Премиерот Зоран Заев во присуство на министерката за одбрана Радмила Шекеринска и на генералот Симеон Трајковски, денеска го прими командантот на Врховната сојузничка команда на НАТО за трансформација генерал Филип Лавињ, непосредно пред церемонијата за потпишување на заедничката декларација за интеграција на Македонија во структурите на НАТО, информираа од Владата.

Со потпишување на оваа заедничка декларација официјално се заокружува процесот на воено интегрирање на Македонија во командните структури и во структурата на силите на Алијансата. Македонија посветено работеше на процесите кои ја овозможија воената интеграција со што земјата гордо застанува рамо до рамо со нашите сојузници во НАТО, според владиното соопштение.

Премиерот Заев, министерката за одбрана Шекеринска и генералот Лавињ, на средбата разговараа и за придобивките од членството на Македонија во НАТО како придонесот за стабилноста во регионот кој гарантира инвестиции во државата, но и за придонесот на Македонија во мисиите на НАТО.

На средбата беше истакнато дека церемонијално потпишување на заедничката декларација е споделена чест и гордост од посветеноста на сите кои учествуваа во овој процес.