Илјадагодишнината од основањето на Бигорскиот манастир (1020-2020 година), настан што Македонската православна црква – Охридска архиепископија
го одбележува во текот на целата оваа година, е уште едно големо сведоштво за нашата жива црква во православниот свет

Илјада години опстојба, безброј причини што можат да го опишат овој милениумски историјат на едно од најзначајните македонски црковни светилишта, кој овој викенд ќе биде достојно одбележан.
Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“ не е само монашки духовен центар, тој е многу повеќе од манастир и денес и во неговата илјадалетна историја. Столб на духовноста, чувар на традицијата, расадник на просветата, поткрепа на моралот, а денес со својата социјална компонента и патоказ на оние што губејќи ги вредностите паднале во неморал.
Илјадагодишнината од основањето на Бигорскиот манастир (1020-2020 година), настан што Македонската православна црква – Охридска архиепископија го одбележува во текот на целата оваа година, е уште едно големо сведоштво за нашата жива црква во православниот свет. Јубилеј со кој гордо може да зборува за својата вистина.
Овој голем јубилеј не е само еден континуитет на предизвик на црковниот живот во Македонија, прикажан преку богатата историја на Бигорскиот манастир, кој денес не само за Македонците туку и за православните верници од другите цркви претставува големо православно светилиште, туку е и едно големо признание за сите што низ историјата успеале да се вложат во неговата изградба.

По целата серија настани за одбележување на овој јубилеј, кои Бигорскиот манастир ги прави цела година, в недела ќе се случи и централната прослава на јубилејот, а според програмата за прославата, денеска, со почеток во 18 часот ќе биде отслужена вечерна богослужба, а утре, недела, со почеток во 9 часот ќе биде одржана Божествена литургија, по чие завршување ќе се обратат архиепископот г.г. Стефан и претседателот Стево Пендаровски.
Во насока на овој јубилеј е и тоа што Бигорскиот манастир е првиот манастир што пред два дена доби Орден за заслуги за државата што го додели претседателот Стево Пендаровски. Наедно, Бигорскиот манастир е и првата верска институција во Македонија што добила Орден за заслуги за државата.

Историја на подеми и предизвици

Бигорскиот манастир во овие 1.000 години поминал низ разни историски премрежиња, но успеал да остане центар на духовноста од кој денес излегуваат монаси што го продолжуваат црковниот живот на МПЦ. Одолеал на времето и по секој предизвик добивал сѐ поголеми историски вредности.
Во Светите преданија е запишано дека во времето кога со големото Ромејско Царство управувал Василиј (976 – 1025), а на овие простори, пак, царувал Самуил (976 – 1014), во падините на Бистра се подвизувал некој многудобродетелен монах, по име Јован, кој потекнувал од дебарскиот крај. Токму со него почнува оваа славна историја на овој манастир, основан во 1020 година. Првите големи премрежиња ги доживува во 16 век, кога манастирот бил разрушен од страна на отоманската власт и од целиот комплекс останал само како мала црква. Историјата запишала дека манастирот бил повторно обновен во 1743 година, од страна на јеромонахот Иларион, кој бил и првиот игумен на Бигорскиот манастир во поново време.

Вториот поголем историски пад на манастирот е во социјалистичкиот период, кога речиси и да бил запуштен, сѐ до доаѓањето на Отец Партениј за игумен во 1995 година, кога го воскреснува и монаштвото, но и манастирот во целина.
Во поновата историја, 30 септември 2009 година ќе остане како уште едно големо премреже во историјата на овој манастир. Во 4 часот и 30 минути до темел изгоре стариот палат, а целосно опожарени се конаците, трпезаријата и библиотеката. Немаше повредени. Монасите успеале да ги спасат од огнената стихија поважните предмети што биле во опожарените објекти. Од пепелта Бигорски повторно се воздигна и сега достојно го празнува овој милениумски јубилеј.

Иконата на свети Јован сопатник на манастирот

Името на манастирот доаѓа поради фактот што објектот бил изграден од бигор. Бигорскиот манастир го сочинуваат манастирската црква, која е посветена на Јован Крстител, костурницата, сместена до самата црква, сејменската одбранбена кула, комплексот манастирски конаци, како и новоизградените гостински конаци.
Внатрешното уредување и декорацијата на црквата ги започнал игуменот Арсениј уште во 1810 година. До крајот на својот живот, игуменот Арсениј ќе стане најзаслужен за ангажирањето иконописци и зографи.
Најубавиот украс во црквата и она по што е најпознат овој храм е, секако, прекрасниот и единствен од ваков вид во православието – иконостас, врвно дело на мијачките копаничари, кои по својата вештина на обработка на дрвото останале ненадминати и до денес. Тоа се прочуените Петре Филиповски-Гарката од селото Гари, со својата тајфа, и Макариј Фрчковски од Галичник. Тие го завршиле ова монументално дело за зачудувачки кратко време, од 1830 до 1835 година.
За иконата на свети Јован, слободно може да се каже дека е сопатник на манастирот. Овој манастир неколкупати бил оштетуван, но таа икона никогаш не била оштетена. Таа икона денес е како непресушен извор, кој излева благодат што чудотвори.

Надеж за безнадежните

Она што денес Бигорски го прави повеќе од манастир и монашки молитвен дом е тоа што ги отвори портите за безнадежните во општеството. Со години духовно се лекуваат зависници од дрога и добиваат шанса да си го вратат своето место во домот и општеството.
Многумина од нив денес своите животи му ги посветиле токму на манастирот. Нивните сведоштва се запишани во бележникот на Бигорски, како историја на општествена одговорност што треба да ја имаат верските институции.
Ова е еден од најголемите предизвици за ова монашко братство или како што велат во Бигорски: „Колку спасени животи, толку причини за радост“. Токму затоа Бигорскиот манастир годинава има голема причина да се гордее со својот илјадалетен јубилеј.

[email protected]