Има добра шанса да се најде решение за блокадата на евроинтегративниот процес по локалните избори во Македонија и по изборите во Бугарија, изјави премиерот Зоран Заев, додавајќи дека решенијата треба да се изнајдат низ дијалог.

– Со завршени избори кај нас и во Бугарија, тоа е првата причина да имаме добра шанса. Втората причина е што во разговорите се движиме на добар пат – изјави Заев одговарајќи на новинарско прашање по акцијата за пошумување на опожарените површини во атарот на тетовското село Теново.

Премиерот смета дека изјавата на неговиот бугарски колега Стефан Јанев за продолжување на курсот во однос на Македонија е добра и позитивна порака. Заев се осврна и на престојниот самит ЕУ – Западен Балкан кој ќе се одржи следната недела во Словенија.

– Верувам дека со соодветни формулации на реченици, со конкретни гестови, со сериозни одлуки ќе се испрати пораката на проширување на ЕУ кон Западен Балкан и дека ќе биде недвосмислена, чиста и јасна. Затоа што ова е обострано потребен процес – посочи Заев, напоменувајќи дека во Словенија ќе има состанок со бугарскиот претседател Румен Радев, со високите претставници на ЕУ, како и со словенечкиот премиер Јанез Јанша.