Фото: Игор Бансколиев

Жителите што живеат на потегот околу Кванташкиот пазар и Маџари, мака мачат со железничката пруга на улицата Перо Наков. Велат дека возејќи со години на овој потег си ги искршиле и оштетиле возилата и потенцираат дека се создава огромен метеж, бидејќи секое возило мора речиси целосно да застане за безбедно да премине преку шините

Пруга што им создава главоболка на скопјани кога ја преминуваат

И покрај тоа што сите локални власти изминатите децении инвестираа во обновување на патната инфраструктура во метрополата, сепак се чини дека уште ќе има работа за локалните власти и во наредните децении. Работа во градот има уште многу, особено ако се земе предвид фактот што додека да се средат сите улици во целиот град, независно дали станува збор за улици под надлежност на градот или општините, тие веќе реконструираните веќе се оштетиле. И сѐ така во круг, едно закрпи, друго поправи, работа во фреквентен град како што е Скопје секогаш имало и ќе има. Сепак, некои од сообраќајниците бараат повеќе внимание и поголем ангажман од страна на локалните власти.

ВОЗИЛАТА се оштетуваат при невнимателно минување преку шини

Жителите што живеат на потегот околу Кванташкиот пазар и Маџари, мака мачат со железничката пруга на улицата Перо Наков. Велат дека возејќи со години на овој потег си ги искршиле и оштетиле возилата и потенцираат дека се создава огромен метеж бидејќи секое возило мора речиси целосно да застане за безбедно да премине преку шините.
– Јас колку што знам, на оваа пруга никој не вози, бидејќи живеам тука во близината и никогаш досега не сум видел воз да вози тука. Не ми е јасно зошто стојат шините, кога само ни прават штета нам, возачите. Редно време е да се тргнат и да се среди оваа улица, бидејќи е навистина доста фреквентен дел од градот и Општина Гази Баба. Решение мора да се изнајде, бидејќи во периодот на сообраќајните шпицови, кои како насекаде така и кај нас ги има во периодите од 7.30 наутро до осум, па потоа во периодот од 16 часот до 17. Во тој период е ужасен сообраќаен хаос, а шините дополнително го забавуваат сообраќајот – вели Слободан Крстевски, жител на Маџари.
Дека тоа е голем проблем тврдат и некои од продавачите на Кванташкиот пазар.
– Секојдневно набавувам свежа роба за тезгата што ја имам и од каде што го печалам својот леб. Имам возило „пик-ап“, кое кога ќе го натоварам и треба да поминам преку пругата едвај вози. Со тоа возило јас ја прехранувам својата фамилија, а постојано сервисирам криви бандажи поради тоа што морам да се движам од тука. Мојот братучед, пак, продава во своја продавница во Чаир и тој со својот автомобил доаѓа од кај мене да набави стока за делот каде што продава овошје и зеленчук. И тој речиси секојдневно минува низ истиот потег, па се соочува и со истиот проблем – вели Амел Кучиќ.

Да се најде ефикасен и безбеден начин за вкрстување на железничките пруги со улиците

Градските стручни служби велат дека работат на тоа да се овозможи безбеден сообраќај за сите и на сите локации во метрополата.
– Град Скопје работи на тоа да се овозможи безбеден сообраќај на сите локации каде што имаме вкрстување на железничка пруга со улици и булевари. Станува збор за сериозен предизвик, кој мора да се надмине во координација со Македонски железници, МВР и Министерството за транспорт и врски, бидејќи ние како институција не можеме без соодветна дозвола да правиме интервенции што би довеле до сопирање или застој на железничкиот сообраќај – велат од Градот.
Оттаму додаваат дека пругата се користи, иако поретко.
– На конкретната локација посочената пруга се користи во ограничен капацитет и не е точно дека истата таа не се користи. Ние сме запознаени со оваа состојба и бараме начини за подобрување на безбедноста и условите во сообраќајот на конкретната локација. Од овие причини, Град Скопје планира да ја формализира соработката со Македонски железници, каде што планираме да склучиме договор за реконструкција на сите патни премини на ниво на улица, кои се наоѓаат на градски улици. Со овој договор ќе биде опфатен и гореспоменатиот премин – информираат од стручните служби на Градот.

[email protected]