Фото: Маја Јаневска-Илиева

Последниот оглас на Агенцијата за примена на јазикот е дека ќе купува службено возило по цена од 16.000 евра. Нешто слично неодамна направи и Комисијата за жалби по јавни набавки, а преку оперативен лизинг Владата набави 45 луксузни „пасати“ за 1,7 милион евра. Засега нема набавки на опрема за справување со пожари, поплави, свлечишта, снежни навеви и опрема за други непогоди. Се предвидуваат стотици илјади евра за манифестации, набавки на луксузни службени возила и за други непродуктивни трошоци. Но грижата за имотот, без разлика дали е јавен или приватен, а и за самите граѓани, треба да биде општа, генерална, сеопфатна, а не поединечна и за индивидуалци и тесни интересни групи

Половина милион евра за одбележување на 20-годишнината од потпишувањето на рамковниот договор?!

Катастрофалните пожари што изминатиот период ја зафатија земјата покажаа дека државата не располага со материјално-технички средства за успешно превенирање и спротивставување на природните катастрофи и заштита на добрата и граѓаните. Дополнителни аргументи на таа констатација се и начинот на кој со децении се справуваме со поплавите и низа други временски и природни непогоди. Ни пристигнува ли веќе сметката за наплата за долгогодишното апстинирање од вложувања во заштита на јавните и приватните добра и во сигурност на самите граѓани?

Приоритет се граѓаните и имотот за кои државата е должна да се грижи

Кој треба да води вистинска сметка за заканите што доаѓаат од климатските промени? Зарем во вакви услови не е ли повеќе од јасно дека наместо планирање на стотици илјади евра за настани и манифестации, набавки на луксузни службени возила и други непродуктивни трошоци, треба да се инвестира во опрема за справување со пожари, поплави, свлечишта, снежни навеви и други непогоди…
Последните информации дека Владата ќе потроши дури половина милион евра за одбележување на 20-годишнината од потпишувањето на рамковниот договор ја сензибилизира јавноста, која остана вчудовидена гледајќи со какви средства се гаснат пожарите низ земјава.
За чудниот однос на некои раководители на институции, кои прават процена за тоа што е неопходно да се набави, говори и последниот оглас на Агенцијата за примена на јазикот, која токму во вакви кризни времиња ќе купува службено возило по цена од 16.000 евра. Нешто слично неодамна направи и Комисијата за жалби по јавни набавки, а преку оперативен лизинг Владата набави 45 луксузни „пасати“ за 1,7 милион евра.
Ова е една фактичка состојба, која барем потврдува дека државата има пари да ги набави и повеќе од потребната пожарникарска опрема и друга техника и да им даде приоритет над набавката на луксузни возила за одредени функционери во централните и во локалните институции.

Домаќинско планирање и домаќинско трошење

Граѓаните одамна располагаат со алатки преку кои го следат работењето на своите избраници во државната и во локалната власт. Медиумите, социјалните мрежи, но и низа невладини организации се оние што неуморно и во функција на јавниот интерес ги следат општествените, државните и локалните прашања. Фактите и показателите бргу излегуваат на виделина и одговорноста сѐ почесто и инстант се бара. Промените на подобро, реално, не можат веднаш и со магично стапче да се динамизираат, но не треба ни постојано да бидат во мртва точка. Граѓаните имаат право да бараат нивните пари државата да ги користи рационално и за општо добро, наместо да се купуваат луксузни автомобили и да се одбележуваат разни прослави. Од анкетата со повеќе десетици граѓани од неколку града во државава, во сѐ уште постојната корона-криза, засилена со кризата со пожарите, анкетираните издвоија заеднички именител по едно прашање: трошење на народните пари.
– Не можев да им поверувам на очите кога се појави оној стар „фап“ да гаси пожар. Искрено не знам како тоа возило е воопшто регистрирано. Сега слушам дека Владата ќе потрошела половина милион евра буџетски пари за одбележување 20 години од Охридскиот договор. Па добро бре луѓе, што ќе помислат за нас земјите што испратија пожарникари и опрема да ни помогнат во гасењето на пожарите? Ем немаме опрема ем трошиме огромни пари на глупости. Сериозна држава ќе си купеше вакцини навреме, ќе ја обновевме опремата за гаснење пожари, ќе ги исчистевме каналите да нема поплави и немаше луѓето да стравуваат за своите домови и животи – вели Благоја Стефановски, пензионер, чие мислење е речиси идентично со преостанатите близу стотина прашани граѓани за најактуелните општествени прашања во моментов, по нивни избор.

Има државни функционери, но и партии што не ја
почитуваат државата

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека со ваквите непродуктивни трошења само се потврдува дека кај нас поимот држава сѐ уште не се идентификува со „институција што се грижи за благосостојбата на сите нејзини граѓани“.
– За каква држава станува збор? Ние покажавме дека кај нас секое чудо е за три дена. И лани имаше пожари, и пред две, и пред три години, па никој не се секираше зошто немаме опрема. Повторно ја немаме. За да имаш држава треба да имаш државници, а не партии што си ги прославуваат своите интимни моменти со државни пари – вели Пекевски.
Според него, нема потреба да се трошат половина милион евра за одбележување 20 години од рамковниот договор.
– Сериозно не знам што се слави. Што е тој договор? Сме се договориле дека ќе соработуваме и ќе ја почитуваме државата, а токму ДУИ покажува дека не ја почитува државата, од непочитувањето на ковид-мерките, до негрижата дали горат шумите. Тие никаде не се појавија да помогнат во гаснењето. Веќе се покажува дека партиите си слават партиски моменти, а не државни работи. Да имавме вистински држава, немаше да ни гасат пожари Словенци, Срби, Романци, Бугари, Австријци – нагласува Пекевски.
И за генералот во пензија Митре Арсовски државата не треба да троши непродуктивно, туку постојано да инвестира во опрема за да може да се справува со предизвиците што ја очекуваат во иднина.

– Мора да ги предвидуваме работите и постојано да се инвестира во опрема. Своевремено државата континуирано одвојуваше средства за разна опрема, од набавка на чамци за единиците што се справуваа со поплави, во противпожарна опрема, камиони, противпожарни скали за спасување во урбани средини, за да не се случи да не можеме да одговориме на опасностите што им се закануваат на граѓаните и кои однапред ги предвидувавме. Сега не се инвестира во опрема и тоа можеше да се забележи при справувањето со пожарите – вели Арсовски.
Несомнено, државата потфрли во справувањето со пожарите, но она што сега може да го направи е да ги пренамени сите средства наменети за одбележување јубилеи, за службени возила и слични други трошоци, за помош на оние што во пожарите загубија куќи и друг имот. Тие средства ним многу ќе им значат, отколку неповратно да се трошат на коктели, закуски, огномети, „пасати“ и слични луксузи. На тој начин барем малку ќе покаже дека се грижи за своите граѓани.