Фото: Игор Бансколиев

Се крои преговарачката рамка за Македонија
од страна на Европската комисија

Наскоро со сигурност ќе бидеме сведоци дали аршините на ЕУ, односно на двете нејзини членки со кои граничиме, се принципиелни, идентични со нашите, или пак ќе имаат двојни стандарди. Во секој случај, откако ќе биде претставена преговарачката рамка, таа ќе биде испратена на усогласување кај сите земји-членки на ЕУ, по што ќе поминат уште неколку месеци додека таа биде одобрена од сите. Но есенцијата на нашите државни и национални интереси мора да биде вградена во преговарачката рамка, во спротивно сѐ потешко ќе има можности за ресетирање

До крајот на оваа седмица, а според вицепремиерот за евроинтеграции – можеби уште денеска, Европската комисија (ЕК) треба да ја финализира првата нацрт-верзија на преговарачката рамка за Македонија што ќе биде доставена на разгледување до земјите-членки.

За динамичен преговарачки процес е неопходна усогласеност на сите заинтересирани страни

Најавувајќи ја преговарачката рамка од ЕК, вицепремиерот Бујар Османи повика политичките партии во земјава и претседателот Стево Пендаровски да постигнат државен консензус во пресрет на преговорите со Европската Унија.
– Сега, кога чекаме преговарачка рамка, првиот меѓувладин состанок, сега е време да седнеме, да подадеме рака еден на друг за да гарантираме дека до денот кога ќе станеме членка на Европската Унија ќе бидеме со еден глас наспроти ЕУ, дека ЕУ не нè гледа како влада или како опозиција, туку како држава со нејзини принципи – изјави Османи, притоа реактивирајќи го прашањето кои се темите за кои е потребен државен консензус пред ЕУ, со оглед дека во поглед на заложбите за евроинтегрирање никогаш не недостигала согласност од политичките чинители во Македонија.

Со Преспанскиот и Договорот за добрососедство не се „вакциниравме“ од вето

И покрај изразената политичка добра волја на нашата влада за компромис токму заради откочување на процесот на евроинтеграциите, договорите за добрососедство и соработка со соседите членки на Унијата, Грција и Бугарија, за нашите евроинтеграции и понатаму претставува реален предизвик можноста за вето, односно за враќање на преговарачкиот процес (според новата преговарачка методологија), доколку Македонија не ги задоволи токму нивните барања. Наскоро со сигурност ќе бидеме сведоци дали аршините на ЕУ, односно на двете нејзини членки со кои граничиме, се принципиелни, идентични со нашите, или пак ќе има двојни стандарди. Во секој случај, откако ќе биде претставена преговарачката рамка, таа ќе биде испратена на усогласување кај сите земји-членки на ЕУ, по што ќе поминат уште неколку месеци додека таа биде одобрена од сите. Дури потоа би требало да се одржи првата меѓувладина конференција, која ќе го означи официјалниот почеток на преговорите со ЕУ.

Фото: Маја Јаневска-Илиева
Од бугарска страна, уште од добивањето зелено светло за почеток на преговори за Македонија, во март годинава, на заклучоците на Советот на ЕУ, таа членка како прилог додаде своја изјава, која на некој начин претставува дополнителен услов. Во целиот овој период, од март досега, официјални претставници на Бугарија неколкупати повторија дека ако нивните забелешки не станат дел од преговарачките рамки за Македонија и за Албанија, Софија нема да ја прифати таа рамка.

Ќе имаат ли влијание забелешките на Бугарија?

– Ќе видиме дали и колку преговарачката рамка ќе биде изненадување, поради делот во кој ќе бидат вклучени и бугарските уцени. Не треба да имаме дилеми дека тие ќе имаат влијание, но прашање е колкаво ќе биде тоа. Националниот консензус во процесот на преговорите е исклучително важен, бидејќи тој ја детерминира позицијата на земјата и нејзината моќ да го добие максимумот во тој процес. Во секој случај, кога и да почнат преговорите, тие ќе бидат тешка мора (мака) за нас, бидејќи на другата страна на барикадите, цело време ќе бидат Бугарија и Грција со нивните непринципиелни барања – смета поранешниот македонски дипломат Ристо Никовски.

И покрај најавите од Бугарија за евентуално блокирање на Македонија поради нефункционирање на Комисијата за историски прашања, вицепремиерот Османи очекува и се надева нацрт-верзијата на преговарачката рамка да биде неутрална во однос на националните позиции на одредени земји, водејќи се од декларативноста на новата преговарачка методологија за проширување, „страните да се воздржат од злоупотреба на нерешените прашања во текот на процесот на пристапување во ЕУ“. Сепак, правото на вето не е избришано.

Македонската страна е свесна дека како држава кандидат не е во позиција да влијае на преговарачката рамка, но тоа го отвора прашањето дали останува простор за некакви македонски национални интереси и национална идентификација во Европската Унија. Дали преговарачкиот процес за членство во ЕУ значи само подготвеност за прифаќање на сите услови и уцени од земјите-членки.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Политиката на попустливост е погубна, а праќа порака дека може да го дадеме и она за што ниту се помислува

– Кој не сака да влезе во ЕУ? За тоа не е потребен политички консензус во мигов! Познато е дека сите политички фактори и граѓаните се согласни дека ни е потребно членството во ЕУ, но спорниот момент е дали тоа го сакаме и под услов на сите уцени што ги прифативме и допрва ќе треба да ги прифатиме. Откако го дадовме името на државата, уште помалку сме во некоја позиција да поставуваме некакви, дури и невидливи црвени линии, за националните интереси. Самите се доведовме во позиција пред ЕУ да бидеме гледани како земја-кандидатка што прифаќа компромиси за суштински национални прашања и на Унијата ѝ дадовме легитимитет да настапува како уценувач. Ако сме ги прифатиле условите на Грција и сме го дале името, ЕУ може да очекува од нас да се согласиме на отстапки на сите други национално-идентитетски обележја (јазик, историја, именување на нацијата), кои всушност произлегуваат од името на државата. Симптоматично е барањето државен консензус во овој миг. Дали тоа е за да се оправдаат сите претходни одлуки за бришење на македонскиот идентитет – размислува историчарот Тодор Чепреганов, поранешен директор на Институтот за национална историја.
Со откажувањето од старото уставно име на државата, Чепреганов смета дека се избришани македонските национални црвени линии, а сега предизвикот е како нешто да се спаси од националниот идентитет во преговорите за членство во ЕУ.