Фото: Маја Јаневска-Илиева

Британско истражување за отпорноста на коронавирусот по прележување ковид-19

Истражување спроведено во Велика Британија покажа дека лицата што прележале ковид-19 со голема веројатност имаат имунитет што трае најмалку пет месеци, иако постојат и докази дека луѓето со антитела исто така може да го носат и да го шират вирусот.
Првичните наоди на научниците од англиската Државна здравствена агенција (ПХЕ) откриваат дека се ретки случаите на повторна инфекција кај луѓе што веќе еднаш го прележале ковид-19. Од 6.614 случаи на инфекција анализирани во студијата, само 44 биле инфицирани повторно.
Меѓутоа, експертите укажуваат дека овие откритија значат дека луѓето што биле во контакт со вирусот во првиот бран на пандемијата, на почетокот на 2020 година, сега може повторно да бидат подложни на инфекција. Тие, исто така, предупредуваат дека луѓето со таканаречен природен имунитет, кој се стекнува со коронавирусна инфекција, може да го носат вирусот САРС-КоВ-2 во носот и во грлото и да им го пренесат на други.

Истражувањето не експериментираше со времетраењето на имунитетот стекнат од вакцинирање

– Знаеме дека повеќето од оние што биле заразени и развиле антитела се заштитени од повторна инфекција, но сè уште не знаеме колку трае таа заштита. Тоа значи дека иако некој верува дека е заштитен затоа што веќе ја прележал заразата, тој треба да знае дека е малку веројатно дека ќе развие сериозни симптоми на инфекција. Но постои ризик да се зарази и да им ја пренесе таа инфекција на други – вели Сузан Хопкинс, виша советничка во ПХЕ и коавторка на студијата.
Експертите истакнуваат дека наодите во студијата не се однесуваат на антитела или други имунолошки реакции стекнати со вакцината против ковид-19 и дека овие реакции ќе бидат испитани подоцна оваа година.
Истражувањето познато како „Студија СИРЕН“ било спроведено на десетици илјади здравствени работници во Велика Британија, кои редовно биле тестирани за присуство на инфекција со коронавирусот и антитела од јуни минатата година.

Има индикации и дека имунитетот може да трае и повеќе од пет месеци

Во периодот од јуни до ноември научниците откриле 44 случаи на потенцијална повторна зараза, од кои два се „веројатни“, а 42 „можни“, од 6.614 учесници што имале антитела, што укажува дека стапката на заштита од реинфекција е 83 проценти.
Научниците планираат да продолжат да ги следат испитаниците за да увидат дали кај некој од нив природно стекнатиот имунитет трае и подолго од пет месеци. Сепак, укажуваат дека раните наоди од втората фаза на истражувањето укажуваат на тоа дека некои лица со природен имунитет сѐ уште може да носат високо ниво на вирусот и да им го пренесат на други.
– Затоа е нужно сите да продолжат да ги почитуваат правилата и да останат дома, иако веќе ја прележале инфекцијата со коронавирусот – се наведува во соопштението за резултатите на истражувањето.