Фото: Игор Бансколиев

Означена како „историска“ од страна на кабинетот на грчкиот премиер Алексис Ципрас, неговата посета на Македонија се очекува да ги зајакне врските помеѓу соседите кои неодамна го разрешија деценискиот спор, пишува грчкиот весник „Катимерини“.

– Посетата е уште еден чекор кон консолидирање на водечката улога на Грција во Југоисточна Европа, како столб на мирот, стабилноста и на развојот – велат изворите за грчката новинска агенција АНА-МПА.

Официјалната посета на Ципрас, прва на еден грчки премиер на Македонија, ја следат 100 акредитирани новинари, од кои околу 40 се од Грција.

Посетата ќе биде пренесувана во живо од националните телевизии на Грција и на Македонија, вклучувајќи го пристигнувањето на аеродром, свечениот пречек пред Владата, меѓувладината седница, заедничката прес-конференција на премиерите и бизнис форумот.

Во Владата во тек се разговорите на премиерите.