Група историчари од регионот регираат по блокадата од Бугарија, коментирајќи дека со тоа се злоупотребува историјата во процесот на европските интеграции.

Историчарите од Словенија, Хрватска, Босна, Црна Гора и Србија, напишаа заедничка Декларација, насловена: „Да ја одбраниме историјата”. Писмото е потпишано од Дубравка Стојановиќ, Хуснија Камберовиќ, Твртко Јаковина, Божо Репе, Аднан Прекиќ, Сњежана Корен, Бранимир Јанковиќ, Момир Самарџиќ и други.

– Ние потписниците на ова писмо изразуваме протест и осуда на овој пример на историски ревизионизам и злоупотреба на историјата за политички цели. Сметаме дека овој пристап е опасен не само за историјата како хуманистичка дисциплина, туку и за демократијата и просперитетот на регионот, но и за самата Европска унија. Наметнувањето „историски вистини” е неприфатливо и опасно. Создавањето на македонската нација не се разликува од начинот на кој се создале сите други нации, а правото на самоопределување е основно човеково право – се наведува во Декларацијата.

Историчарите бараат од колегите во Македонија и Бугарија, но и во сите земји во регионот, да бидат професионални и да се спротивстават на злоупотребите во својата дисциплина.

– Од политичарите бараме да водат одговорни политики, да не ги подржуваат историчарите кои поттикнуваат националистички конфликти и да не вршат притисоци кои доведуваат до фалсификување на минатото. Од европските институции и држави бараме да реагираат на злоупотребите на историјата, почитувајќи ги основните принципи на Европската унија кои овие денови на Балканот и во Европа се загрозени, како што се различноста, антифашизмот и демократијата. Европската унија е создадена како лек против лошите искуства од минатото и затоа да не дозволиме преку искривување на историјата да се уништуваат принципите на кои се темели идејата за обедината Европа.

Ние, потписниците на ова писмо даваме подршка на интелектуалците и историчарите во Македонија и Бугарија кои отворено се спротивставуваат на политичките притисоци и се борат за заштита на својата професиоја и професионалните стандарди. Само солидарни можеме да ги совладаме озбилните пречки кои стојат пред нас! – се наведува во Декларацијата.