Европејците се загрижени дека нивните влади не работат доволно добро за да го спречат вториот бран на коронавирусот да се прошири во Европа оваа есен. Според експертите, можно е да следува нов карантин за Стариот Континент за да се намали опасноста од ширење на опасниот коронавирус по летните месеци

Додека се регистрира зголемен број на случаи на коронавирусот во неколку европски земји, а повеќе од владите се борат да ги откријат новите кластери на вирусот, Европејците се прашуваат дали Европа е подготвена да спречи можен „втор бран“ на инфекции од коронавирусот. Многу експерти се согласни дека Стариот Континент се соочува со повторна појава на ковид-19, бидејќи луѓето се порелаксирани во однос на мерките за физичко дистанцирање во текот на летните месеци, но и веќе се спротивставуваат на долготрајните рестриктивни мерки, наведува „Јуроњуз“. Според бриселскиот медиум, во последната недела бројот на случаи во Франција од неколку стотини се зголеми на над илјада што е резултат на помасовното тестирање и откривање на асимптоматските случаи особено кај помладите. Како што наведува „Јуроњуз“, тамошните здравствени власти предупредиле дека сè повеќе млади се позитивни на вирусот затоа што ги игнорираат мерките за физичко дистанцирање.

Паралелно на ова западните медиуми пишуваат дека и Шпанија повторно бележи висока бројка на заразени во североисточните региони во близината на Барселона поради што и се вратија дел од рестриктивните мерки во земјата. Но дали е ова почеток на „вториот бран“ на вирусот откако првиот беше причината за воведување карантини во европските држави, британскиот „Би-би-си“ вели дека сѐ поизвесно е ново затворање на Европа оваа есен.

Укинувањето на мерките значи појава на нови случаи

Директорот на програмата на СЗО за здравствени кризи, д-р Мајк Рајан, вели дека „претпоставката за болеста дека се јавува во бранови всушност се базира на претходните пандемии на респираторни вируси“. Укинувањето на рестрикциите за вирусот неизбежно значи зголемување на бројот на заразени, но мерките за физичко дистанцирање, тестирање и следење на контактите можат да помогнат во спречувањето на наглата појава на вирусот како за време на првиот бран во Европа во март и април.
– Треба секогаш да сметаме дека сме под ризик додека не стекнеме имунитет, кој ниедна заедница го нема, или да добиеме вакцина – изјави на една прес-конференција Сара Форчн, професорка на школата за јавно здравје на „Харвард“.

Во меѓувреме додека вирусот е присутен во заедницата, луѓето не треба да се откажуваат од физичката дистанца со намера бројките да останат ниски, велат експертите. Професорот Јирген Хас, кој е шеф на Институтот за заразна медицина на Универзитетот во Единбург, истакнува дека иако сега бројките се ниски, сепак во некои европски држави се забележува пораст на заразени што може да се смета за втор бран. Други експерти тврдат дека вториот бран се однесува на начинот на кој се претставуваат дневните случаи на коронавирус и смртноста и потоа се одредува дали новата појава може да се контролира. За да се постигне оваа цел, во голема мера ќе зависи од тоа како јавноста ќе реагира на зголемувањето на случаите на коронавирусот.

Намалување на бројот на новозаразени во лето

Во исто време германските власти порачаа дека намалувањето на бројот на случаите во летото е важно затоа што Европејците претежно своето време го поминуваат надвор од своите домови.
– Мораме да работиме да ги намалиме бројките на заразени и да бидат на најниско ниво до крајот на летото, затоа што според сè што знаеме досега, полесно се одржуваат ниски бројки налето отколку во есен и зима – посочи Хелга Браун, шефицата на кабинетот на Ангела Меркел, според извештаите на „Асошиејтед прес“. Многумина се загрижени дека поголемо ширење на вирусот во заедницата може полесно да се случи во текот на есента.

Здравствените експерти сметаат дека „шансите за ова да се случи се високи затоа што ковид-19 се шири преку капки и аеросоли, а токму во студените месеци луѓето претежно престојуваат во затворени простории што автоматски може да дојде до пораст на новозаразени“.