ПОЛИТИКАТА И ПАЗАРОТ – ТОЛКУ РАЗЛИЧНИ ИЛИ МОЖЕБИ СЛИЧНИ

Започна третата и последна фаза од уставните измени, обврска што произлегува од спогодбата од Мала Преспа. Според најавите, собраниската уставна комисија вчера попладне требаше да ја почне дебатата за амандманите, расправата на која беше договорено да се разгледаат четирите нацрт-амандмани, извештајот на Владата поднесен по одржаните јавни расправи, како и предлог-уставниот закон за спроведување на амандманите. Сепак до затворањето на весникот, иако расправата не беше започната, од она што беше најавено заклучно со последната постапка за промена на Уставот, парламентарните партии имаа право за поднесување нова тура амандмани на уставните амандмани, каде што повеќе партии, претежно од албанскиот блок, ја искористија таквата можност.

Заклучно со вчера, до Собранието во законскиот рок пристигнаа седум нови амандмани на предлог-амандманите на Уставот, и тоа два од Алијансата на Албанците, еден од Беса, еден од пратеникот од СДСМ, Мухамед Зекири, и три од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Зијадин Села и Сурија Рашиди од Алијансата за Албанците имаат еден амандман на предлогот на уставниот закон за спроведување на уставните амандмани со кој бара во членот 2 став 2 зборовите „македонски/граѓанин“ да се заменат со зборот „граѓанин“, а во образложението навеле дека тоа се бара за да се овозможи еднаквост во изразувањето на државјанството на сите граѓани на Република Македонија. Пратениците на Беса, Фадил Зендели и Теута Билали, исто така бараат интервенција во истиот став на уставниот закон, но тие предлагаат овој став 2 да гласи: „Од денот на влегување во сила на амандманот 33, граѓаните на Република Северна Македонија имаат државјанство на Република Северна Македонија“.

Амандман за истиот став од членот 2 на уставниот закон има поднесено и Мухамед Зекири од СДСМ. Овој пат неговото барање е допрецизирање на ставот, со тоа што на крајот на реченицата да се додадат зборовите „што не ја определува ниту, пак, ја прејудицира етничката припадност на граѓаните“.

Доколку се изанализира новата тура на амандмани на предлог-амандманите на Уставот, може да се забележи дека тие содржат пренагласена етноцентричност од страна на албанските партии. Со некои од овие барања и елементи, наместо да се зацврстуваат македонскиот идентитет, јазик, држава и нација се оптоваруваат амандманите со етничка боја, па дури во еден од нив се бара да се спомене и границата со Косово. Отворањето на највисокиот правен акт за промена на уставното име како обврска што произлегува од спогодбата со Грција, некои од албанските партии сакаат да го искористат и да „протнат“ свои амандмани со етнички барања, кои делумно се веќе решени со закони, коментираат познавачите на состојбите по повод новата тура амандмани во Собранието. Тие се согласни дека чекорите на политичките партии Алијансата на Албанците, Беса и другите се собирање политички поени од албанскиот електорат и ништо повеќе. Експертите се убедени дека таквите барања излегуваат надвор од духот на рамковниот договор, а уште повеќе од Преспанскиот, кој треба да реши децениски спор со Грција и ништо повеќе.

Политичкиот аналитичар Владимир Божиновски вели дека отежнувањето на процесот со вакви барања е некоректно, затоа што тие и онака се апсолвирани барања, кои не треба да се гледа дека се во духот на Преспанскиот договор. Божиновски истакнува дека овие нови амандмани, покрај тоа што непотребно го албанизираат процесот, се насочени единствено кон собирање политички поени кај албанскиот електорат.

– Целата таа работа е да се соберат политички поени и ништо повеќе од тоа. Треба сите да се надвор од памет за овие нови барања да се прифатат. Мое мислење е дека дури и подносителите на овие амандмани сами се свесни дека нивните нови барања нема да бидат прифатени од Собранието, но тоа за нивното гласачко тело, за кое се стремат да освојат повеќе симпатии на наредните избори, е чекор на кој можат да добијат повеќе политички симпатии кај електоратот – објаснува Божиновски.

Слично размислува и комуникологот Петар Арсовски. Тој вели дека сѐ што е напишано таксативно во новите амандмани не е во духот на преспанскиот договор и ова излегува надвор од тоа.

– Тоа се барања, само како популистички однос кон електоратот на овие две или три политички партии од албанскиот блок што сакаат да добијат некој политички поен на сметка на прогресот на Република Македонија во овој момент и ништо друго. Сепак, тука сакам да истакнам дека ова е и нивен обид да се фати шанса кога Уставот се отвора да се протнат нивните барања, кои лично верувам дека нема да поминат – заклучува Арсовски.

Инаку, пратениците од независната пратеничка група имаат поднесено амандмани со кои бараат уставните измени да се прогласат за неважечки доколку Грција не го ратификува Преспанскиот договор. Седницата на собраниската комисија за уставни прашања требаше за започне вчера попладне, додека пленарната седница се очекува да биде закажана од 9 јануари следната година. Ова е трета и последна фаза од уставните измени предвидени во согласност со договорот од Преспа.