но вели дека може да се разгледува опцијата за отворени листи. Алијанса за Албанците бара изборен модел со осум изборни единици, толку колку што има и развојни региони во земјава. Движењето „Беса“ бара три изборни единици, но и отворени листи.
Во меѓувреме, помалите политички играчи, пак, во Собранието формираа и иницијатива за една изборна единица, за која се потпишаа 12 пратеници од 10 партии и еден независен пратеник. Од претседателот на Собранието тие побараа да бидат вклучени во преговорите за измена на Изборниот законик за да се смени изборниот модел и, наместо шест, да има една изборна единица и отворени листи. Според Павле Трајанов, лидерот на Демократски сојуз, кој е еден од поддржувачите на иницијативата, само пропорционалниот модел со една изборна единица значи реален одраз на волјата на граѓаните и со него би се урнал монополот на големите партии.
Во контекст на актуелните случувања за обележување е и минатонеделната средба на партиските тимови за измената на Изборниот законик, на која работните групи на партиите во парламентот не донесоа никаква одлука, но се согласија дека е неопходно отворањето на оваа тема.

Претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, во изјава за „Нова Македонија“ ги коментира актуелните случувања и објаснува дека доколку партиите одлучат што навистина сакаат, не претставува никаков проблем во практика да се спроведат реформите на изборниот модел за следните парламентарни избори.
– Од гледна точка на практично спроведување, битно е да се знае дека за нас не е проблем временскиот период што ќе го одредат партиите за одржување избори, за да се подготвиме да ги спроведеме изборите професионално – вели Дерковски.
Според него, на крајот сѐ се сведува на тоа дали постои политички договор меѓу партиите и политичките чинители да се спроведе најавуваното.

– Во практика не е никаков проблем техничкиот карактер на спроведување на изборите дали тоа ќе биде една, шест или 120 изборни единици, на крајот од денот ќе гласаат 1,8 милион гласачи на истите гласачки места. Она што ќе биде различно, во зависност што ќе се договорат водачите на политичките чинители, е само моделот на броење на гласовите и ништо повеќе – вели Дерковски.
Тој објаснува дека она што идентично ѝ е неопходно на државата пред изборите е носење нов изборен законик.

– Ако знаеме дека досегашниот Изборен законик бил менуван и дополнуван 32 пати, не е тешко да се претпостави дека на земјата ѝ е потребен сосема нов закон. Со измените на овој закон ќе се допрецизираат претходните недоразбирања и на таков начин ќе добиеме ефективен инструмент во ДИК, со кој ќе можеме да ги спроведеме изборите подобро и побрзо, користејќи ефикасни методи во технологијата што ќе ги олеснат и начините на кои се гласа, но истовремено и брзината со која се пресметуваат гласовите – вели Дерковски.

[email protected]