Не се констатирани неправилности и протоколите се обезбедни од страна на Собранието, извести Државниот инспекторат за труд по направениот вонреден надзор, откако двајца пратеници позитивни на ковид-19, викендов, гласаа во законодавниот дом со скафандери.

Наздорот покажал дека претседателот на Собранието и службите целосно ги следеле протоколите за работа на седницата одржана на 18 април.

Инпекторите извршиле увид во работните простории на Собранието, канцелариите, ходниците, лифтовите, помошните простории, влезовите и излезите во кои работат вкупно 264 вработени.

Дел од надзорот биле и посебните простории во кои гласаа изолираните пратеници.

Во неделата во Собранието гласаа двајца пратеници на СДСМ позитивни на ковид-19, кои дојдоа во скафандери и беа изолирани во посебни простории. Тие објаснија дека дошле за да дадат поддршка и да обезбедат кворум за петтиот пакет економски мерки за помош на стопанствениците и граѓаните, кои два месеца се заглавени во Собранието. Нивното присуство беше потребно само за 32. седница, на која беа изгласани 21 закон, а за кои пратениците на ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека нема да гласаат оти не се во интерес на граѓаните, туку служат само за покривање на криминалните афери на СДСМ и ДУИ. За законите на 32. седница гласаа 62 пратеници, а кога на дневен ред стигна 36. седница со економските мерки, пратениците од опозицијата влегоа во салата и за нив гласаа 115 пратеници. Опозицијата поднесе кривични пријави за гласањето.