Фото: Игор Бансколиев

И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ кратко по завршувањето на изборниот процес, по првичните пристигнати партиски резултати, говореа за изборна победа. СДСМ соопштуваше за предност од тројца пратеници по 75 отсто обработени податоци, додека ВМРО-ДПМНЕ исто така најавуваше водство. Победа прогласи и ДУИ, но и Алијансата за Албанците. Мала дамка на изборниот процес доцна синоќа фрли застојот во ДИК. Изненадувачки, системот за следење на изборните резултати што ДИК го најавуваше како решение што ќе понуди резултати за еден час, синоќа падна и јавноста остана без точна информација многу подолго од еден час за исходот од гласањето. Според информации од ДИК, страницата била цел на хакерски напад од надвор

Првпат во плурализмот во Македонија вчера се одржаа парламентарни избори во услови на пандемија на ковид-19, на кои под силни здравствени протоколи се одвиваше самиот чин на гласањето и на кои сите партии прогласија победа.
И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ кратко по завршувањето на изборниот процес ,по првичните пристигнати партиски резултати, говореа за изборна победа. СДСМ соопштуваше за предност од тројца пратеници по 30 отсто обработени податоци, додека ВМРО-ДПМНЕ за водство од седум до осум пратеници.
Победа прогласи и ДУИ, но и Алијансата за Албанците, така што до затворањето на весникот, нешто по 23 часот, немаше официјална информација за резултатот на изборите, бидејќи системот за следење на изборните резултати што ДИК го најавуваше како решение што ќе понуди резултати за еден час, синоќа падна и јавноста остана без точна информација многу подолго од еден час за исходот од гласањето.
Според информации од ДИК, страницата била цел на хакерски напад од надвор.
Вчерашните избори, десетти парламентарни, а петти предвремени, првпат се одржаа во среда, наместо во недела, и ги окарактеризира солиден одзив со оглед на здравствената криза. Одзивот, според ДИК, до 20.45 часот, 15 минути пред затворањето на гласачките места, изнесуваше 50,86 отсто.
Она што, секако, беше забележливо за време на гласањето е малиот број изборни нерегуларности, така што може да се каже дека вчерашниот изборен ден мина во фер и демократска атмосфера.

Помали забелешки, од типот на фотографирање на гласачкото ливче и агитирање, имаше на неколку изборни места.
Претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Дерковски, им честита и им се заблагодари на граѓаните за „изразениот демократски капацитет“.
Задоволство од изборниот процес непосредно по затворањето на гласачките места искажа генералниот секретар на СДСМ и шеф на нивниот изборен штаб, Љупчо Николовски, кој рече дека првичните резултати покажуваат голема победа на СДСМ.
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, рече дека граѓаните ја сфатиле сериозноста во која се наоѓа државата и излегле да ја казнат актуелната власт.
Тој забележа и за нерегуларности од, како што рече, различна природа, кои, според него, се дело на СДСМ, како случаи на поткуп, притисоци врз администрацијата, агитирање за време на изборниот молк.
– Победуваме, победуваме во Македонија – истакна Јанушев, кој спомна дека по преработени 20 отсто од гласачките места, ВМРО-ДПМНЕ има предност од 10.000 гласа и дека очекуваат седум-осум пратеници предност.

Задоволство од изборниот процес изрази и портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, кој рече дека исто така очекуваат победа и дека веќе од денеска ги почнуваат преговорите за формирање нова влада. Истовремено ги повика другите албански партии да се приклонат кон концептот на ДУИ.
Голема победа прогласи и Арбен Таравари од Алијансата за Албанците.
МВР ги оцени изборите како фер и демократски, иако за време на изборниот ден регистрирало 151 настан, при што биле приведени осум лица.
– Овие парламентарни избори минаа во мирна, фер и демократска атмосфера и се уште еден доказ како за демократската свест на граѓаните, така и за капацитетите на институциите, пред сè на МВР, кое постапуваше крајно одговорно, бескомпромисно, неселективно и во согласност со законските надлежности – оцени синоќа министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.

Комисијата за следење евентуални нерегуларности поврзани со извршување кривични дела против изборите и гласањето констатира дека парламентарните избори се одвиваа во мирна атмосфера, без значителен број на изборни нерегуларности.
– Во основните јавни обвинителства и на електронската адреса на која граѓаните можеа да пријават сомнение за сторено кривично дело поврзано со изборите и гласањето пристигнаа вкупно 24 известувања за настани случени во текот на изборниот процес, вклучувајќи и денеска во текот на гласањето. Во голем дел од пристигнатите известувања не се утврдени елементи на сторени кривични дела за кои гонењето се презема по службена должност и кои се предвидени во Глава 16 од Кривичниот законик. За преостанатите известувања, јавните обвинители преземаат дејства во предистражна постапка за да се утврдат постоењето на кривичното дело и сторителот – изјави синоќа јавниот обвинител Џелал Бајрами, претседател на Комисијата за следење евентуални нерегуларности поврзани со извршување кривични дела против изборите и гласањето.