Фото: Игор Бансколиев

Блокадата на Бугарија ги иритира дипломатите од другите земји во ЕУ додека билатералниот спор го кочи потегот за кој сите членки се договорија и кој многумина го сметаат за стратегиски приоритет – зголемување на влијанието на ЕУ на Балканот

По 15 години на фрустрации Македонија годинава доби зелено светло од Европската Унија (ЕУ) за почнување на приистапните години, за да налета на ново црвено светло на следната крстосница, пишува „Политико“.

Пристапните преговори можат да трајат со години и да се фокусираат на прашањата за подготвеноста на државата да му се придружи на европскиот блок. Но Бугарија го кочи почетокот на овие преговори со барања кои отвораат поинакво прашање – што претставува јазикот.

Според Софија, јазикот на кој се зборува во Македонија не е засебен, туку е регионална варијанта на бугарскиот. Скопје го отфрла ваквото тврдење исто како и барањето на Софија да го прифати ваквото гледиште пред почетокот на преговорите, пишува „Политико“.

Блокадата на Бугарија ги иритира дипломатите од другите земји во ЕУ додека билатералниот спор го кочи потегот за кој сите членки се договорија и кој многумина го сметаат за стратегиски приоритет – зголемување на влијанието на ЕУ на Балканот, каде што ривалските сили како што се Русија, Турција, Кина и арапските држави од Персискиот Залив се активни. Но тоа не се споредува со незадоволството почувствувано во Македонија.

 – Ако која било држава во Европа треба да избере помеѓу нејзиниот идентитет и придружувањето на ЕУ, тогаш нешто е погрешно со ваквите опции. Кои сме ние е наша работа. Тоа е прашање за македонскиот народ. Мислиме дека ова никако не треба да биде предуслов за нашата европска иднина – кажа македонскиот вицепремиер Никола Димитров во изјава за „Политико“, додавајќи справувањето на ЕУ со ситуацијата ќе испрати порака до целиот регион за кредибилитетот на процесот.

За Македонија бугарската блокада е удар. Таа неодамна мораше да надмине друг предизвик поврзан со нејзиниот идентитет и членството во блокот, кога во 2019 година го смени името за да го разреши спорот со Грција. Атина тогаш го тргна ветото за придружување на Скопје на ЕУ и на НАТО. А сите 27 земји-членки на ЕУ, вклучувајќи ја и Бугарија, во март се согласија дека Македонија и Албанија треба да ги почнат пристапните преговори без дополнителни услови, заклучува „Политико“.