Во јавноста нема детали за исходот од последните разговори меѓу Македонија и Грција околу наметнатиот спор за името, иако беше кажано дека министрите завршиле добра работа и дека сега топката е во рацете на премиерите на двете земји. Во меѓувреме се најавува лидерска средба

Средбата меѓу македонскиот и грчкиот премиер, Зоран Заев и Алексис Ципрас, која требаше да се случи како вообичаена на маргините на самитот ЕУ – Западен Балкан во Софија на 17 мај, деновиве добива поинаква димензија. Неа ја навести лично посредникот на ОН во разговорите за името, Метју Нимиц, веднаш по шестчасовната средба со шефовите на дипломатиите на двете земји, Никола Димитров и Никос Коѕијас, кој се одржа изминатиот викенд во Сунио до Атина по која беше кажано дека министрите завршиле добра работа и дека приближени се ставовите меѓу двете страни. Во меѓувреме фактот дека ниту Димитров ниту Коѕијас не дадоа свои оцени по средбата, а во текот на изминатиот викенд немаше ниту една изјава за медиумите, според упатените во процесот, е сигурен знак дека моментот е исклучително важен и дека страните преку воздржаност се обидуваат да му дадат шанса на процесот да заврши со компромис. Но токму оптимизмот и најавите дека е можно скорешно решение ги разбранува политичките кругови и јавноста и во двете земји што всушност би било предмет на евентуален договор.

Па, така, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, веднаш побара лидерска средба по најавите во грчките медиуми дека решението за името е веќе во рацете на Заев и на Ципрас.
– Евентуалното постигнување договор помеѓу Република Македонија и Република Грција би било чин на заеднички компромис, што подразбира и грчката страна да отстапи од некои свои позиции и барања. Но такво чувство не постои, и се чини дека единственото попуштање и ретерирање во ставовите е она од македонска страна. За сето ова единствените информации што ги има јавноста и партиите се оние што ги добива од грчките медиуми, и по некој неформален брифинг, кој излегува во дел од македонските – реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, со потсетување дека единствените информации што ги има добиено од Владата се од јануари годинава.
Во текот на изминатиот ден од Владата не соопштија дали се почнати контакти и подготовки за лидерска средба. Оттаму наведуваат дека лидерска средба ќе се одржела во термин што им одговара на сите политички субјекти, кои се дел од овој вид средби, а дека во меѓувреме лидерот на опозицијата можел да побара средба со премиерот.

Граѓаните со загриженост ги следат случувањата околу спорот со Грција

– Владата на Република Македонија како и секогаш досега кога има значаен развој во текот на преговорите за проблемот што го има Република Грција со нашето уставно име, навремено и целосно ги информира сите засегнати политички субјекти. Истовремено, транспарентно и одговорно ги информира и јавноста, односно граѓаните – наведуваат од Владата.
За тоа дали е постигнат извесен договор околу спорот за името во Сунио и какви се контурите на истиот тој, кој ги отвора вратите за средбата Заев – Ципрас во Софија за в четврток и дали македонската страна веќе се согласила да го имплементира барањето на Атина за ерга омнес преку уставна ревизија, побаравме одговор и од македонското министерство за надворешни работи. Оттаму вчера слично како и од Владата добивме краток одговор дека тие исто така се повикуваат на неделното соопштение што МНР го објави во јавноста за средбата, а тоа е дека Димитров, Коѕијас и Нимиц разговарале во Сунио. МНР со површно соопштение викендов ја информира јавноста дека на маргините на состанокот министерот Димитров имал одвоена билатерална средба со министерот Коѕијас, на која се заложиле разговорите за името да продолжат под покровителство на ОН.

Сево ова според познавачите на проблематиката говори дека во недостиг од време и веродостојни информации веќе се презреани условите не само за лидерска средба туку и детално информирање на јавноста што сѐ се преговара и договараа зад нејзин грб.
Експертите не се убедени дека начелен договор за името веќе е постигнат, но сметаат дека се усогласени ставовите за клучните прашања, иако тоа не се обелоденува во јавноста.
Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу смета дека Владата како и секогаш досега кога има значаен развој во текот на преговорите за проблемот што го има Република Грција со нашето уставно име ја информира јавноста следствено и одговорно на нејзините функции и надлежности што ги има таа.
– Најпрво не мислам дека имаме некој договор што е веќе потпишан за името.
Дека се усогласени ставовите да, тоа го говори впрочем и најавата на двете страни дека сепак ќе се одржи средбата помеѓу Заев и Ципрас. Ваквиот развој на околностите е резултат на работата и на Димитров и на Коѕијас, кои веќе ги информирале своите влади што е пресечено на разговорите и што е донесено. Дополнително, мислам Владата што и да разговарала и преговарала не го водела целиот тој процес без опозицијата да биде вклучена во тоа. Затоа не гледам итност од лидерска средба бидејќи информациите не мора да бидат пренесувани единствено преку таков формат на средби туку тоа може да се направи и лично доколку некој од опозицијата го побара тоа од Владата – вели Муслиу. Политичкиот аналитичар подвлекува дека уште од првиот лидерски состанок што Владата го одржа со политичките чинители во земјава за името беше кажано што се очекува и во која насока би можело да се движат преговорите. Според Муслиу, Владата во исто време ги има и одговорноста и легитимноста да го реши или не отворено прашање со Грција.

Инаку, премиерот Заев, минатиот месец рече дека ако слушнат граѓаните дека се закажува средба помеѓу него и Ципрас, тоа значело конкретна практична потврда, дека преговорите се во вистинска насока и дека е можно да се дојде до решение.
Средбата на двајцата премиери за в четврток ја потврди Нимиц во саботата наведувајќи дека министрите сега се враќаат во своите земји за да ги информираат премиерите за деталите како подготовка за нивниот состанок. Претходно Димитров рече дека преговорите се во најделикатната и последната фаза.
За потсетување, единствената лидерска средба досега, откако Владата ги интензивира преговорите со Грција, се одржа во јануари по средбата на премиерите Заев и Ципрас. Тогаш шефот на македонската влада ги брифираше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, шефот на државата Ѓорге Иванов и првиот човек на ДУИ, Али Ахмети за случувањата. Оттогаш досега лидерска средба во Македонија во таков формат немаше.