Фото: Игор Бансколиев

Соговорниците од граѓанските иницијативи истакнуваат дека не треба да се потценуваат граѓаните и дека партиите треба да состават издржани програми, или барем сиже од нив, да им ги поделат на граѓаните, кои ќе имаат време да ги прочитаат и, врз основа на така формираното мислење, основано и рационално да го дадат гласот на изборите во интерес што би требало да биде многу повисок од теснопартискиот

Политичкиот амбиент во Македонија веќе ги покажува сите симптоми на забревтано предизборие, иако официјалната кампања започнува на 23 март. Преговарачките активности за евентуални коалиции се во полн ек, дебатите во медиумите меѓу политичките опоненти повеќе личат на дел од т.н. црна (негативна) кампања, а партиите дури и сериозно вложуваат во таквата кампања, поставувајќи ги своите пораки на големи рекламни паноа на јавни места, кои потоа си ги уништуваат едни со други…

Пароли насекаде, изборни програми никаде

И покрај сите предизборни симптоми, забележително е што речиси еден месец пред изборите (договорени и најавени од пред шест месеци), партиите сѐ уште не ги претставиле своите изборни програми, врз чија основа гласачите би требало основано да одлучат кому ќе му ги дадат својата доверба и поддршка. Таквата ситуација остава простор за неколку сомневања и претпоставки, од тоа дека можеби партиите тактизираат со објавувањето на програмата, во очекување што ќе понуди политичкиот противник, до тоа дека тие дури и немаат некоја конципирана и разработена програма со идеи, стратегии и мерки за нивно спроведување.

– Постојат неколку објаснувања, повеќе од техничко-процедурална природа, зошто досега партиите не ги објавиле своите избори програми, но не би знаел во моментов кое е вистинито. Не сум бил дел од некоја партиска структура, но мислам дека програмите прво треба да поминат на партиски конгрес и веројатно во овој период минуваат низ некоја внатрепартиска процедура. Бидејќи во меѓувреме се направени и некои коалиции, претпоставувам дека изборните програми треба да бидат усогласени и со коалициските партии. Од јавните настапи на лидерите на партиите, но и на други партиски претставници, може да се забележи дека партиите имаат подготвено изборна понуда, која засега ја објавуваат парцијално, на различни партиски или јавни настани – смета политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

Изборниот натпревар без програми е обично партиско наддавање

Иако програмите сѐ уште не се официјално објавени, во однос на суштинската содржинска понуда до гласачите, аналитичарот Александар Пандов смета дека изборниот натпревар меѓу партиите ќе се одвива како своевидно наддавање на политички, економски, социјални теми: висина на просечната плата, зголемување на пензиите, намалување на даноците, ветувања за спроведување капитални проекти, или ветувања за нови километри патишта, странски инвестиции… Но и Пандов смета дека тоа што досега не се официјално објавени конкретни целосни програми е резултат на тактизирање на партиите, односно на политичко-маркетиншки процени и одлуки како да се претстават капиталните чекори што планираат да ги спроведат доколку ја освојат власта.

– Мислам дека одложувањето со објавувањето на изборните програми се должи на политичко-партиско тактизирање. Но има и еден друг момент, повеќе практика во изборните постапки, па обично партиите прво излегуваат во јавност со кандидатските листи, а потоа ја објавуваат изборната програма. Логиката е дека таа програма ќе ја спроведуваат предложените кандидати. Што се однесува до формата на програмите, не верувам дека за овие избори треба да очекуваме „книжевен формат“ на понудата.

Не верувам ни дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја примени повторно таа практика на книга-програма, туку очекувам својата понуда да ја претстави таксативно. Од друга страна, и досега изборните програми на СДСМ повеќе биле изборен памфлет отколку издание во голем формат. За овие избори, и неколку помали партии гласно најавија претензии за освојување места во парламентот, но, според навестувањата на нивните лидери при јавните настапи, не очекувам од нив некои сериозни програми. Според досегашните лицитирања на овие претенциозни лидери, за нивните идни политички дејства, ми се чини дека нивните програми во голема мера немаат допир со реалноста и се граничат со научна фантастика – вели Александар Пандов.

Партиите треба да ги објават своите кандидатски листи до 12 март, па според досегашната практика, се очекува програмите да ги претстават на некој начин пред официјалниот почеток на изборната кампања, на 23 март.
Повеќе соговорници од граѓанските иницијативи истакнуваат дека не треба да се потценуваат граѓаните и дека партиите треба да состават издржани програми, да им ги поделат на граѓаните, кои ќе имаат време да ги прочитаат и, врз основа на така формираното мислење, основано и рационално да го дадат гласот на изборите во интерес што би требало да биде многу повисок од теснопартискиот.