Фото: Игор Бансколиев

Дали и колку членството во НАТО, во кое Македонија и Бугарија се сојузници, може да биде појдовна основа за надминување на меѓусебниот спор? Може ли НАТО да помогне за да убеди една своја членка дека со испорачани ултимативни барања кон друга полноправна членка на Алијансата го руши концептот на заедничкиот безбедносен чадор, ги ослабува позициите на Алијансата и отвора нова пукнатина во југоисточното крило на НАТО? Ќе има ли политичка волја кај Алијансата како мултилатерална меѓународна организација конечно да застане зад меѓународното право и да пресече во корист на правдата?

Македонско-бугарскиот спор во кулоарите на Северноатлантската алијанса 

Во врска со неформалните и неофицијални разговори со странски и домашни дипломати на тема НАТО и неговиот потенцијал, авторитет и волја за влегување во решавање на спорот наметнат од Бугарија, за „Нова Македонија“ беа изнесени низа интересни мислења. Иако во дипломатските кулоари оваа тема е зачестена, само неколку аналитичари се осмелија да дадат официјален став и мислење што би биле пренесени во јавноста.

НАТО може да помогне или воопшто нема да се меша

Марко Трошановски, директор на Институт за демократија, вели дека кога се говори за оваа тематика, треба најпрво да се тргне од фактот дека станува збор за два различни меѓународни сојузи, кои истовремено се меѓусебно тесно поврзани. Во контекст на спорот меѓу Македонија и Бугарија, како членки на НАТО, Трошановски истакнува дека двете земји во рамките на НАТО тесно соработуваат, бидејќи тоа е приоритетен и примарен интерес и за двете земји.
– Но, од друга страна, факт е дека Софија, иако неразбирливо за многумина, соработката во Алијансата со Македонија, по автоматизам не ја рефлектира и во ЕУ. Трошановски издвојува дека иако не може да се генерализира, сепак сите членки на НАТО (како членки на ЕУ) меѓу себе тесно соработуваат, но секогаш може да има исклучоци и да има несогласувања (во регионов Грција и Турција, на пример). Тој смета дека иако Северноатлантската алијанса има потенцијал да биде олеснувач во спорот меѓу Бугарија и Македонија, таа тешко дека ќе застане како медијатор во меѓусебниот спор на членките, а уште помалку да застане на една страна и да одигра улога на „фасилитатор“ за наш влез во ЕУ, и покрај противењето на Бугарија. Па, оттука, нашата соработка во НАТО со Софија не може да биде нишката што на позитивен начин би се отсликала во ЕУ – заклучува Трошановски.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, пак, смета дека членството во НАТО може да помогне во надминувањето на разликите со Бугарија. Алијансата може ад хок да ги смири несогласувањата заради некој повисок интерес, но аналитичарот не верува дека Алијансата може да авансира за трајна гаранција. Оваа своја констатација Муслиу ја темели врз фактот дека во самото НАТО реално постојат испреплетени релации на некои сојузници, и тоа во меѓусебно билатерален антагонистички контекст, какви што се на пример Грција и Турција, кои, и покрај фактот што се сојузници, секогаш се во некој тензичен сооднос, а сепак за некои стратегиски воено-политички цели на Алијансата, тие меѓусебно соработуваат, ги отстапуваат своите ресурси за заеднички операции, ставајќи ги во втор план заемните спорови и несогласувања.
– Па, оттука, верувам дека истовремено сѐ е можно (но и не е). Сакам да додадам и дека однесувањето на Софија е некоректно во овој момент. Самиот наратив на Бугарија не е однесување што е карактеристично за сериозна европска и НАТО-држава. Во светот постојат мноштво примери како и покрај разликите за горки прашања државите наоѓаат заеднички договор, но не со ултиматуми како оние од Бугарија. Имено, Франција и Германија имаат долгогодишен спор за Стразбур, кој, иако има германска традиција, е составен дел на Франција, но ниту една од овие две земји овој проблем не го истакнала во делот на функционирањето на НАТО и ЕУ – резимира Муслиу.

Пукнатина во југоисточното крило на НАТО?

Свое видување токму на ова прашање има и грчкиот весник „Катимерини“, кој истакнува дека спорот меѓу Скопје и Софија може да се отслика и во НАТО.
Според весникот, инсистирањето на Бугарија да ги блокира разговорите за пристапување во Европската Унија со Македонија ризикува да создаде уште една пукнатина во југоисточното крило на НАТО, кое и онака е размрдано од релации на други две нејзини земји-членки (Грција и Турција).
Авторот на анализата Ставрос Цимас оценува дека Бугарија и Македонија се клучни регионални членки на Алијансата. Имено, Бугарија е важна за нејзината улога како супервизор над Црно Море и јужна Русија, а нашата земја како тампон против понатамошно руско ширење во срцето на Балканот.
Аналитичарот смета дека ривалството Софија – Скопје има потенцијал за дисбаланс на НАТО, а се чини дека нарушувањето долгорочно ќе се одрази на проширувањето на членството во ЕУ.

Весникот пишува дека бугарската блокада врз Македонија за членство во ЕУ не произлегува од вистинските критериуми за пристап, туку станува збор за историски тврдења што предизвикуваат национализам. Тој напоменува дека е можно да создаде остра клима во ставот на Скопје кон Софија, а во тој контекст издвојува неколку настани на оддалечување на двете членки на НАТО и соседи.
– Индикативно е отфрлањето на барањето на Софија да учествува во воздушната полициска поддршка на Македонија, како и повлекувањето на интересот на Скопје за бугарската нуклеарна централа Белене, одбирајќи место да се поддржи проектот за природен гас во северното грчко пристаниште Александрополи – алармира медиумот.

[email protected]