Фото: Архива

Oд МНР поради зафатеност или одмори нема одговор за најновите провокации од соседите кон Македонија, при што собирот на Македонците во Овчарани и пеењето македонски песни беше окарактеризирано како иредентистички чин, додека бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов македонско малцинство во Бугарија го спореди со Марсовци и Ескими

И покрај демонстрираната отвореност на Македонија за дијалог со Грција и со Бугарија преку потпишувањето првенствено на договорот за добрососедство со Софија, но подоцна и преку потпишувањето на Преспанскиот договор со Атина, како и преку големиот број отстапки што ги направи нашата држава, сѐ во интерес на добрососедството, деновиве се зачестени нападите и навредите кон македонскиот народ токму од јавноста во овие две наши соседни земји. Имено, чекорот со кој најпрво бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов „т.н. македонско малцинство во Бугарија го спореди со Марсовци и Ескими, но и веднаш потоа реакцијата на грчката јавност со која собирот на Македонците од егејскиот дел на Македонија во Овчарани и пеењето на македонски песни го окарактеризираа како иредентистички чин, со кој се прекршува договорот од Преспа, ја вжешти атмосферата што по потпишувањето на договорите, наместо да се смирува, непотребно се распламтува.

Во таа насока „Нова Македонија“ побара одговор од македонското министерство за надворешни работи дали досега ресорното министерство вложило каква било протестна нота до Грција или грчкото МНР за најновите грчки провокации, но и кои било други одредби во однос на исполнувањето на договореното од Преспа од страна на Грција. Дали и колку Грција го почитува договорот, кој евидентно самата досега повеќекратно го прекрши, продолжувајќи да нѐ ословува како сака, понекогаш и подбивно само како северен сосед, без да го спомене зборот Македонија?

Иако до затворањето на весникот не добивме официјален одговор, накратко телефонски ни беше речено дека поради одмори и зафатеност на персоналот прецизен одговор од МНР ќе добиеме од следната недела. Оваа новонастаната состојба, за која нашите институции, за жал, немаат експресен одговор во однос на провокациите што доаѓаат од надвор, потсетува на времето кога се потпишуваа договорите за добрососедство со Бугарија и Преспанскиот со Грција и кога информациите околу деталите за спогодбите доаѓаа единствено од надворешни канали.

Во меѓувреме ваквиот речник и однесување на грчката страна, но и бугарската кон нас, наидоа на реакции во домашната јавност. Според дел од домашните познавачи на состојбите, ваквата позиција на соседите кон нас, и покрај потпишувањето на наметнатите договори, покажува дека односот на соседите кон нас не е променет со векови. Денес е ново само повикувањето на историјата, кое, и покрај потпишувањето на договорите со двете земји, не може да се искорени. Поранешниот дипломат Ристо Никовски вели дека овие реакции на Атина, но и на Софија, се само почеток на последиците што произлегуваат од потпишаните договори.

Фото: Архива

– Не треба да забораваме дека толкувањето на грчката страна на Преспа е дека ние прифативме дека нема Македонци во Грција. Барем не од нашите, што со други зборови значи дека отсега натаму не само во Грција туку и за светот „Македонци“ ќе бидат 2,5 милиони измислените во Грција. Сегашните реакции од Грција околу Овчарани се само почеток, ваквите последици ќе бидат сѐ почести во иднина. Ова се само потврди дека договорите со Бугарија и Грција не ги решија проблемите со овие земји, туку само ги ставија на маса, а нашите рани ќе крвават уште многу години – анализира Никовски.
Инаку, грчка ТВ Стар неделава објави прилог во кој собирот на Македонците во Овчарани, Егејска Македонија, беше прикажан како иредентистички чин на „псевдомакедонци“ што пеат македонски песни. Во телевизискиот прилог Скопје беше обвинето дека шири иредентистичка пропаганда, а Македонците за грубо кршење на договорот од Преспа. Во новинарскиот телевизиски приказ беше посочено дека „Виножито“ е филоскопска организација, а тврдењата за постоење на македонско малцинство во Грција се опасни, историски неточни и полни со омраза, пренесуваат грчките медиуми.

Иако сегашните околности што беа прикажани во грчката јавност звучат како провокација, засега сѐ уште нема реакции за овој чин од домашните власти, но и други меѓународни институции. Можеби во иднина пред секој значаен јубилеј или собир на Македонците, дома или надвор од државата, ќе треба да се праша и да се добие одобрение и кои песни може да се пеат. За повторно да не нѐ обвинат нас за иредентизам, од кој очигледно најдлабоко се заразени и се целосно зафатени токму самите тие.

dejan.s@novamakedonija