Фото: Игор Бансколиев

Во овој момент стигнавме до бројка од 50 дипломатско-конзуларни претставништва што е премногу за една мала земја како Македонија. Во македонската дипломатија има теоретски параметри според кои нашиот опсег треба да има помеѓу 20 и 30 амбасади низ светот. Тоа е приближно нашиот економски капацитет, но и политички, со кој треба да функционираме добро, а земјава да биде покриена на надворешно ниво, тврдат нашите соговорници

Македонија наредните недели ќе затвори четири до пет свои дипломатско-конзуларни претставништва низ светот. Како едни од споменуваните наши амбасади, кои први ќе бидат затворени, се нашите претставништва во Бразил и во Каиро. Ова го најави претседателот на државата Стево Пендаровски, нагласувајќи дека во овој момент сѐ уште се дефинира списокот кои амбасади на земјава во странство ќе бидат затворени. Пендаровски рече дека во завршна фаза се разговорите со релевантните министри и со Владата, и во наредните недели ќе го заокружат списокот, и ќе се обидат да затворат најголем дел од испразнетите амбасадорски места, кои во овој момент изнесуваат дури 27. Како што појасни претседателот Пендаровски, тоа се држави во кои немаме реципроцитет, а од кај нас се покриваат од друга држава и во исто време со тие земји немаме значајна трговска ниту економска соработка.

– Постои една анализа што ја нарачав од МНР веднаш штом дојдов за претседател, да ми дадат функционална анализа како работи нашата дипломатско-конзуларна мрежа. Таму има предлог за затворање четири, петтата е под прашање, четири амбасади минимум, каде што ние немаме голем резон да останеме со дипломатско присуство – рече Пендаровски.

Токму ваквите најави од шефот на државата го предизвикаа и интересот на јавноста за тоа какви и колкави се досегашните ефекти од работењето на дипломатско-конзуларните претставништва. Нашиот весник побара мислење од кабинетот на претседателот на државата, но и од МНР, и за тоа кои се критериумите по кои се врши категоризацијата при носењето на одлуката за затворање на амбасадите, која е оптималната бројка на амбасади со која Македонија би требало да располага и, секако, за досегашните ефекти од нивното работење.

Сепак, до затворањето на денешното издание на весникот од надлежните институции не добивме одговор на поставените прашања.

Од друга страна, ваквите најави за затворање амбасади предизвикаа различни реакции кај упатените. За дел од експертската јавност, ваквиот чекор за затворањето на амбасадите е дипломатска антиреформа, додека други сметаат дека потегот на претседателот Пендаровски е оправдан бидејќи Македонија поседува повеќе ДКП од нејзината оптимално потребна бројка.

Во меѓувреме, правејќи паралела на дипломатијата сега и изминативе 25 години, поранешниот дипломат Драган Јањатов вели дека период од 1990-тите години може да се оцени како успешен во промовирањето на Македонија со оглед на тоа што во тој период беа испраќани професионалци за разлика од сега. Но додава дека работите никогаш не биле сјајни, а, според него, како што одминувало времето, а економските состојби се менувале на полошо, амбасадорите се соочувале со многу тешки услови за работа имајќи ја на ум и сѐ уште слабо воспоставената институционална инфраструктура.

– Во последно време општо во дипломатијата во светот има тенденција на рационализација и наоѓање нови форми на економско работење. Времето на големите амбасади со по стотина-двесте работници е минато и во таа смисла чекорот на претседателот Стево Пендаровски и на МНР е сосема оправдан. Добро е кога конечно нешто започна да се работи во таа насока. Во исто време сакам да ги поздравам и обидите за подготвување на новиот закон за меѓународни односи на земјава во кој детално и прецизно, за разлика од досегашниот, ќе се наведат сите ингеренции и права на институциите на државниот апарат во однос на надворешната политика. Со едни зборови, крајно време беше да се преземат чекори и да се направат приоритети во насока на носење на одлуките што се од национален интерес за државата – истакнува Јањатов.

Според поранешниот дипломат и неговите процени, Македонија треба да располага со 20-32 амбасади и амбасадори низ светот, во однос на капацитетот и ресурсите што Македонија ги поседува сега. Секоја бројка поголема и помала од таа би било непотребно оптоварување на дипломатската мрежа и политиката на земјава.

Во исто време, според поранешниот амбасадор во Москва, Ристо Никовски, идејата на претседателот Пендаровски и на МНР исто така не е лоша, иако во овој момент, според него, постојат и други амбасади и наши ДКП, кои нема потреба да бидат отворени.

– Добро е што е направена анализа на функционирањето на дипломатската мрежа. Неоспорно е дека некои ДПК се затвораат и дека нивното отворање беше грешка. По Бразилија тоа важи за Каиро, а има уште неколку други. Многу лесно е да се оцени секое ДКП и резултатите што ги дава и врз основа на интересите на државата да се одлучи за неговата судбина. Во секој случај е добро што ќе се затворат одредени мисии ама паралелно треба да се зајакнат тие каде што нашиот интерес е нагласен. Поголем број земји треба да се покриваат од Скопје и нашите дипломати таму да престојуваат една недела или помалку во месецот кога за тоа има конкретни потреби – тврди Никовски.

И поранешниот амбасадор и политиколог Виктор Габер го дели истиот став во однос на одлуката на претседателот и на МНР, да се затворат неколку наши амбасади во светот. Габер објаснува дека меѓународните односи се специфични и тие не можат да се споредат со внатрешните односи во државите во ниеден случај.

– Во македонската дипломатијата има теоретски параметри според кои нашиот опсег треба да има од 28 до 32 амбасади низ светот. Тоа е приближно нашиот економски капацитет, но и политички, со кој треба да функционираме добро, а земјава да биде покриена на надворешно ниво. Во овој момент ние стигнавме со бројка од 50 дипломатско-конзуларни претставништва што, според мене, е премногу за една мала земја како Македонија. Во таа насока треба да се стави ред бидејќи имаме претставништва што се празни без шефови, а сето тоа нас нѐ чини многу ако на тоа се додаде и нелогичноста за нивното отворање, и претходно за отворање места што немаат никаков стратегиски интерес за нас, од што можеме да заклучиме дека потегот на Пендаровски е оправдан – оценува Габер. Дипломатот објаснува дека при отворањето нови наши претставништва многу е важно претходно да се определат приоритетите на земјава, во смисла на политички и економски врски со државата во која отвораме амбасади.

Сепак, за поранешниот министер за надворешни работи Антонијо Милошоски затворањето на амбасадите е дипломатска антиреформа.

– Претседателот Пендаровски најави дека со Димитров планираат затворање на 4-5 амбасади, меѓу кои сигурно и онаа во Бразил. Исходот ќе биде само уназадување на капацитетот за промовирање на економско-политичките интереси на Македонија на меѓународен план – пишува Милошоски на својот фејсбук-профил.


Празни ДКП низ светот

Во моментов, според официјалните податоци што може да се најдат на сајтот од Министерството за надворешни работи, од вкупно 59 ДКП во светот, помалку од четириесетина немаат шефови на ДКП, дури околу триесет од нив немаат амбасадор да ја врши функцијата, што е невидена дипломатска слабост дури и за Македонија. Празни се амбасадите, односно се со вршители на должност наместо амбасадори во Белград, Берн, Брисел, Подгорица, Загреб, Пекинг, Прага, Рим, Талин, Тирана, Каиро, Доха и други. Вршител на должност до скоро немавме во Холандија, која е влијателна земја-членки на Унијата, а до неодамна Македонија во Република Чешка беше претставена само на ниво на прв секретар. Од сите генерални конзулати, кои се осум (Солун, Венеција, Минхен, Мелбурн, Торонто, Чикаго, Детроит, Њујорк и Истанбул), само во некои во моментов има генерален конзул.

[email protected]