Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на официјалната посета на Хрватска, денеска во Загреб оствари средба со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.

Како што информираат од претседателскиот кабинет, на средбата било изразено задоволство од развојот на билатералните односи меѓу двете држави и бил нагласен нивниот пријателски карактер.

– Истовремено беше оценето дека двете држави имаат одлична соработка на регионален и на мултилатерален план, со акцент на сојузништвото во НАТО-алијансата, каде што нашата држава е цврсто посветена на промовирање и споделување на заедничките вредности и одговорности – се наведува во соопштението.

Пендаровски ја поздравил идејата за одржување прва заедничка седница на владите на двете држави, на која би се разговарало за идните насоки на соработка.

Осврнувајќи се на последниот развој на настаните поврзани со интеграцијата на Македонија во Европската Унија, Пендаровски изразил благодарност за принципиелната поддршка од Хрватска за неодложен почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ.

На средбата биле разменети информации за тековниот процес на вакцинација против ковид-19.

Во тој контекст, македонскиот претседател се заблагодарил за намерата хрватската влада да донира 10.000 дози од вакцината „Астра зенека“ за нашата држава.


Заложби за интензивирање на парламентарната соработка

Во рамки на официјалната посета на Хрватска, претседателот Стево Пендаровски денеска оствари средба и со претседателот на хрватскиот Парламент, Гордан Јандроковиќ.

Како што информираат од претседателскиот Кабинет, двајцата соговорници се заложиле за интензивирање на парламентарната соработка особено за нејзино динамизирање преку комисиите за надворешни работи и европски прашања на двата парламенти, како значаен придонес во севкупните билатерални односи и во создавањето амбиент за поквалитетна регионална соработка.

Во контекст на нашиот евроинтегративен пат, Пендаровски изразил благодарност за цврстата, недвосмислена и континуирана поддршка на Хрватска која, како што рекол, во изминатиот период била активно манифестирана на повеќе нивоа.