Има ли морал во политиката, дали и колку е застапен и кој како го разбира и го практикува? Овие дилеми се наметнаа во јавноста по серијалот политички расправии на темата за непотизмот и партиските вработувања во државната администрација. Што мислат за ваквите појави, кои не се нови туку се одлика и од минатото, политичките аналитичари и социолози

Најголемите политички партии во земјава, освен за крупните прашања пред кои се исправени периодов како претседателските избори, интеграцијата во НАТО и во ЕУ и потребните реформи, најдоа време и за коментирање на кадровските решенија, вработувањата, непотизмот, но и за моралот во политиката.
Па, така, нема ден, а јавноста да не биде запознаена со нови вработувањата на роднини на функционери од власта во државната и во јавната администрација. За волја на вистината деновиве имаше и реверзибилен процес на повлекување од позициите, односно по јавно изречените опомени и критики, одредени вработени сами дадоа отказ и се повлекоа, но тоа, секако, не ја намалува актуелноста на темата. Во контекст на сите овие актуелни случувања беше наметнато и прашањето за моралот во политиката, кој како го разбира и го практикува. Има една култна реплика од филмот „Среќна нова ’49“ кога изневерените очекување кон пријателот се оправдуваа со реченицата: „Извини Пиги, морално беше“. Но да се вратиме на актуелните политички случувања.

Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ изминативе денови објавува имиња на нововработени синови, ќерки, сестри и родители на актуелни функционери.

Од друга страна, владејачкиот СДСМ на овие обвинувања првично одговори дека десет години членовите и симпатизерите на социјалдемократите биле најдискриминирани граѓани во државата со тоа што им било забрането да се вработуваат во јавниот и приватниот сектор и запрашаа каде да одат овие луѓе и дали истите тие треба да ја напуштат државата. Сепак, согледувајќи ги реакциите во јавноста, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, најави дека случаите со вработувања на членови на семејства на функционери од власта ќе бидат повлечени по барање од премиерот Зоран Заев.

Но дали тој повик за повлекување е обврзувачки, врз каква основа ќе се направи и што ако лицата сметаат дека не треба да се повлечат од работните места се дилемите што се актуализираа во јавноста. Дотолку повеќе што целиот процес на вработување, повлекува и одредена процедура што подразбира и правни последици кон институцијата или поединецот што воопшто го дозволил вработувањето, доколку имало прекршување на одредени правила и норми, па дури да се тие пречекорувања или прекршувања и од морална или етичка природа, коментираат експертите.

Моралот во политиката е несомнено од суштинско значење и сите потези и постапки, пред сѐ, мора да бидат во согласност со овие вредности. Ако нема елементарни етички и морални вредности во постапувањето и однесувањето на политичарите или тие својата позиција ја користат за остварување лични или семејни интереси, тогаш како граѓаните ќе им веруваат и ќе им ја дадат довербата да работат за доброто на сите.
Од друга страна, во недостиг од информации за правни механизми со кои ќе се реализираат овие евентуални оставки од функциите на партиските кадри, останува засега повлекувањето да биде на доброволна основа.

Политичкиот аналитичар Владимир Божиновски вели дека институциите треба да сносат одговорност, а не поединците да се повикуваат на морал и лична одговорност.
– Не е доволно ти да повикаш некој да даде оставка откако работата ќе излезе во јавноста. Дали ќе имаше оставки ако не излезеше во јавност е прашањето? Идејата на оваа влада пред да дојде на власт беше дека таа ќе работи транспарентно, отчетно и за спречување на коруптивноста како и спречување на тие коруптивни практики меѓу кои е и вработување на овие лица. Како што стојат работите со овој начин на вработување на овие лица се случува губење на довербата кај обичниот граѓанин што сака да аплицира во администрацијата со неговите квалитети. Се создава слика дека само преку политичка партија може да се вработи во државниот апарат. Со ова се менува целата слика за која зборуваше власта пред да дојде на позиција дека ќе следува департизација, но очигледно се случи обратното од она за што ЕУ цело време нѐ критикуваше – вели Божиновски.

Тој нагласи дека институциите треба да ги зголемат контролите, да ги утврдат процедурите за избор на кандидати и критериумите што ќе обезбедат вредност, а не политикантство.

Од друга страна, професорката Татјана Стојаноска Иванова од Институтот за социологија при Филозофскиот факултет во Скопје вели дека политиката, политичките настани и носителите на политички функции се центарот на интерес на граѓанинот во нашето граѓанско општество. Според неа, политиката ги бодри партиски верните, а ги гони партиски необоените.

– Тоа е прашање за социолошка анализа, но и за подлабоко општествено елаборирање. Политичкиот бонтон на нашата политичка сцена е далеку од вистинскиот и правилниот бонтон во политиката. Вредностите и нормите што се етаблирани кај политичарите и кои се двигатели на нивното однесување и дејствување се морални начела во кои се вулгаризира и преиначува суштината на самата вредност и норма. На прашањето дали постои морал во политиката или дали политиката апропо епитетите што ѝ се припишуваат поседува морални скрупули, без трошка страв и срам ќе кажам не, односно, моралот во политиката е мисловна именка – оценува Стојаноска Иванова.

Според професорката Стојаноска Иванова, во политичките платформи и програми зборовите морална должност, морална одговорност и морална санкција не постојат, со право можеби, за никој и да не се повикува на нив кога ќе бидат прекршени.

– Е затоа политиката и моралот се дистинкцирани поими, не сврзани, изделени и разделени, затоа се косат во реалноста, но и се избегнуваат во мисловноста. За да се врати политиката на вистински пат и да биде водена од вистински луѓе, потребно е моралниот дискурс да е носечки во политичкиот хабитус, бидејќи само така ќе имаме политичари со интелектуален, сознаен и вредносен капацитет што вистински и правилно ќе се носат во костец со сите проблеми, кои го тиштат македонскиот граѓанин – оценува професорката по социологија.