„Нова Македонија“ пишуваше за специфичната ситуација во која се наоѓаат некои од македонските државјани во Малта, откако тие преку писмо се обратија до нашиот весник и до надлежните македонски институции за да укажат на тешкотиите со кои се соочуваат при обидот за обнова на истечените документи што им се неопходни за регулирање на престојот. „Нова Македонија“ во меѓувреме стапи во контакт со македонски иселеници во Малта за да дознае повеќе за ситуацијата, а упати и прашања до повеќе македонски институции што би биле надлежни за наоѓање решение

Нашите сонародници во Малта го реактуализираа проблемот со патните исправи

Македонските државјани што живеат во Малта веројатно ќе треба да го чекаат формирањето на новата влада за почнување на процесот за продолжување на истечените лични документи што им се потребни за да го регулираат престојот, освен доколку надлежните македонски и малтешки институции не најдат решение за надминување на пречките при обновата на нивните работни дозволи. Според Љуфтим Спахиу, директорот на Директоратот за меѓународно право и конзуларни работи при МНР, за испраќање екипа на МНР за издавање на пасошите, односно за фотографирање на барателите е потребен акциски план што треба да го одобри македонската влада.
– Никогаш не сме испраќале екипа за Малта. Тоа се одобрува од Владата за цела година. Немаме таква одлука. Тоа треба да биде акциски план на владата. Единствено има иницијатива за отворање претставништво. Останува да се види дали тоа ќе биде одделение преку Рим или конзулат. Но околу документите не сме имале активност. Имаме барања од неколку држави каде што немаме екипа што би сликала за документи, а со формирањето на новата влада ќе поднесеме барања и таа ќе треба да го одобри акцискиот план. Бараме во планот да внесеме неколку држави што имаат потреба. Ние ги продолживме документите и дадовме насока за издавање потврди. За Малта треба да се направи екипа, но не е тукутака.

Барателите треба да аплицираат, ние ги доставуваме барањата до МВР, кое ги одобрува, носиме машина, ги внесуваме податоците на одобрените, па испраќаме екипа во Малта. Не е процедура што се прави прекуноќ, но за да почнеме активност, мора да добиеме зелено светло од новата влада – истакна Спахиу.
МНР добило барања за продолжување на документите од повеќе држави, но процесот е во застој поради пандемијата и рестрикциите.
– Имаме барање и од Русија за документи на наши државјани, студенти. Имаме места со 500, 700 или 900 луѓе што чекаат за документи, само 600 се во Виена. Поради таквата ситуација протече предлог пасошите да се продолжат до 31 јули, за да им се даде можност на граѓаните да се искористи периодот за да допатуваат и тука да извадат пасош. Тоа беше пред пандемијата. За да се испрати екипа во Германија, тие треба да одат две недели во карантин пред да почнат да работат, поради безбедносните мерки. Државата не дозволува групирање, ризикот останува и тоа е тешко изводливо. Во моментов немаме мерка за таква ситуација.

Сите што ќе одат на испомош во Малта, ќе ги оспособиме, а потоа само ќе им испраќаме опрема со софтверска подготовка, но опремата мора да патува. Би била во Берлин, па во Виена… Нема ништо поважно од нашите државјани. Тие секогаш се на прво место – категоричен е Спахиу.
Се проценува дека стотици Македонци во Малта се соочуваат со проблем бидејќи не се во состојба да ги продолжат личните документи (престануваат да важат сите биометриски пасоши издадени во 2010 година) поради неможноста за патување во ЕУ, односно да се вратат во земјава, што се должи на рестрикциите во пандемијата. Македонските граѓани на тој начин се доведени во опасност да ги изгубат своите работни дозволи во Малта, да ја напуштат државата без можност за враќање, со што ќе останат без работа и без основни средства за егзистенција. Згора, според последните информации, влезот и излезот од Малта за Македонците би бил овозможен најрано в година.
Токму затоа, македонските државјани преку писмо се обратија до Владата, како и до медиумите, со надеж за наоѓање решение. Тие упатија предлог да им бидат издадени посебни персонализирани или генерални потврди од страна на надлежните македонски институции, кои би биле доставени до органите во Малта за пречките да бидат надминати.

Македонците бараат од институциите официјално да ја известат малтешката влада или агенцијата задолжена за издавање дозволи „Ајдентити Малта“, дека на сите државјани што се наоѓаат во оваа ситуација, македонската влада ќе им издаде нови патни исправи веднаш штом ќе се создадат услови за тоа преку Амбасадата во Рим или во Македонија, по отварањето на авионските линии Малта – Скопје.
– Единствено можеме да апелираме до новата влада веднаш по нејзиното формирање да го стави за приоритет решавањето на проблемот за Малта и за Русија и во меѓувреме, доколку е можно, да испрати писмо како претходното, во кое се наведува дека поради неможноста на македонските државјани да патуваат во својата земја, Владата ќе им ги обнови, односно ќе им издаде нови патни исправи, веднаш по настанувањето на услови во согласност со македонските закони.

Генерално, писмото што го има „Ајдентити Малта“ е прифатено и на некои од македонските граѓани им беа обновени документите. Владата треба да се обиде да допре со ваков допис до Владата на Малта и до „Ајдентити Малта“, бидејќи ова е вистински проблем – вели Маја Андреевска-Блажевска, која учествува во акцијата „МК-пасоши со истечен рок, во Малта“, во изјава за „Македонци Малтежани“.
„Нова Македонија“ во меѓувреме упати прашања до повеќе македонски институции што би биле надлежни за наоѓање решение. С.Н.М.


Од Кабинетот на претседателот нѐ упатија на МНР

Од Кабинетот на претседателот нѐ упатија да се обратиме во Министерството за надворешни работи (МНР) за одговор на нашите прашања во врска со издавањето на документи, со оглед на институционалните надлежности. „Нова Македонија“ претходно се обрати и до МНР и очекува одговор.

– По однос на прашањата кои се наведени во вашата порака, би сакале да ве упатиме да се обратите за одговор во Министерството за надворешни работи, со оглед на институционалните надлежности – се наведува во одговорот од Кабинетот на претседателот.