МНР со осуда за изборен спот во Бугарија

Министерството за надворешни работи ги осуди несоодветните изборни спотови во Бугарија. Од таму велат дека објавувањето на предизборни спотови во кои се изразуваат територијални претензии и еднострани чувства за припадност и присвојување кон друга соседна држава, не е во духот на градење пријателство.

– Во напорите за засилување на дијалогот и зацврстување на довербата, сето во функција на унапредување на добрососедските односи, објавувањето на предизборни спотови во кои се изразуваат територијални претензии и еднострани чувства за припадност и присвојување кон друга соседна држава, не е во духот на градење пријателство и почитување на европските вредности, за кои заедно толку многу се заземаме – се наведува во соопштението од МНР.

Од МНР очекуваат официјалните претставници на Бугарија да се оградат и ги осудат ваквите настапи на една од потенцијалните политички учесници во највисокиот дом на Бугарија.

Предизборниот спот на партијата ВМРО-БНД на поранешниот бугарски министер за одбрана, Красимир Каракачанов, содржи кадри од Охрид сугерирајќи дека партијата ќе ја брани „бугарштината“ дури до Охрид.