Дали новото стратегиско партнерство меѓу Техеран и Пекинг ќе им овозможи на Кинезите сигурна стратегиска позиција, а од друга страна ќе ги зајакне иранската економија и регионална моќ? Како реагираат САД на тоа ново стратегиско партнерство? Дали има на повидок нов регионален политички пејзаж и дали претстои рекомпонирање на односите и во соседните региони?

Документот за стратегиско партнерство на Кина и Иран како повод

Неодамна во јавноста излезе документ што упатува на фактичка состојба каде што Кина и Иран влегуваат во 25-годишно стратегиска партнерство во областа на трговијата, политиката, културата и на безбедноста.

Што содржи договорот меѓу Кина и Иран

Соработката меѓу Кина и земјите од Блискиот Исток не е ништо ново во политиката, но, сепак, она што го разликува овој договор е прво, дека и двете држави имаат глобални и регионални амбиции и второ, двете договорни страни имаат затегнати односи со САД. Покрај тоа, договорот содржи и безбедносна компонента. Неговиот воен аспект носи нови грижи за Американците, имајќи го предвид стравот со кој реагираше Вашингтон по минатогодишната здружена поморска вежба во Индиски Океан и заливот Оман, изведена од страна на Иран, Кина и Русија.
Зголеменото кинеско влијание во Источна Азија и во Африка создаде сериозен предизвик за американските интереси, а Блискиот Исток е следното бојно поле на кое Пекинг може да ја тестира хегемонијата на САД – овој пат преку алатката наречена Иран. Ова е од особено значење, бидејќи договорот и неговите импликации целосно ги надминуваат економската сфера и билатералните односи: помеѓу другото, негова цел е да изврши влијание на внатрешно, регионално и на глобално ниво.

Договор од есенцијално значење за Иран

На внатрешен план, договорот може да биде економската сламка за спас на Иран – тој ќе ја зачува неговата истоштена од санкции економија по пат на сигурна продажба на иранскиот гас и нафта во Кина. Покрај тоа, Иран ќе биде во можност да ги користи како џокер своите стратегиска врски со Кина во сите можни идни преговори со западните земји, имајќи ја како предност и својата способност за проширување на кинеското влијание врз територијата на Персискиот Залив. На долгорочен план, иранската стратегиска блискост до Кина укажува дека Техеран полека но сигурно ја приспособува својата досегашна происточна политика, за да ја зајакне регионалната воена моќ и да го поткопа американското влијание во Персискиот Залив.

А какво значење има договорот за Кина?

Што се однесува до Кина, овој пакт може да помогне во гарантирањето на нејзината енергетска безбедност. Имено, Персискиот Залив обезбедува повеќе од половина од енергетските потреби на оваа земја. Оттука, постојаната и сигурна слободна навигација преку заливот е од огромно значење за Кина. Саудиска Арабија, која е докажан сојузник на САД, во последно време стана најголем кинески снабдувач на сурова нафта. Само како пример, во текот на мај, кинескиот увоз на саудиска нафта постави нов рекорд, кој изнесува 2,16 милиони барели дневно. Оваа силна зависност е во директна спротивност со генералната кинеска политика за разновидност во однос на енергетските извори и непотпирање само врз еден енергетски снабдувач (другите нејзини арапски нафтени снабдувачи од Персискиот Залив одржуваат блиски безбедносни врски со САД).
Кина стравува дека сега, додека се засилува трговската војна меѓу двете држави, САД би можеле да извршат притисок врз овие земји, очекувајќи од нив да не го снабдуваат Пекинг со потребната енергија.
Јасно е дека сеопфатното стратегиска партнерство со Иран претставува добра заштита, а наедно и еден вид полиса за осигурување – тоа ќе ѝ обезбеди на Кина редовен гарантиран и евтин извор на енергија.

На повидок нов регионален политички пејзаж

Кинеско-иранските врски неизбежно ќе доведат до модифицирање на регионалниот политички пејзаж во корист на Иран и на Кина, а притоа и дополнително ќе го поткопаат американското влијание. Со сигурност може да заклучиме дека овој пакт ѝ дозволува на Кина да игра уште поголема улога во еден од најзначајните светски региони. Сепак, да не заборавиме: стратегискиот пејзаж се промени уште во 2003 година и американската инвазија на Ирак. Во новиот регионален поредок се проширија транснационалните идентитети базирани врз религиски и секташки поделби, менувајќи ја самата суштина на динамиката на моќ.
Овие промени, вклучувајќи го и повлекувањето на американските воени трупи и немирите од Арапската пролет, им овозможија на средно моќните сили како Иран да го пополнат испразнетото место и да ја зајакнат сопствената регионална моќ. Истовремено, по заземањето на власта од страна на Си Џинпинг во 2012 г., кинеските власти изразија посилна желба да направат од Кина светски моќник, кој ќе има поактивна улога во другите светски региони. Оваа амбиција се покажа на дело во вид на кинеската иницијатива „Појас и пат“, преку која уште повеќе се нагласи големата стратегиска важност на Блискиот Исток.
Кина ги сфати позицијата и важноста на Иран како нов регионален моќник на Блискиот Исток. Регионалните случувања во последниве години го „бетонираа“ иранското влијание. За разлика од САД, Кина се реши за еден аполитичен пристап ориентиран кон развој на регионот, користејќи ја регионалната моќ на Иран за проширување на економските односи со соседните земји и воспоставување безбедност во регионот со т.н. развоен мир, наместо т.н. демократски мир на Западот. Овој пристап е широко поддржан од страна на авторитарните држави на Блискиот Исток.

Каде се САД во однос на новото стратегиско поврзување Кина – Иран

Со оглед на тоа што остануваат само уште 3 месеци до претседателските избори во САД, критикувањето на новото иранско-кинеско стратегиска партнерство би можело да ја загрози можноста за победа на републиканците. Овој меѓусебен договор ќе биде доказ дека стратегијата на максимален притисок од страна на администрацијата на Трамп доживеала голем неуспех – не само што не успеала да ги контролира Иран и неговото регионално однесување туку и го натерала Техеран да се „фрли“ во прегратката на Пекинг.
Повлекувањето на Трамп од нуклеарниот договор со Иран во 2018 г., како и постепеното воведување политика на максимален притисок беа последните обиди на американските власти за запирање на растечкото иранско влијание во регионот. Иако ваквата американска политика изврши силен удар врз економијата на Иран, сепак, таа досега не успеа да ги смени амбициозните регионални и воени политики на оваа држава.
Како резултат на сево ова, новоформираната стратегиска соработка меѓу Кина и Иран дополнително ќе ја поткопа силата на САД, поплочувајќи го кинескиот пат кон поактивна улога во животот на Блискиот Исток.
Радикалите во Техеран веќе со години навиваат за стапување во поблиски односи со Кина. Американското повлекување од нуклеарниот договор им го даде токму она што го посакуваа. Таканаречената кампања за максимален притисок на Трамп им даде поттик на радикалните политичари во Техеран, маргинализирајќи ги оние што се определија за дипломатски пристап.

Влијание на договорот Кина – Иран на соседните региони

Кинеско-иранското партнерство ќе има влијание и врз соседните региони, вклучувајќи и врз Јужна Азија. Во 2016 г., Иран и Индија потпишаа спогодба за инвестирање во иранското стратегиско пристаниште Чабахар и изградба на железничка пруга што ги поврзува југоисточниот Чабахар и источниот Захедан, како и за поврзување на Индија со Авганистан и Централна Азија. Денеска Иран ја обвинува Индија дека под притисок на САД ги одложува своите инвестиции, решавајќи да ја „ослободи“ од учеството во проектот.
И додека иранските власти одбиваат да признаат дека нивниот чекор за отстранување на Индија од проектот „Чабахар-Захедан“ има врска со новиот 25-годишен договор со Кина, се чини дека за таквата одлука во голема мера придонесоа и блиските односи на Њу Делхи со Вашингтон. Замената на Индија со Кина во еден толку важен стратегиски проект ќе го промени балансот на силите во Јужна Азија – секако, на штета на Њу Делхи. Сега Кина има шанса да ги поврзе пристаништето Чабахар со пакистанскиот град Гвадар, кој е главен центар во рамките на иницијативата „Појас и пат“.
Без оглед на мислењето на Вашингтон, новата кинеско-иранска врска со текот на времето ќе ги поткопа индиските интереси во регионот, особено ако во целата игра се вклучи и Пакистан.

Имплементацијата на иранскиот предлог за проширување на постојниот кинеско-пакистански економски коридор по должината на северните, западните и јужните оски, како и за поврзување на пакистанското пристаниште Гвадар со иранското Чабахар, а потоа и со Европа и Централна Азија преку Иран, сега се чини многу поизводлива.
Доколку успее овој план, „златниот прстен“ составен од Кина, Пакистан, Иран, Русија и Турција ќе се претвори во центар на иницијативата „Појас и пат“, поврзувајќи ја Кина со Иран и понатаму со Централна Азија, Касписко Море и – преку Ирак и Сирија – со целиот Медитеран.
На 16 јули, иранскиот претседател Хасан Рухани објави дека пристаништето Јаск ќе стане главна локација за утовар на нафта во земјата. Ставајќи сѐ поголем акцент на развојот на своите две стратегиски пристаништа Јаск и Чабахар, Иран се обидува да го пренесе сопствениот геостратегиски фокус од Персискиот Залив кон Заливот во Оман. Ова би му овозможило на Техеран да го избегне тензичниот регион на Персискиот Залив, би го намалило патното растојание за танкери што превезуваат иранска нафта, а Техеран би можел да го затвори теснецот Хормуз секогаш кога има потреба за тоа.
Билатералниот договор ѝ дава на Кина извонредна можност за учество во развојот на ова пристаниште, а со тоа таа ќе може да го додаде Јаск во својата мрежа на стратегиски локации во регионот.

Според овој план, регионалните индустриски зони развиени од страна на кинески компании во некои од земјите на Персискиот Залив ќе бидат поврзани со пристаништа во кои Кина има значително присуство. Ваквата поврзана мрежа од индустриски зони и пристаништа дополнително ќе ја проблематизира американската доминантна позиција во регионот за стратегиски важниот теснец Хормуз.
Во таа смисла, кинеско-иранското стратегиско партнерство ќе изврши големо влијание врз ривалството помеѓу светските моќници САД и Кина. И покрај тоа што Кина останува најголем трговски партнер на САД и сѐ уште постојат обемни билатерални односи помеѓу двете светски велесили, нивниот натпревар се засили на многу полиња и до тој степен, што голем број набљудувачи тврдат дека светот полека влегува во нова студена војна. Имајќи ја предвид геополитичката и економска важност на Блискиот Исток, договорот со Иран им дава на Кинезите уште едно моќно „оружје“ на глобалната сцена во нивната конфронтација со другата суперсила – САД.