И Министерство за надворешни работи на Данска го демантираше пишувањето на бугарскиот весник „24 часа“ кој тврдеше дека Данска, како и Холандија, го поддржуваат ветото на Бугарија за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, објави порталот „Сакамдакажам“ пренесувајќи ја изјавата што ја добил од данското министерство.

– Информациите објавени во бугарските медиуми кои укажуваат на тоа дека Данска се приклучила кон ветото на Бугарија за пристапните преговорите на Северна Македонија во ЕУ не се точни. Данска ги поддржува актуелните предлози на Европската комисија во однос на преговарачката рамка со Албанија и со Северна Македонија и тоа многу јасно го соопшти на сите форуми за преговори. Данска е подготвена да ги прифати овие преговарачки рамки. Данска, дополнително, ја поддржува европската перспектива на сите земји на Западен Балкан. Во овој поглед, Данска го поддржува почетокот на пристапните преговори со Албанија и со Северна Македонија, откако ќе бидат исполнети условите утврдени од Советот за општи работи во март 2020 година – велат од Министерството за надворешни работи на Данска во изјавата за „Сакам да кажам“.

Претходно денеска, и холандската амбасада во Скопје го демантираше пишувањето на бугарскиот весник „24 часа“.