Фото: Маја Јаневска-Илиева

Г.г. Стефан, поглаварот на МПЦ, во Илинденското послание вели дека овој ден, празникот Илинден, е ден за особено семакедонско прославување, а Свети Илија сo своето човекољубие, како и со родољубието и со молитвената грижа за спасение на народот, останал за пример како треба да ги сакаме луѓето

Илинден и светиот пророк Илија се неразделно поврзани како верба во духовната и национална самобитност на македонскиот народ. Големата почит и култ што Македонецот ги имал кон светиот пророк низ црковните чествувања ги сврзал во историски моменти најзначајни за неговата национална самостојност и затоа денeс народот и црквата ги слават Илинден и свети Илија како еден темел што обединува.
Светиот пророк Илија бил родум од племето Ароново, од градот Тесвит, поради што бил наречен Тесвиќанец. Кога се родил, неговиот татко Савах видел ангели божји како го повиваат со оган и како му даваат да јаде пламен. Тоа било предзнак за огнениот карактер на Илија и за дадената од бога огнена сила.
Сета своја младост ја поминал во богомислие и молитва, повлекувајќи се често во пустина, во тишина да размислува и да се моли.
– Со големи чуда Илија ја докажал силата и го затворил небото, па немало дожд три години и шест месеци. Тогаш спуштил оган од небото и му запалил жртва на својот бог, додека жреците Ваалови не можеле да го сторат тоа; пуштил дожд од небото со својата молитва; чудесно ги умножил брашното и маслото во куќата на вдовицата во Сарепта и ѝ го воскреснал умрениот син; им прорекол на Ахав дека кучиња ќе му ја лижат крвта и на Језавела дека кучиња ќе ја изедат, што и се случило; и многу други чуда и случки направил и прорекол. На планината Хорив разговарал со бога и го чул гласот божји во вид на тивко ветренце. Пред смртта, го зел Елисеј и го одредил за наследник во пророчкиот повик; со својата наметка ја разделил водата во реката Јордан и најпосле се вознесол на небото во огнена кочија со огнени коњи. На гората Тавор, заедно со Мојсеј, се јавил при преображението на нашиот Господ Исус Христос. Пред крајот на светот, Илија повторно ќе се јави да го разобличи антихристот – пишува во житието за Свети Илија.

Семакедонско прославување

Г.г. Стефан, поглаварот на МПЦ, во илинденското послание вели дека овој ден, празникот Илинден, е ден за особено семакедонско прославување, но и ден за таговна радост и радосна тага.
– Ние, Македонците, како ретко кој народ, торжествено го празнуваме славеникот и богоугодникот, чудотворецот и боговидецот – големиот пророк Илија. Пророците, како праведни и богољубиви, биле предвестители на божјата волја и весници на неговата љубов кон светот и кон човекот. Свети Илија бил голем пророк. Неговата ревност за вистинската вера и неговата љубов кон бога биле вдахновение за многумина негови современици, а подоцна и за секој христијанин и за секој свештенослужител. Со своето, пак, човекољубие, како и со родољубието и со молитвената грижа за спасение на народот, останал за пример како треба да ги сакаме луѓето – вели поглаварот.

Потврда за нашето постоење низ вековите

Поглаварот на МПЦ-ОА во неговото послание по повод Илинден посочи дека Илинден е денот што го потврдил нашето постоење низ вековите, но и за денес и за секогаш.
– Тој е ден за наше радување, но и ден за потсетување за потребата од постојано бранење на нашата посебност и на нашата македонска вистина. Иако е настан од минатото, Илинден бил и останува за сите времиња незаменлива инспирација за одбрана на сѐ што е наше македонско, зашто е ден – вкус на слободата и на македонскиот непокор. Но, еве, искушенијата за нашата македонска држава и за македонскиот народ, за жал, и денес не престануваат. Затоа треба да бидеме особено внимателни и сплотени и да не дозволиме да отстапиме пред барањата на сите оние што го негираат нашето постоење. Често се прашуваме дали на претходните поколенија им беше потешко да се борат за македонското народно и духовно дело, или нам денес да го зачуваме она што тие го стекнаа со своите животи – посочува поглаварот.
Според него, низ сета наша историја се раѓале доблесни родољупци, идеолози и стратези, кои секогаш биле подготвени да ја бранат и да се жртвуваат за слободата на нашата родна грутка.
– Тие умееле да го поведат народот кон подобра иднина и да укажат дека сите искушенија и негирања не можат да нѐ сопрат. Всушност, тие, секогаш, па дури и денес, ни помагаат уште повеќе да се утврдуваме во нашата вистина. Затоа сите наши буни, борби и востанија од минатото биле и остануваат вдахновувачки извори и за сегашново и за сите македонски поколенија – да ја чуваме и да ја зачуваме слободата барем на овој дел од македонската земја, со сѐ што ни припаѓа како народ: и црква, и идентитет, и историја, и јазик, и песна, и оро, и култура – со сето наше духовно и народно минато, со што ќе можеме да ги зачуваме и сегашноста и иднината наша. Слободата, и духовната и националната, е скапоцен дар. Затоа, не само што треба да ја браниме слободата, не потклекнувајќи пред намерите на оние што сакаат да нѐ одродат и присвојат, туку треба и да знаеме и што и како со неа. Зашто ако во слободата не одиме напред и не се развиваме на секое поле, ако не создаваме и не се унапредуваме, ако не се усовршуваме и не се изградуваме, ако не се поправаме и не се грижиме, и за себе и за идните генерации, тогаш зошто ни е таквата слобода? Но тоа, како народ, најдобро ќе можеме да го остваруваме само со духовно и национално единство – заклучува г.г. Стефан.

[email protected]