Фото: Архива

Иницијативниот одбор закажа вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ на 28 март во Скопје. Членовите велат дека главни точки за дискусија ќе бидат отчет за сработеното од страна на актуелниот претседател, Христијан Мицкоски, и гласање на доверба.

– Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес по неколку месеци интензивна работа, успеа да обезбеди поддршка и потписи од големо мнозинство на делегати кои учествуваа при изборот на се уште актуелниот Претседател Христијан Мицкоски. Делегатите кои пристапија се едногласни дека Мицкоски ги изневерил очекувањата и дека не исполнил ниту едно од дадените ветувања за враќање на партијата на победничките патеки, за зголемување на капацитетите за коалицирање и за обезбедување на меѓународна поддршка – се наведува во соопштението.

Членовите на Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес сметаат дека е недозволиво претседателот на кој што му ја дале довербата, да не свика конгрес и да не се обиде да им објасни кои се причините за последователните изборни порази и катастрофалниот рејтинг.

– Затоа иницијативниот одбор одлучи, со поддршка на мнозинството членови да свика седница на Конгресот надвор од редовниот термин. Иницијативниот одбор одлучи да го закаже 17. вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ на 28 март во Скопје. Во наредните денови, Иницијативниот одбор ќе ги формира телата за спроведување на конгрсот, ќе го промовира слоганот и ќе отпочне со дистрибуција на покани и материјали за делегатите – се наведува во соопштението.

Членовите наведуваат дека ВМРО-ДПМНЕ со Мицкоски е руинирана до непрепознатливост.

– Партијата е поделена, раскарана, нема капацитет за коалицирање и нема поддршка од стратешките западни партнери. Неговото бегање од одговорност и од заземање на ставови по сите важни прашања резултираше со низа последователни порази на парламентарните, претседателските и локалните избори во Охрид, Штип и Ново Село. Христијан Мицкоски нема капацитет да ја води партијата и тоа го препознаваат граѓаните – велат од Иницијативниот одбор.

Од таму наведуваат ддека доколку Мицкоски и мисли добро на Македонија и на ВМРО-ДПМНЕ веднаш ќе се повлече од функцијата и ќе го поддржи одржувањето на Конгресот.

„Секој обид да се избегне отчетот пред делегатите кои го избрале е мајтапење со членството и купување на време за лично богатење на грбот на партијата“, велат од Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес.