Историјата можат да ја одбранат само историчарите

Неодамна (на 13 јуни 2020) во главниот град на поранешната заедничка ни држава СФРЈ беше потпишана декларација за одбрана на историјата од ревизионизам и од политичка злоупотреба („Да ја одбраниме историјата“) од претставници на државите што се осамостоија од југословенската федерација, на што имаа уставно право.
Веднаш треба да се каже дека ревизионистички пристап кон историјата има не само во државите што се создадоа со распаѓањето на југословенската федерација, во земјите од т.н. Источен блок, туку и во европските држави со подолга (демократска) традиција. Доволен е само еден пример – имено, сведоци сме на „заборавање“ на Денот на победата над фашизмот во Втората светска војна и негово преименување во Ден на Европа, од страна на најизвиканите западни демократии. Та, затоа, воопшто не е чудно што Бугарија како членка на ЕУ безочно ги негира фашистичките злосторства во Македонија и бара да бидат избришани од меморијата на македонскиот народ со бришење од учебниците и од спомениците – што претставува ноторен фалсификат на одамна утврдени и општоприфатени историски факти.

Та, затоа, ако треба да се прават декларации, тоа прво треба да го направат западноевропските демократии и да го применат кај своите членки, во прв ред оние од Балканот (Грција, Бугарија), а не да им ги „подметнуваат“ само на земјите од поранешната СФРЈ. Имено, проектот „Кој прв почна – историчарите против ревизионизмот“ е финансиран од Делегацијата на ЕУ во Србија и работен во рамките на невладина организација, со што јасно се имплицира дека сите историски институции работат националистички. На ваквиот однос од Старата Дама, сега во ликот на ЕУ, особено се подложни младите историчари, желни за себепромоција и задоени со новата глобалистичка идеологија, кои не ги сфаќаат последиците од оваа нова – помодарска идеологија, која е жестоко критикувана токму во земјите на ЕУ. Овој глобалистички пристап повторно во прв ред им се наметнува на народите од СФРЈ, на кои им е „забрането“ националното чувство, та зборот национализам на Балканот го има изгубено изворното, позитивно значење и се користи во негативна смисла, со значење на шовинизам.

И само оние што живееле или подолго престојувале во западноевропските земји знаат колку многу и како таму се негува националното чувство, кое е основен репер за самоосознавање и опстојување на секој народ. Простете, господа, ама историјата прво е национална, а дури потоа е универзална, или наднационална, како што ЕУ, со вакви експерименти, милува да ја нарекува. Распаѓањето на југословенската федерација во западноевропските демократии се објаснува првенствено со национализам, а поретко и со идеолошки причини, што беше случај со земјите на т.н. Источен блок, што за СФРЈ, чиј политички систем беше сосема различен, не е пресудно. За СФРЈ има повеќе причини, како што се: економската криза, вечното ривалство меѓу Србите и Хрватите за превласт во југословенската федерација, нееднаквата положба на републиките како на економски така и на политички план, што делумно беше условено од нивното минато и историски развој итн. Неспособни да ја решат кризата, како на економски така и на политички план, водечките југословенски политичари се свртија кон испробаниот метод на разгорување на националистичките страсти. Повеќе од очигледно е дека националните митови воопшто не беа причина за распаѓање на СФРЈ, туку дека беа дрско злоупотребени од страна на политичарите, во прв ред на домашните, како метод за остварување на нивните цели.

Но треба да се биде чесен и да се каже дека европските бирократизирани и конзервативни политичари, притоа мрзеливи и незаинтересирани да ја согледаат современата состојба, дејствуваа според политичките стратегии од времето до и во текот на Втората светска војна, толерирајќи ги националните митови на старите сојузници, што е најизразено во случајот со Грција во однос на Македонија, а на повидок е ист таков став и однос кон бугарските барања за менување на македонскиот идентитет со користење „историски аргументи“. А токму Република Македонија беше единствена Република што се осамостои без разгорување националистички и верски страсти. Сепак, нејзиното осамостојување предизвика жестоки реакции од нејзините соседи, што за многумина беа неочекувани.

Секој сосед ги искажа на свој начин, во зависност од историскиот багаж или, поточно кажано, од гревовите направени во минатото. Најжестоки беа реакциите од јужниот сосед, кој негирањето на македонската нација го затскрива со негирање на името. Источниот сосед побрза да ја признае државата, но го негираше јазикот (за да ги оттргне Македонците од божемните прегратки на југословенството и да ги придобие за себе) и, не успевајќи во намерата, сега од позиција на членка на ЕУ, освен јазикот, ја негира и нацијата, заканувајќи се со блокада за нашето членство во ЕУ. Западниот сосед, пак, поради албанското малцинство во Република Македонија, води дволична политика: од една страна декларативно ја признава и прифаќа државата Македонија, а од друга страна ги поддржува сепаратистичките тежненија за обединување на сите Албанци во една држава.

И наместо да зборуваат за божемно самосожалување и виктимизација на балканските народи, историчарите треба да бидат чесни и да признаат дека дел од нив учествуваше во промоција на старите национални митови, а неретко го премолчуваше дури и го поддржуваше создавањето нови митови од страна на новокомпонираните – псевдоисторичари што започнаа со и се впрегнаа во преиспитување на историјата. Тие прво започнаа со жестока критика на севкупните резултати на историската наука, а потоа се фрлија на пишување на нивната историја, т.е. „вистината“ за историјата, почнувајќи од најрано време т.е. од прапочетоците и од „вистинските предци“, за жал поддржани и од одделни професионални историчари, а некои од нив дури и се вклучија во тој процес на ревизија на историјата.
Но, со големи букви „но“, историската наука и минатото не се бранат од злоупотреба со декларации, туку со конкретни чекори токму од историчарите, во прв ред со беспоштедно побивање на фалсификувањето на фактите, и не со молчење, а особено со неставање во служба на политиката, што, за жал, е чест случај токму во овие земји чии претставници ја потпишаа споменатата декларација.