Фото: Емил Јовановиќ

Шефот на дипломатијата Никола Димитров рече дека биле отворени едни од најжешките точки и најави нова заедничка средба во Солун и продолжување на процесот со преговорите веќе на почетокот на идниот месец

Првпат разговаравме за временската рамка и за чекорите што ќе следуваат доколку се постигне решение, односно како ќе изгледа и ќе се имплементира. Ова беше разговор без надмудрување, со големо разбирање за потребите на другиот. Наш главен предизвик е како главните грижи на двете страни да ги составиме и да ја најдеме комбинацијата што ќе го обезбеди тоа. Ова вчера од Охрид го порача македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров, по тричасовната средба со својот грчки колега Никос Коѕијас, во вилата „Билјана“, како дел од новата рунда разговори за наметнатиот спор за името.

Димитров уште рече дека биле отворени едни од најжешките точки и најави нова заедничка средба во Солун и продолжување на процесот со преговорите веќе на почетокот на идниот месец.

– Имавме отворени и искрени разговори, разговаравме за сите прашања што ја составуваат разликата од прашањето за името. За некои од тие прашања има напредок, бидејќи се созреани, а за некои сè уште постојат разлики. Додека ние разговаравме, средба имаа работните групи составени од високи дипломати, кои врз основа на напредокот што го направија во Виена пред десетина дена, практично, го усогласија текстот за идната соработка во различни области.

Фото: Емил Јовановиќ

Тие исто така работеа и на текст за спречување на иредентизмот од двете страни и исто така работеа на преамбуларните параграфи од идниот договор за меѓусебна соработка – додаде шефот на македонската дипломатија. И Коѕијас се согласи дека атмосферата во која се спроведуваат овие разговори е пријателска, дека има разбирање и дека има напредок во однос на дефинирањето на рамката на заедничката соработка. Но останува и тешкото прашање што се однесува на иредентизмот, нагласи Коѕијас.

– Го направивме тој чекор што можевме денеска, позитивен чекор, и секогаш се надеваме дека ќе успееме и најтешките проблеми да ги направиме полесни. Секако, бевме соочени со големи и тешки проблеми, бидејќи секогаш кога се среќаваме дискутираме за тешки прашања, но освен темите што ги решаваме, постои и меѓусебно разбирање. Сакам да им изразам благодарност на дипломатите на двете земји. За предметот што го имаат забележуваме напредок, особено оваа рамка на заедничка соработка, но и за тоа тешко прашање што се однесува на иредентизмот – рече шефот на грчката дипломатија.

Двајцата министри потврдија дека средбите продолжуваат и во наредниот период, каде што и по 3 и 4 мај во Солун, истите тие ќе продолжат и на 11 и 12 мај.

– Како што сфаќате, колку што се доближуваме и ги решаваме нашите проблеми, остануваат и помалку теми за решавање, но сепак се најтешките. Ќе ги информираме за овие разговори нашите премиери – додаде на крајот македонскиот шеф на дипломатија Димитров. Инаку, според дипломатски извори, прашањето за спречување на иредентизмот од двете страни на границата, како и преамбулите-параграфи на идниот билатерален договор доколку се дојде до решение биле дел од прашањата што првпат биле отворени во Охрид во рамките на вчерашната средба на македонскиот и грчкиот министер за надворешни работи.

Ова беше трета средба на Димитров и Коѕијас за нецел месец, по оние во Скопје и во Виена. Средбата на шефовите на македонската и грчката дипломатија, Димитров и Коѕијас, во Виена беше со посредникот на ОН, Метју Нимиц. Димитров тогаш изјави дека разговарале за сите отворени прашања што се опфатени во целиот пакет, додавајќи дека бил постигнат условен напредок во разговорите. За време на последната посета на Коѕијас во Скопје, двајцата министри се изјаснија дека е потребно решение што ќе биде достоинствено и чесно за сите и не само што ќе ги решава проблемите од минатото туку ќе придонесе и за подобра иднина.