Изјавата на евроамбасадорот Жбогар дека „судството и не е во толку лоша состојба“, предизвика реакции на зачуденост во македонската јавност, со оглед на фактот дека главните забелешки при последното одлучување на Советот на ЕУ за доделување датум за почеток на преговори за членство на Македонија во ЕУ беа токму во насока на недостигот од реформи во правосудството. Во меѓувреме, премиерот Заев вчера појасни дека процесот што го спроведуваме се вика прочистување во делот на правосудството, кај судиите и јавните обвинители, а поимот ветинг не треба да го употребуваме поради тоа што симболизира една поинаква постапка што се спроведе во соседството

Изјавата на евроамбасадорот Самоел Жбогар дека во овој момент ветингот во судството не ѝ е најнеопходен на Македонија предизвика различни реакции во државата. Од зачуденост кај дел од политичките чинители и меѓу јавноста, бидејќи токму ЕУ беше и останува еден од најгласните поборници за реформи во правосудството, па до ретерирање или дообјаснување кај друг дел политичари, дека всушност и не се работело за ветинг туку за прочистување.
Ваквото јавно споделување тези и мислења, пак, отвори нови прашања и дилеми во македонската јавност за што точно се работи и на што се однесува. Првично, премиерот Заев ги повика ДКСК, УЈП, МВР, Судскиот совет… да почнат со проверка на имотот, приходите и работата на актуелните судии и јавни обвинители. Потоа евроамбасадорот Жбогар излезе со став дека во овој момент ветингот во судството не ѝ е најнеопходен на Македонија.
– Ветингот е последната опција. За ветинг има еден предуслов, тоа е консензусот од сите политички страни, но тоа е последното решение.

Во моментот не гледаме дека има потреба за такво нешто. Тоа е нашиот став, секако одлуката останува да се донесе во државата, во Северна Македонија. Претпочитаме судството да ги искористи елементите за подобрување од внатре. На крајот, и не е во толку лоша состојба – кажа евроамбасадорот Жбогар на темата ветинг.

По ваквата изјава на Жбогар, делумно ретерира и премиерот, кој се потруди својата идеја да ја објасни со разлика во значењето на зборовите „прочистување“ и „ветинг“.

– Процесот што го спроведуваме се вика прочистување во делот на правосудството, кај судиите и јавните обвинители. Поимот ветинг не треба да го употребуваме, поради тоа што ветингот, особено во регионот, симболизира една поинаква постапка што се спроведе во соседството, во Албанија, што претходно беше на меѓународни комисии.

Ние сме во понапредни фази со реформските закони, пред сѐ во правосудството, дадовме сериозни алатки каде што самите институции може да влезат и да го направат прочистувањето – дообјасни Заев.

Сепак, изјавата на евроамбасадорот Жбогар дека „судството и не е во толку лоша состојба“ предизвика реакции на зачуденост во македонската јавност, со оглед на фактот дека главните забелешки при последното одлучување на Советот на ЕУ за доделување датум за почеток на преговори за членство на Македонија во ЕУ беа токму во насока на недостигот од реформи во судството.

Со своја реакција се огласи и движењето ФРОДЕМ, од кое прашуваат дали ЕУ преку Жбогар настојува и понатаму правдата во Република Македонија да биде мислена именка.

– Евроамбасадорот Жбогар смета дека проверката на судската фела можела да причека, а ветингот е последната опција по која требало да се посегне. Според него, ЕУ сметала дека Македонија нема потреба од ветинг на правосудството во моментов. Го потсетуваме евроамбасадорот дека пред нешто повеќе од две години ЕУ се спротивстави на генералниот реизбор на судии во сите судски инстанци, а ситуацијата стана полоша. Да биде трагикомедијата поголема, истата таа ЕУ постојано вели дека бара владеење на правото во Република Македонија, судење во разумен рок, одговорност и гонење на сторителите на кривичните дела, правдата да биде достижна за сите, да нема селективна примена на законите. За жал, овие заложби паѓаат пред розовите очила на евроамбасадорот Жбогар – се вели меѓу другото во реакцијата на ФРОДЕМ.

Во текот на вчерашниот ден се обидовме да добиеме дополнителни аргументи и од евроамбасадорот Жбогар за неговата констатација дека на македонското судство не му е потребен ветинг, како и став на други дипломатски претставништва во Македонија од земјите -членки на ЕУ.

До затворањето на денешното издание на весникот добивме одговор од амбасадорот на Словенија во Македонија, Милан Јазбец, додека од германската амбасада се изјаснија дека немаат коментар за ставот на Жбогар околу потребата за ветинг во судството.
– Северна Македонија ги исполни сите услови за почеток на преговорите за членство во ЕУ и сметаме дека нема причина за никакви други дополнителни услови. И искрено верувам дека вашата земја наскоро ќе го добие датумот за почеток на преговорите – вели амбасадорот на Словенија, Милан Јазбец.

Фото: Дарко Андоновски