Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во однос на пратеничкиот предлог за измена на Законот за државјанство, пред сѐ со предложениот критериум – престојот (живеењето во Македонија) пред 8 септември 1991 да се докажува со тројца сведоци, аналитичарите сметаат дека на тој начин се отвора можност со македонско државјанство да стекнат сите Албанци од Балканот и од светот!

Со предлогот на пратениците од Алијансата за Албанците и Алтернатива за измена на Законот за државјанство, голем дел од вниманието на македонската јавност се пренасочи на оваа тема. За нејзината содржинска предоминантност придонесе контроверзноста на неколку предлози, според кои, доколку се усвои ова законско решение, македонското државјанство би се добивало со невидена недозволива леснотија!?

Предлог-измените во скратена постапка и пред претстојниот попис

Имено, седум пратеници од албанскиот опозициски блок предлагаат олеснување на условите за добивање македонско државјанство на (како што тие тврдат) 70.000 лица што живеат во Македонија со години и децении, но сѐ уште го немаат регулирано својот статус за државјанство.
Пратеникот од Алијансата за Албанците, Илми Азири, еден од предлагачите на измените на Законот за државјанство, вели дека овие измени биле дел од предизборните ветувања на Алијансата за Албанците и не крие дека брзањето за донесување на законот во скратена постапка е поради претстојниот попис, кој треба да се одржи во април 2021 година.
– Ние не го криеме тоа. Овој закон е многу важен поради пописот што следува. За жал, само во Македонија пописот не е статистичка операција, туку политичка. Ние сме единствената држава во светот во која работите се уредуваат со проценти. Значи, мора да се издигне довербата меѓу граѓаните и институциите на повисоко ниво – вели Азири.

Девалвирање на македонското државјанство со целосна ерозија на критериумите за негово стекнување

Предлогот упатен до Собранието, од познавачите на материјата е оценет како контроверзен, па и политички неодговорен, најмногу поради предложената опција македонско државјанство да може да се добие со потврда на тројца сведоци дека барателот до 8 септември 1991 година живеел во Македонија. Дополнителни реакции на иницијативата за измени на Законот за државјанство предизвика и предложениот критериум според кој граѓанинот што ќе добие македонско државјанство треба „да владее најмалку еден од службените јазици во Република Македонија, до тој степен да може лесно да се разбере со околината.“ Меѓу сите недоумици што се појавија во јавноста по овој пратенички предлог, некако најмногу се наметна интересот за бројката од 70.000 лица што живеат во Македонија а немаат македонско државјанство, со која шпекулираат предлагачите, имплицирајќи дека станува збор за луѓе доселени од Косово.
– Од деведесеттите години на минатиот век, т.е. од распаѓањето на федерацијата Југославија, во пописната евиденција на Македонија се појавува одредена бројка на лица што имаат нерегулиран статус на престој во државата. Постојат главно три причини за таквата состојба: или не е регулирано местото на живеење, или не се заведени во матичната книга на родени, или немаат регулирано државјанство. Колкава е таа бројка, сѐ уште е во доменот на шпекулации, но неа најдобро би требало да ја знае МВР, врз основа на поднесените барања за државјанство – вели демографот и поранешен директор на Државниот завод за статистика, Дончо Герасимовски.

Герасимовски потсетува дека пред пописот во 1994 година, на околу 150.000 граѓани од Косово што се повикуваа дека живееле во Македонија и пред 1991 година, но без регулирано место на живеење (т.е. немале лична карта од Македонија), им било овозможено да добијат македонско државјанство. Тој само претпоставува дека оваа бројка од 70.000, со која сега се шпекулира, е можеби дел од онаа во 1994 година, кои, сепак, не ја завршиле постапката за добивање државјанство. Одговорноста за ваквата состојба, Герасимовски делумно ја гледа и во неажурноста на државата во спроведувањето на регулативите, но и во неодговорноста на граѓаните за регулирање на своите обврски спрема државата.
– Албанците во Македонија во 1991 година го бојкотираа пописот на населението заради манипулација со процентот во вкупното население на суверена и самостојна држава Македонија! На повторениот попис на населението во 1994 година, поради ризик од повторен бојкот и бојкот на претседателските и парламентарните избори во 1994 година, Владата на СДСМ со премиерот Бранко Црвенковски им даде македонско државјанство на околу 150.000 Албанци по потекло од Косово што наводно „се затекнале“ во Македонија по дисолуцијата на поранешна СФР Југославија. Во графата државјанство од потписниците, на Албанците од Косово без македонско државјанство им се впишуваше „постапката е во тек“ – вели Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес.

Предлог-законот за државјанство воопшто не кореспондира со меѓународните конвенции и строги правила за стекнување државјанство

Претседателот на Светскиот македонски конгрес потсетува дека Законот за државјанство беше изменет во 2004 година, со дополнително олеснети услови за овие лица, кои можеби не ја завршиле постапката за државјанство од 1994 година. Истовремено, Петров посочува дека суштината на овој проблем што се провлекува речиси три децении е што најголемиот број Албанци од Косово што добија државјанство во 1994 година не живеат на територијата на Република Македонија, туку само се водат во книгата на државјани и матичните книги, со кои се манипулира при избори и пописи. Според него, тоа се претежно фиктивни избирачи, т.е. некој друг наместо нив ги полни кутиите.
Во однос на предлог-критериумот, престојот (живеењето во Македонија) пред 8 септември 1991 да се докажува со тројца сведоци, Тодор Петров смета дека на тој начин се отвора можност со македонско државјанство да се стекнат сите Албанци од Балканот и од светот! Притоа констатира дека истите услови не важат реципроцитетно во Косово и во Албанија!
Реакциите во македонската јавност за предлогот за измена на Законот за државјанство се и во насока дека тој воопшто не е во корелација со меѓународните конвенции и строги правила за тоа како се стекнува државјанство.