Фото: Архива

Дали помирувањето е, всушност, една монета со две лица, во зависност од политичките потреби и актуелните состојби во конкретниот момент?
Изгласувањето на законот за амнестија ги отвори и прашањата колку е суштински различна оваа собраниска амнестија од онаа на претседателот Ѓорге Иванов во 2016 година, што претставуваше своевидна иницијална каписла за Шарената револуција и предвремените парламентарни избори на крајот од таа година. Според специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, има разлика помеѓу овие две помилувања

Законот за амнестија, прифатен од пратениците во Собранието, на 18 декември, веќе два-три дена по изгласувањето ги става во недоумица сите инволвирани во процесот – од обвинетите, судот, обвинителството, па до правните експерти и политичките претставници. Иако причините се различни, речиси сите се согласни дека ваков закон досега не бил донесен и дека неговите одредби со кои обвинителството и судот се наведуваат на спроведување селективна правда е, најблаго кажано, контроверзен.

– Ваков закон досега не сме имале. Според мене, ниеден факт не е докажан додека не се докаже во постапка, а за тоа треба целосно да заврши процесот. Во оваа фаза не требаше да се носи ваков закон и сметам дека е предвреме донесен – изјави судијката Добрила Кацарска, која суди токму за предметите поврзани со насилствата од настаните на 27 април минатата година, кои се и тема на неодамна изгласаниот Закон за амнестија.

Во недостиг од пропишани процедури за спроведување на законот, во јавноста се појавуваат само претпоставки кој ќе може да побара амнестија и кому евентуално би можела таа му биде одобрена. Најгласни се шпекулациите дека со амнестијата би можеле да бидат опфатени седумтемина пратеници што ги отвориле вратите на Собранието и водачите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“: Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски… Сепак, сето тоа сѐ уште е во доменот на шпекулациите, додека се очекува одлуката на претседателот Ѓорге Иванов, дали ќе го потпише указот за законот, за тој да биде објавен во „Службен весник“ и да може да стапи во сила неговото дејство, со „рок на траење од 5 дена“, кога обвинетите ќе можат да побараат амнестија.

– Без пропишана процедура за негово спроведување, овој закон го вовлекува во создавање алиби на политиката и судот и обвинителството, па и обвинетите за кои веќе се во тек судски процеси. Притоа, квалификациите за учество во насилните настани на 27 април не се совпаѓаат со кривичноправните дефиниции на делата. На пример, маскираноста на некој од учесниците во настаните не е кривично дело. Не е докажано кој е организатор на настанот… Сѐ уште нема пресуди и докажана вина за обвинетите. Во ваква фаза на судската постапка против обвинетите, без пропишани законски процедури, судот и обвинителството се ставаат во неблагодарна ситуација. А истото тоа може да се каже и за обвинетите – зашто ако побараат амнестија, значи дека ја признаваат вината. Притоа не знаат дали навистина ќе бидат амнестирани, а признанието ќе им наштети во евентуалната понатамошна судска постапка – размислува Гордан Калајџиев, професор по кривично право, за некои аспекти на недореченоста на актуелниот закон за амнестија.

Од друга страна, изгласувањето на Законот за амнестија ги отвори и прашањата колку е суштински различна оваа собраниска амнестија од онаа на претседателот Ѓорге Иванов во 2016 година, што претставуваше своевидна иницијална каписла за Шарената револуција и предвремените парламентарни избори на крајот од таа година.

– Амнестијата на Иванов беше нешто сосема друго од оваа. Амнестијата на Иванов беше врз основа на непознати податоци. Иванов немаше податоци за работата и лицата што ги амнестира. Беа помилувани и сведоци, и странски државјани, и лица што воопшто не биле предмет на постапка на судовите и на обвинителството. Тоа влијаеше така што два месеца не работеше СЈО. Оваа, сегашнава амнестија сигурно ќе влијае на Основното јавно обвинителство и на судовите, но не би сакала да коментирам нешто што не е во мој домен – изјави специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

Од друга страна, во политичките кулоари може да се слушнат и мислења дека доколку тогаш поминеше аболицијата предложена од Иванов, немаше ниту да дојде до натамошните немили настани во Собранието и можеби ќе се постигнеше посеопфатно политичко помирување.

Во смисла на правната дефинираност во пристапот кон амнестијата, професорот Гордан Калајџиев согледува разлика меѓу амнестиите на претседателот од 2016 и оваа сегашнава за насилствата на 27 април, но смета дека и двете се еднакво контроверзно решение наменето за надминување одредени политички состојби во општеството, со кои се забраздува подлабоко во политизацијата на правниот систем.

– Сметам дека не може да се споредуваат амнестијата на претседателот Ѓорге Иванов од 2016 година и оваа амнестија, бидејќи се правно различни. Прво, она што го објави Иванов во 2016 година беше акт за помилување. Помилувањето правно се одредува врз основа на согледување одредени лични и поединечни (олеснителни) причини за намалување или укинување одредена казна, на пример, поради болест или старост на обвинетиот, осудениот. Амнестијата претставува повеќе политичко простување, односно помилување одредени политички групи за одреден политички настан, или се објавува за кривично дело што е веќе декриминализирано во општеството. Правно, логично беше оваа актуелнава амнестија да биде дадена за целиот тој настан што се случи во Собранието на 27 април минатата година. Ми се чини дека актуелнава власт многу контроверзно ги решава правните ситуации во општеството – вели професорот Гордан Калајџиев.


Законот ќе се најде и пред Уставниот суд

Од партијата Алијанса за Албанците се изјаснија дека се против донесениот Закон за амнестија и рекоа дека ќе поднесат иницијатива во Уставниот суд. Тие не гласаа за донесувањето на законот.
– Собранието по скратена постапка донесе Закон за амнестија, кој има улога да амнестира одредени луѓе. Алијансата за Албанците не беше присутна на гласањето и го осудува овој чин и сме против законот. Сега сме во процедура за поведување постапка за оценување на уставноста на овој закон – рече пратеникот Сурија Рашити.