Фото: Игор Бансколиев

Уште од нашето осамостојување во сите политички кампањи, без исклучок, пред секој изборен циклус неодминлива и главна тема беше спорот за името, со единствена цел да се освои глас повеќе на изборите. На спорот за името се добиваа или се губеа избори, се промовираше патриотизмот или се разоткриваа патриотите од една или предавниците од друга страна. Но и сега откако спорот е решен, а новото име на државата е заведено во ОН и во другите меѓународни институции и веќе е започната неговата примена и дома, вечната тема повторно се вади на политички мегдан

По една недела од влегувањето во сила на договорот со Грција и почнувањето на негова целосна имплементацијата и дома и надвор, како и користење на новото уставно име, одредени политички партии или нивни претставници во пресрет на претседателските избори повторно ја враќаат во игра вечната тема за името. Не е непознато дека ова прашање беше (зло)употребувано низа години од сите политички партии. На спорот за името се добиваа или се губеа избори, се промовираше патриотизмот или се разоткриваа патриотите од една или предавниците од друга страна.
Уште од нашето осамостојување во сите политичките кампањи, без исклучок, пред секој изборен циклус неодминлива и главна тема беше спорот за името, со единствена цел да се освои глас повеќе на изборите.
Но и сега откако спорот е решен, а новото име на државата е заведено во ОН и во другите меѓународни институции и започната е веќе и неговата примена и дома, вечната тема повторно се вади за изборни цели. Ако претходно одредени политички структури го бранеа името, сега, по неговата смена, стратегијата е да го вратат назад?

Професорката Гордана Силјановска-Давкова, како претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ на конвенцијата на партијата викендов истакна дека прашањето за името сѐ уште е отворено!

– Ќе формирам експертски правен тим, од домашни и од странски професори по меѓународно јавно право, зашто малите држави се повикуваат на правото, а големите на силата – рече Силјановска и додаде дека прашањето за името на Република Македонија сѐ уште е отворено. Според неа, пред меѓународните судови и институции во секоја средба ќе укажува на тоа дека за неа владеењето на правото е врвната цел.
– Сѐ што е спротивно на меѓународното право, еден ден може да биде поништено. Истото важи и за Република Македонија – истакна Силјановска.

Ваквите најави, според експертската јавност, јасно го навестуваат и фокусот на кампањата во која прашањето за името, како и договорот од Преспа, повторно ќе бидат во игра, се разбира од различна диоптрија. Според одредени мислења, токму на ова прашање може да се темели и целата изборна стратегија за настап и на власта и на опозицијата. Во исто време во домашната јавност се наметнува и дилемата дали темата за името и покрај тоа што е веќе апсолвирана проблематика, откако државата го промени своето име и затоа ги извести ОН, ЕУ, НАТО и другите, новиот шеф на државата би можел да започне постапка за враќање на старото име.

Дали ваквата теза, која деновиве се заговара во јавноста од страна на кандидатот за претседател од опозицијата, е возможна или најавите за оваа постапка се само чист популизам и обид за придобивање гласови.

Експертите коментираат дека сѐ се сведува на политичка манипулација, односно проверен концепт за она што народот сака да го слушне. Политичкиот познавач на состојбите за името и поранешен дипломат, Ристо Никовски, вели дека смешно би било да изостане темата за името на овие претседателски избори, која според него е сериозна и важна.

– Крајно несериозно би било, доколку во претседателската предизборна кампања името и срамното прекрстување на нашата држава не биде една од главните теми. Државата и македонскиот народ доживеаја тежок пораз меѓутоа изгубена е само битката ама не и војната. Ништо не е конечно ако не е праведно решено рекол американскиот претседател Линколн тоа мора да важи за Македонија. Има повеќе начини како да се оспорат капитулантските договори со Бугарија и со Грција, како и законот за двојазичноста на земјата со кој целосно е променет нејзиниот уставен карактер – вели Никовски.

Различно размислува професорот Лазар Лазаров. Тој е смета дека кај нас стана традиција на два-три месеци пред избори ние сѐ уште да не ги знаеме кандидатите па оттаму, додава тој, нѐ ставаат пред свршен чин за изборот на претседател и што нудат тие. Според Лазаров, секоја од партиите без оглед дали доаѓаат од опозиција или се на власт ќе се обидат во наредниот период да си ги зајакнат своите позиции токму преку темата за името, која е завршена работа, а ќе биде алатка за популизам и на овие избори, за жал.

– Не само во Македонија туку и во Грција сега актуелна е темата за името. И покрај притисокот до владата на Алексис Ципрас однатре да не го ратификува договорот, односно дека по изборите таму ќе биде раскинат, грчкиот премиер се избори истиот тој да стапи во сила.

Слични вакви најави има и во Македонија од професорката Силјановска-Давкова.

Дали тоа ќе се случи кратко ќе одговорам со не. Реално тоа не е возможно бидејќи зад договорот, но и Македонија стојат целата меѓународна заедница, САД, НАТО и ЕУ.

Практично не е возможно тоа да се случи, иако кандидатката на опозицијата тоа го тврди бидејќи нема реална основа за тоа. Договорот е апсолутна придобивка за Македонија бидејќи со него ние треба да бидеме среќни што се состои зборот Македонија, јазикот но и традиционалните белези. Оттука сакам да појаснам дека илузорно е да се тврди дека договорот ќе биде раскинат преку некои правни алатки, сѐ се сведува на чист популизам, кој, за жал, сѐ уште гледам се прима кај македонскиот народ и по толку години не е научена лекцијата на темата за името – завршува Лазаров.


Северна Македонија осамна во ОН, ЕУ, САД…

Обединетите нации ја заменија референцата „поранешна југословенска република Македонија“, со името „Северна Македонија“ во списокот на признаени држави. Промената во ОН беше направена деновиве во вечерните часови.
Паралелно со овој чекор, печат со новото уставно име, веќе се внесува од страна на МВР во пасошите на македонските граѓани каде што на секоја патна исправа се наведува дека „оваа патна исправа ѝ припаѓа на Република Северна Македонија“. Претходно од амбасадата на САД во Скопје информираа дека Владата на Соединетите Американски Држави добила официјално известување за промената на името.
– Ние веднаш ќе почнеме да го користиме новото име и ќе почнеме процес на промена на референците на интернет-страниците, официјалните документи и секаде на друго место – се наведува во кратката објава на амбасадата.
Вчера и Европската Унија соопшти дека и официјално ја добила потврдата од наша страна за промената на уставното име на државата.
По пристигнувањето на формалното известување од Македонија, според најавата, министрите за надворешни работи во текот на денот требаше да го стават ова прашање на дневен ред. Според очекувањата, Советот за надворешни работи на ЕУ без одложувања ќе забележи дека земјата го променила своето име.

Фото: Игор Бансколиев