Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во услови на пандемија, здравствена, економска криза, блокади во евроинтеграциите, внатрешнополитички турбуленции, прашање е колку македонското општество покажа дека може да се справува со предизвиците, односно да постигне единство и сплотеност по клучните прашања за граѓаните и државата

Светот во изминатата 2020 година се соочи со најголемата закана што ја памети оваа генерација, пандемијата на ковид-19 што ја покори целата планета, однесе милиони човечки животи и ги затвори луѓето во нивните домови.
Оваа закана не ја одмина ниту Македонија, во која досега животот го загубија околу 2.500 луѓе, а битката со вирусот продолжува и натаму во исчекување на вакцините.
Во услови на пандемија, економска криза, блокади во евроинтеграциите, внатрешнополитички турбуленции, прашање е колку македонското општество покажа дека може да се справува со предизвиците, односно конечно да постигне единство и сплотеност по некое прашање.
Можеби на почетокот на пандемијата во земјава поради стравот од непознатото луѓето застанаа сплотени во поддршката на министерот за здравство и неговото транспарентно менаџирање на кризата, но тоа траеше релативно кратко. Веднаш на виделина излегоа политичките турбуленции меѓу партиите во пресрет на најавените предвремени парламентарни избори за април, па тие искрења се пренесоа меѓу министрите во техничката влада, со меѓусебни обвинувања за тоа кој подобро се справува со кризата.

Првпат од самостојноста, во земјава беше воведен и полициски час, но ниту тоа не ги солидаризира граѓаните, па имаше области каде што воопшто не се почитуваше полициската забрана за движење, додека другите ги следеа препораките и по цели викенди остануваа затворени дома.
Тоа предизвика дополнителен револт во општеството, кое се подели на оние што ги почитуваат и на оние што не ги почитуваат мерките и им го загрозуваат здравјето на преостанатите.
За поделбите влијаеја и дел од мерките на Комисијата за заразни болести, кои при одредени верски празници забрануваа, а при други дозволуваа верски собири. Тоа придонесе за поделба и обвинувања и по верска основа.
Поделбите по политичка основа ескалираа во пресрет на предвремените избори, кои поради пандемијата, од април беа поместени во јули, а кулминираа со неможноста меѓу власта и опозицијата да се постигне консензус по важни прашања за националниот интерес.

Бугарското вето за македонските евроинтеграции беше уште една можност за сплотување на партиите за одбрана на државните, националните интереси и идентитетските обележја, но и таа шанса беше пропуштена, бидејќи власта инсистираше на ексклузивност во преговорите со Бугарија, а опозицијата обвинуваше за тајни преговори на кои се распродаваат идентитетот, јазикот и историјата на државата.
Ако се имаат предвид сите предизвици со кои земјава се соочи само оваа година, прашање е дали македонското општество воопшто може да се сплоти и обедини за кое било прашање во иднина.
– За жал, пандемијата, а и блокадата од Бугарија ги потврди нашите мани, меѓу кои една од најголемите – неспособноста за постигнување консензус, дури и во вакви ситуации и за најважните државни прашања. Неработењето на парламентот во првите месеци на кризата е само еден пример – вели Александар Кржаловски, прв извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка.
Според него, добра можност за постигнување консензус имало по предвремените парламентарни избори во јули.

– Изборните резултати, со кои граѓаните практично ги казнија двете најголеми партии, укажуваа на потребата од поголема/поширока коалиција… но и таму се пропушти можноста за консензус. Конечно, кризата во односите со Бугарија и нивните, во најмала рака, непристојни барања за наше самоукинување, беа уште една можност за градење национален консензус. На крајот, тоа на некој начин и се случи, би рекол и спонтано (по познатото интервју на премиерот), но нема формална, државна разврска. Власта не најде за сходно за ова воопшто и да се расправа во Собранието, а ни опозицијата не се истакна нешто особено – користејќи ја само приликата за уште еден напад на власта – појаснува Кржаловски.
Тој додава дека дури ниту во вакви ситуации партиите не ја препознаваат потребата од консензус и сплотување.
– Дури ни во ваква ситуацијата партиите не ја согледуваат потребата за единственост по некои прашања, туку продолжуваат со дневнополитичките расправии, очигледно за краткорочни лукративни потреби и понатамошно разграбување на малкуте преостанати ресурси. Во ваква ситуација, навистина нема многу на што да се радуваме – заклучува Кржаловски.
За Марко Трошановски, директор на Институтот за демократија, здравствената криза успеала да нè сплоти како нација, додека разединетоста по политичка основа се манифестирала преку лошата соработка во техничката влада.
– Резултат од секоја криза е збивање на редовите на една заедница.

Да, оваа криза нè спои бидејќи неволјата беше и отаде етничките и интраетничките поделби што ги имаме, иако на почетоците на кризата техничката влада покажа дека нема многу свест за јавно добро и сведочевме на многу препирки, партиски и политички, помеѓу членовите на таа техничка влада – вели Трошановски.
Тој додава дека оваа криза покажала дека самото општество треба да има верба во институциите.
– Мислам дека сфативме колку е важно да се негуваат институциите на земјата, колку е важен јавниот интерес и колку е важно да се грижиме за нив бидејќи и самите ги ползуваме нивните услуги и тоа е едно повисоко ниво на свесност, кое мислам дека луѓето го постигнаа за време на оваа криза. Второ, во ситуации на криза кога има квалитет треба да се препознава без оглед на кое партиско милје припаѓаме како граѓани – истакнува Трошановски.
Впрочем, 2021 година е нова можност за сплотување бидејќи ќе доаѓаат нови политички, здравствени и економски предизвици за чие решавање ќе биде потребен сиот расположлив капацитет што го има земјата. Поделено и раскарано општество брзо ќе потклекне пред заканите, додека само со единство ќе се демонстрира нешто што земјата одамна го нема покажано, нејзината внатрешна сила. Тоа е клучот за решавање на сите идни предизвици.