На денешната седница, Владата ја усвои потребата од донесување на нов Закон за утврдување на правен статус на бесправни објекти и го задолжи Министерството за транспорт и врски да достави предлог-закон за утврдување на правен статус на бесправни објекти, во рок од 15 дена од денот на усвојувањето на оваа информација.

– Се задолжува Министерството за транспорт и врски како предмет на законот да ги опфати бесправните објекти кои ќе претставуваат градежна и функционална целина заклучно до 1 октомври 2019 година, како и бесправните објекти од јавен интерес утврден со закон чии иматели се државни органи или единици на локална самоуправа или правни субјекти основани од Република Северна Македонија односно од единиците на локална самоуправа, кои ќе претставуваат градежна целина, а не и функционална целина до денот на влегување во сила на законот – соопштија од Владата.

Од предлог законот треба да бидат иземени сите видови на бесправни објекти изградени во границите на Охридскиот регион во кој се наоѓа природното и културното наследство запишано во Списокот на светското природно и културно наследство на Конвенцијата на УНЕСКО, утврдени со Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион.

Во предлогот треба да се утврди висината на надоместок за уредување на градежно земјиште, решение со кое од плаќање на надоместокотќе бидат ослободени барателите кои се корисници на парична помош од социјална заштита, други јавни субјекти, како и верските објекти.