Кој кандидат за претседател на САД ги има симпатиите на македонските иселеници во Америка

Како македонската дијаспора што живее во САД ги гледа претседателските избори и кандидати на изборите во САД? Кој ги добива симпатиите на нашинците во Америка за поддршка за иден шеф на една од најголемите светски сили? Дали тамошните нашинци размислуваат како типичните Американци и повеќе се насочени за подобрување на состојбите внатре во Америка или, пак, сепак при гласањето ќе ја земаат предвид и надворешната политика на кандидатите, а особено кон земјата од каде што потекнуваат самите – политиките на САД кон Македонија?
Мето Колоски претседателот на Обединетата македонска дијаспора (ОМД), во својот осврт на актуелните политички случувања од Вашингтон, за „Нова Македонија“ вели дека организацијата од која тој е дел е непартиска и неполитичка, па оттука пред сѐ сака да истакне дека не се инволвира директно во американските избори.
Сепак, Колоски во својот одговор не крие дека нашата дијаспора во САД е политички поделена во смисла на изградените ставови и симпатии што ги има кон двајцата кандидати (Трамп и Бајден) за иден претседател.

– Поделбата за симпатиите кон еден или кон друг кандидат за претседател на Америка многу зависи од тоа каде живеат луѓето што се дел од македонската дијаспора во САД, на северот или на југот од земјата – вели Колоски. Ваквиот став тој го објаснува со постоењето во САД на две многубројни групации – „Македонски Американци за Трамп“ и „Македонски Американци за Бајден“.
Тој објаснува дека ставовите на Македонците кон претседателските кандидати во најголема мера се базираат на внатрешните политики што двајцата ги прокламираат во САД. Имено, од своето искуство Колоски истакнува дека македонската дијаспора ги гради своите ставови првенствено на верзиите на претседателските кандидати за дејствување на државата (администрацијата) во делот на спроведувањето на даноците, поддршката на малите бизниси и регулирањето на прашањата поврзани со имиграцијата!
Меѓутоа, Колоски од друга страна сака да истакне дека кога се говори за надворешната политика и двете групации нашинци имаат слични, но во суштина цврсти и непроменливи гледишта, кои во голема мера се идентични, а се во врска со политичките ставови на кандидатите кон Македонија и Македонците.

– Додека Бајден беше потпретседател на САД се случија многу проблематични состојби за Македонија, а дополнително за тие осум години Америка не спроведуваше политики со кои целеше на Балканот. Од друга страна, пак, за време на администрацијата на Трамп нам ни се случија промени како договорот од Преспа и промената на името, а сега и случувањата со Бугарија. Па оттука, кога се говори за националните интереси на Македонците, политиките и на двајцата кандидати може да се каже дека којзнае колку и не се разликуваат, немаат некои засебни белези што токму на Македонија како држава и на Македонците би им дале „ветер во грб“ за да излезат од ќор-сокакот во кој нѐ туркаат соседите. Нема такво нешто – резимира Колоски.